Смрт во Венеција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Смрт во Венеција  
Smrtvovenecija.jpeg
Автор Томас Ман
Земја Германија
Јазик Германски
Жанр(ови) новела
Издавач С. Фишер Верлаг
Издадена 1912 год.
Медиум Печатена (тврди и меки корици)
Страници 170
OCLC 71208736
„Смрт во Венеција“ на германски јазик

Смрт во Венеција е кус роман на германскиот писател Томас Ман, објавен во 1912 год. Главниот лик во повеста е познат писател кој заминува за Венеција како би ги расчистил сите психолошки проблеми кои го мачеле. Таму сретнал едно момче, кое за него претставувало симбол на совршенството.[1] Иако никогаш не му проговорил, ниту пак имал интимен контакт, сепак чувствувал неодолива страст кон младото момче. Ниту надојдената колера во градот не го присилила писателот да го напушти неговиот објект на визуелно задоволство. Смрт во Венеција е психолошки роман, чија главна тема е врската помеѓу љубовта и смртта, т.е. врската помеѓу античките богови Ерос и Танатос.[2] Постојат мислења дека момчето Таџио е всушност вистински лик, кој Ман го видел при една посета на Венеција.

Содржина[уреди | уреди извор]

Густав фон Ашенбах бил средовечен писател кој живеел во Минхен. Чекајќи на автобуската станица, имал привидение како непознат човек го набљудува, што му создало силен внатрешен немир. Решил да замине на долг одмор во некој егзотичен европски град, како би можел да си ги среди своите разбранувани емоции. Втората глава е мала ретроспекција на неговата писателска кариера и на големиот успех кој го постигнал благодарение на неговата творечка дејност.[3]

Патувајќи со брод преку Пула и Трст до крајната дестинација, забележал старец облечен во облека карактеристична за младите. Без разлика што старецот се трудел да се однесува како младите, поради својата слабост и немоќ не можел да го следи нивниот животен ритам. По симнувањето од бродот, со гондола се упатил кон хотелот во Лидо ди Џесоло. Притоа имал мало недоразбирање со своеглавиот гондолиер, за кого на крајот се испоставило дека нелегално превезувал туристи.

Наредното утро, појадувајќи во хотелот, Ашенбах за првпат го запознал Таџио, кој за него претставувал олицетворение на совршенството. Таџио, нагалено од Тадеуш, бил дете на едно полско семејство, кој бил омиленото и разгалено синче во таа фамилија. Ашенбах бил опседнат од божествената убавина на Таџио, па постојано го гледал како си игра на плажата, па дури и започнал да го следи по венецијанските сокаци. Тоа момче ја вратило уметничката инспирација и желбата за творење кај Ашенбах, а овој никако не сакал да го загуби својот објект на емоционално задоволство.

И покрај тоа што писателот дознал за епидемијата на колера која се ширела низ градот, се решил да остане покрај симпатичното момче. Во него желбата за убавина го победила стравот од смртта, и така се случило Венеција да биде местото каде Ашенбах испуштил душа. Умрел онака како што живеел, осамен на пустата плажа, но среќен бидејќи го гледал Таџио за последен пат, општата идеализација на убавината.

Алузии[уреди | уреди извор]

Вистинскиот Таџио[уреди | уреди извор]

Сопругата на Томас Ман, Катја (во книга од 1974) тврди дека идејата за приказната дојде за време на вистински одмор во Венеција, кој таа и Томас го зедоа во текот на летото во 1911 година:

Сите детали од приказната, почнувајќи од човекот кај гробиштата, се земени од искуство... Во трпезаријата, на првиот ден, ја видовме полската фамилија, која изгледаше токму исто како што мојот сопруг ги опиша: девојките биле облечени здрвено и сериозно, и многу симпатично, убаво момче од околу 13 било облечено во морнарски костум со отворена јака и многу убава тантела. Го фати вниманието на мојот сопруг веднаш. Ова момче било неверојатно привлечно, а маж ми секогаш го гледаше со своите придружници на плажа. Тој не го следел низ цела Венеција, тоа тој не го направил, но момчето го фасцинираше и мислеше на него често... Јас сеуште се сеќавам како мојот чичко Фридберг, бил бесен: “Каква приказна! И тоа оженет маж со семејство!"[4]

Момчето што го инспирирал "Таџио" бил Барон Владислав Моес, чие име е обично скратено како Влаџио или само Аџио. Оваа приказна е откриена од страна на преведувачот на Томас Ман, Анджеј Долеговски, околу 1964 година, а била објавена во 1965 година. Некои извори тврдат дека Моес не дознал за ова додека не ја видел филмската верзија на романот во 1971.

Владислав Моес бил роден на 17 ноември 1900 година во Уиербка, вториот син и четвртото дете на баронот Александар Јулиј Моес. Тој бил 10 години кога бил во Венеција, значително помлад од Таџио во новелата. Барон Моес починал на 17 декември 1986 година во Варшава. Тој бил предмет на биографијата Вистинскиот Таџио, напишана од страна на Гилберт Адер.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сакам книги Рецензија на романот
  2. Divian Arts Мистиката во делото на Ман
  3. primetime.mk Книга на неделата
  4. Katia Mann, Unwritten Memories

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]