Сиромаштија
Сиромаштијата претставува недостиг на неопходни производи како храна, облека, живеалиште и здрава вода за пиење, што резултира со низок животен стандард. Сиромаштијата подразбира како состојба кога основните потреби се поголеми од можностите за нивно задоволување.
Дефиниција на сиромаштијата
[уреди | уреди извор]Постојат повеќе дефиниции на сиромаштијата:[1]
- Харолд Вотс дава поширока дефиниција според која сиромаштијата претставува „недостаток во однос на располагањето со добрата..., сериозно нарушување на можноста на луѓето да изберат структура на добра која ќе ја подигне нивната благосостојба.“
- Според Мартин Равалион, „во едно општество постои сиромаштија кога едно или повеќе лица го немаат потребното ниво на економска благосостојба со кое можат да го достигнат минималното ниво на животен стандард во соодветното општество.“
- Питер Таунсенд ја дефинира сиромаштијата на следниов начин: „Поединците, домаќинствата и групите на луѓе се сметаат за сиромашни ако имаат недостаток на средства неопходни за задоволување на своите потреби, како и ако не можат да учествуваат во општетсвените текови. Поради тоа што нивниот расположлив доход е под доходот на просечното домаќинство, тие се исклучени од основниот модел на живеење, обичаите и активностите.“
- Евростат ја дава следнава дефиниција на сиромаштијата: „Како сиромашни се сметаат лицата, домаќинствата и групите на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат.“
Видови сиромаштија
[уреди | уреди извор]Можат да се разликуваат три типа на сиромаштија: апсолутна, релативна и субјективна. Апсолутна сиромаштија претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби, односно таа се поврзува со минималните трошоци за опстанок на лицето или домаќинството. Притоа, апсолутната линија на сиромаштијата е фиксирана во однос на времето и просторот. Релативна сиромаштија е недостаток од ресурси кои ги оневозможуваат поединците и домаќинствата да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да живеат во животни услови кои се вообичаени за општествата на кои им припаѓаат. Релативната линија на сиромаштијата се заснова на поставување произволна линија на сиромаштијата врз основа на просечната (медијална) потрошувачка во земјата, односно врз некој релативен стандард за опстанок на домаќинствата. На пример, релативната линија на сиромаштијата може да биде поставена на нивото од 50 % или 60 % од просечната потрошувачка на домаќинствата во една земја. Субјективната сиромаштија ги одразува личните заклучоци (перцепции) на луѓето за тоа што претставува минимално прифатливо ниво на животниот стандард во земјата.[2]
Во развојната економија, во разработката на сиромаштијата се присутни неколку концепти, како:[3]
- според концептот на доходна (монетарна) сиромаштија, поединецот се смета за сиромашен ако неговиот доход е под утврдената линија (праг) на сиромаштијата, која пак најчесто се дефинира како нивото на доход кое обезбедува определено количество храна.
- концептот на основните потреби ја дефинира сиромаштијата како недостаток на потребни материјални добра (стоки и услуги) кои се неопходни за минимално задоволување на човековите потреби, вклучуваји ја и храната. Овој концепт е поширок од доходната сиромаштија и ги вклучува и основната здравствена заштита и образованието, како и основните услуги кои треба да ги обезбеди државата.
- според концептот на способностите, сиромаштијата претставува недостаток (отсуство) на некои основни способности за опстојување на луѓето, и тоа: физички (храна, живеалиште, облека итн.) и општетсвени (активно учество на човекот во заедницата); својствено за овој концепт е тоа што ги изедначува апсолутната и релативната сиромаштија.
- концептот на човековиот развој оди чекор понатаму и ја поврзува сиромаштијата со немањето можности за избор на поединецот, што повторно е поврзано со образованието, здравјето и обезбедувањето пристоен животен стандард.
Сепак, во практиката, најприменуван е концептот на доходната (монетарната) сиромаштија.
Според концептот на човековиот развој, сиромаштијата има повеќе димензии, кои не може да ги опфати концептот на доходната сиромаштија. Оттука, концептот на човековиот развој воведува ново мерило на сиромаштијата — индексот на човековата сиромаштија (англиски: Human poverty index), кој ги комбинира основните аспекти на сиромаштијата: краткиот живот, недостатокот на основно образование и немањето пристап до јавните и до приватните ресурси. Индексот на човековата сиромаштија се мери одделно за сиромашните и за богатите земји. Така, индексот за недоволно развиените земји, овој индекс (HPI-1) опфаќа три елементи: должината на животот (процентот од населението за кој се очекува дека нема да доживее 40 години), знаењето (процентот од возрасните кои се неписмени) и животниот стандард (процентот од населението со пристап до здравствени услуги, процентот од населението со пристап до здрава вода за пиење и процентот на недоволно нахранети деца до петгодишна возраст). Индексот на жовековата сиромаштија за развиените земји (HPI-2) ги содржи истите елементи како индексот за неразвиените земји: должината на животот (процентот на луѓето кои нема да доживеат 60 години), знаењето (процентот од возрасните лица кои се функционално неписмени, според дефиницијата на ОЕЦД) и животниот стандард (процентот на луѓето кои живеат под линијата на сиромаштијата, определена како 50% од просечниот расположлив доход на поединецот), но содржи и четврта компонента, а тоа е исклученоста (стапката на долгорочната невработеност, т.е. стапката на невработени лица подолго од 12 месеци).[4]
Сиромаштијата во светот
[уреди | уреди извор]Според податоците на „Еуростат“, во 2012 година, стапката на сиромаштија во ЕУ-28 и во ЕУ-23 изнесувала 16,7%, а во новите членки на ЕУ, таа се движела од 14,5% во Словенија, преку 19,5% во Хрватска, 21% во Бугарија и 22,4% во Романија. Истовремено, стапката на сиромашни или социјално исклучени лица (т.н. индикатор АРОПЕ) во 2013 година изнесувал 24,5% во ЕУ-28 и 23% во ЕУ-23, додека во новите членки на ЕУ, овој индикатор изнесувал: 48% во Бугарија, 29,9% во Хрватска, 20,4% во Словенија и 40,4% во Романија.[5]
Сиромаштијата во Македонија
[уреди | уреди извор]Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2013 година, стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 24,2%, а претходно, таа изнесувала 26,2% во 2012 година и 27% во 2010 година. Прагот на сиромаштија за четиричлено семејство со две деца на возраст под 14 години изнесувал 147.578 денари годишно, т.е. 12.298 денари месечно или 3.074 денари месечно по член на семејството, односно 102 денари дневно. Притоа, стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери била уште повисока и изнесувала 41%, а сиромаштијата била најголема (49,9%) кај семејствата со двајца возрасни и три или повеќе деца. Набљудувано по одделни категории, стапката на сиромаштија изнесувала 29,9% кај самохраните родители со издржувани лица, 11,1% кај вработените, 43,7% кај невработените, 10,9% кај пензионерите и 29,2% кај другите економски неактивни лица. Најпосле, стапката на сиромашни или социјално исклучени лица (АРОПЕ) изнесувала 48,1%.[5]
Во Македонија, во 2013 година, дури 41% од населението живеело под линијата на сиромаштијата, т.е. со помалку од пет долари на ден, со што Македонија се наоѓала на второто место во Централна и Источна Европа, веднаш по Албанија.[6]
Според податоците на Државниот завод за статистика,[7] стапките на сиромаштија во Република Македонија во периодот 1994-1996 година, мерено според критериумот 60% од медијалните еквивалентни трошоци, се:
| Година | Стапка на сиромаштија (%) |
|---|---|
| 1994 | 9,0 |
| 1995 | 16,2 |
| 1996 | 18,3 |
Според податоците на Државниот завод за статистика,[8][9] стапките на сиромаштија во Република Македонија во периодот 1997-2011 година, мерено според критериумот 70% од медијалните еквивалентни трошоци, се:
| Година | Стапка на сиромаштија (%) | Индексот на длабочина на сиромаштијата |
|---|---|---|
| 1997 | 19,0 | 4,6 |
| 1998 | 20,7 | 5,1 |
| 1999 | 21,0 | 5,7 |
| 2000 | 22,3 | 6,0 |
| 2001 | 22,7 | 5,4 |
| 2002 | 30,2 | 9,3 |
| 2003 | 30,2 | 9,4 |
| 2004 | 29,6 | 9,4 |
| 2005 | 30,0 | 9,7 |
| 2006 | 29,8 | 9,9 |
| 2007 | 29,4 | 9,7 |
| 2008 | 28,7 | 9,2 |
| 2009 | 31,1 | 10,1 |
| 2010 | 30,9 | 10,9 |
| 2011 | 30,4 | 9,3 |
Според Милениумските развојни цели, сиромаштијата во Македонија треба да биде намалена на 9,5 % до 2015 година. Оваа висина е квантифицирана со преполовување на официјалната стапка на сиромаштија од 19 %, измерена во 1997 година.[10]
Според Анкетата за приходите и условите за живеење, во 2021, 2022 и 2023 година, стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 23 %, 22,9 % и 22,2 %, соодветно. Набљудувано по одделни категории, во периодот од 2019 до 2023 година дошло до зголемување на стапката на сиромаштија на пензионерите, од 7,7 % на 11,3 %.[11]
| Тип на домаќинство | Стапка на сиромаштија |
|---|---|
| Домаќинства без издржувани деца | 16,4 % |
| Самечки домаќинства (еден возрасен член под 65 год.) | 24,2 % |
| Самечки домаќинства (еден возрасен член над 65 год.) | 20 % |
| Самица | 22,1 % |
| Самец | 20,8 % |
| Домаќинства од две лица под 65 год. | 19,9 % |
| Домаќинства со три или повеќе возрасни лица | 10,1 % |
| Домаќинства со издржувани лица | 26,1 % |
| Самохран родител со издржувани лица | 45 % |
| Домаќинства од двајца возрасни и здржувано дете | 14,2 % |
| Домаќинства од двајца возрасни и две издржувани деца | 17,8 % |
| Домаќинства од двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца | 48,9 % |
| Домаќинства од двајца возрасни | 21,1 % |
Сиромаштијата како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]Сиромаштијата како мотив во народната книжевност
[уреди | уреди извор]Сиромаштијата како мотив во книжевноста
[уреди | уреди извор]- „Очите на сиромавиот“ - песна во проза на францускиот поет Шарл Бодлер.[17]
- „Селска сиромаштија“ — песна на македонскиот поет Јован Котески.[18]
- „Немаштија“ — песна на македонскиот поет Јован Котески.[19]
- „Постелата единствена јахта на сиромавиот“ (хрватски: Postelja jedina jahta siromaha) - песна на хрватскиот писател Мирослав Крлежа.[20]
- „Ненаситност и сиромаштија“ — расказ на хрватскиот писател Вјенцеслав Новак.[21]
- „За сиромашните луѓе (Томас де Квинси)“ — песна во проза на францускиот поет Жак Превер.[22]
Сиромаштијата како мотив во музиката
[уреди | уреди извор]- „По ѓаволите со сиромаштијата“ (англиски: To Hell with Poverty) — песна на британската рок-група Генг оф фор (Gang Of Four) од 1982 година.[23]
- „Убиј ги сиромашните“ (англиски: Kill the poor) — песна на американската панк-рок група Дед Кенедис (Dead Kennedys) од 1980 година.[24]
- „Вили и сиромашните момчиња“ (англиски: Willy And The Poor Boys) — албум на американската рок-група Криденс Клирвотер Ривајвл (Creedence Clearwater Revival).[25]
- „Сиромаштија“ (англиски: Poverty) — композиција на италијанскиот композитор Енио Мориконе.[26]
- „Сиромашни и богати“ — песна од истоимениот албум на македонската рок-група Хахаха од 2012 година“.[27]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Јорде Јакимовски (ур.) „Тенденциите на сиромаштијата и можностите за нејзино намалување“, Скопје, 2001.[мртва врска]
- Иван Петрушевски „Што преземаат граѓанските организации за намалувањето на сиромаштијата“ Архивирано на 20 ноември 2007 г.
- Филип Андревски „Може ли да се намали сиромаштијата?“ Архивирано на 21 ноември 2007 г.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 306.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 308.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 303-304.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 324-332.
- 1 2 Александра Филиповска, „Над 830.000 Македонци имале тешкотии со плаќање сметки и рати од кредит“, Дневник, година XIX, број 5755, сабота, 2 мај 2015, стр. 8-9.
- ↑ Економија и бизнис, година 17, број 187, јануари 2014, стр. 70.
- ↑ „Blagica Novkovska (2002) "Measurement of the welfare in transition countries: Conditions and perspectives in the Republic of Macedonia", p. 3“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-05-25. Посетено на 2006-05-25.
- ↑ Државен завод за статистика „Сиромаштија во Република Македонија“ (2007-2011)
- ↑ „„Извештај на Република Македонија за напредокот во остварувањето на милениумските развојни цели", 2009, 18-20 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-12-24. Посетено на 2010-12-13.
- ↑ „„Извештај на Република Македонија за напредокот во остварувањето на милениумските развојни цели", 2009, 18 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-12-24. Посетено на 2010-12-13.
- ↑ Митко Јовановски, „Домаќинствата со повеќе членови во маѓепсаниот круг на сиромаштијата!“, Економија и бизнис, година 28, број 340, 1 октомври 2025, стр. 25-27.
- ↑ Митко Јовановски, „Домаќинствата со повеќе членови во маѓепсаниот круг на сиромаштијата!“, Економија и бизнис, година 28, број 340, 1 октомври 2025, стр. 25.
- ↑ Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 148-158.
- ↑ Пољске бајке. Београд: Народна књига, 1974, стр. 77-81.
- ↑ Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 108-121.
- ↑ Мађарске бајке. Београд: Народња књига, 1974, стр. 46-54.
- ↑ Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 79-81.
- ↑ Јован Котевски, Пеплосија. Мисла, Скопје, 1966, стр. 33.
- ↑ Јован Котевски, Пеплосија. Мисла, Скопје, 1966, стр. 39-40.
- ↑ Miroslav Krleža, Lirika. Sarajevo: Svjetlost, 1966, стр. 57-58.
- ↑ Вјенцеслав Новак, Ненаситност и сиромаштија (расказ). Скопје: „Кочо Рацин“, 1951.
- ↑ Жак Превер, Чари велеграда. БИГЗ, Београд, 1972, стр. 169.
- ↑ Gang Of Four – Another Day/Another Dollar (пристапено на 9.5.2023)
- ↑ Discogs, Dead Kennedys – Fresh Fruit For Rotting Vegetables (пристапено на 9.9.2022)
- ↑ YouTube, CCR - Willy And The Poor Boys - Full Album (пристапено на 23.12.2017)
- ↑ Verona Jazz, Muzica Jazz No. 6/96, 1996.
- ↑ Хахаха, Сиромашни и богати, HMRL 027, Moonlee Records, 2012.
| Оваа статија од областа на економијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
|