Пол Верлен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пол Верлен
Netsurf17 - Paul Verlaine.png
Пол Верлен како младич
Име Paul Verlaine
Роден/а 30 март 1844(1844-03-30)
Мец, Франција
Починат/а 8 јануари 1896(1896-01-08) (воз. 51 г.)
Париз, Франција
Занимање поет
Жанр симболизам

Потпис
Родната куќа на Верлен во Мец — денес негов музеј

Пол-Мари Верлен (француски: Paul-Marie Verlaine; 30 март 18448 јануари 1896) — прочуе француски поет, еден од основоположниците на симболизмот во книжевноста. Припаѓа на најистакнатите претставници на творештвото во периодот фен де сјекл на меѓународната и француската поезија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Младост[уреди | уреди извор]

Верлен е роден во Мец, северозападна Франција. Се школувал во Империјалниот лицеј „Бонапарт“ (денес Лицеј „Кондорсе“) во Париз, па стапил во државна служба. Почнал да пишува поезија мошне млад, најпрвин повлијаен од парнасовството и неговиот предводник, Леконт де Лил. Во 1863 г. ја објавил првата песна, во часописот La Revue du progrès основана од Луј-Гзавје де Рикар. Верлен бил чест гостин во салонот на маркизата Рикар[1] (мајка на издавачот), како и во разни други друштвени прилики каде се мешал со истакнати дејци како што се Анатол Франс, Емануел Шабрие, Шарл Кро, Вилје де Лил-Адам, Теодор де Банвил, Франсоа Копе, Хозе-Марија де Ередија, Леконт де Лил, Катил Мендес и други. Верлен се истакнал како надежен и оригинален поет со првата стихозбирка, насловена како „Сатурнски песни“ (1866)[2], иако за неа добил неповолни мислења од критичарот Сент-Бев.

Брак и воени ангажмани[уреди | уреди извор]

Личниот живот на Верлен се прелева во неговите дела, почнувајќи од заљубувањето во Матилда Моде де Флервил, со која се оженил во 1870 година.[3] Со прогласувањето на Третата Република, Верлен се приклучил во CLX баталјон на Националната гарда, и во 1871 година тој станал комунар. Како дел од револуционерната дејност, застанал на чело на службата за печат при Централниот комитет на Париската комуна, но успеал да избега од ужасните вооружени пресметки во „крвавата недела“ и пребегнал во Па де Кале.

Врски со Рембо и Летиноа[уреди | уреди извор]

Верлен на средни години

Верлен се вратил во Париз во август 1871 година и во септември го добил првото писмо од Артур Рембо. Следната година, тој ги напуштил сопругата и синот Жорж и започнал љубовна врска со Рембо.[2] НА 8 јули 1872 година, Верлен и Рембо заминале во Брисел, а потоа во Лондон и во Луксембург. За време на нивниот престој во Брисел, се случил најголемиот инцидент меѓу двајцата поети, кога Верлен во пијанство и љубомора двапати го застрелал Рембо во левата рака, иако без посериозни повреди. [4]Поради овој настан, Верлен завршил во затвор во Монс, каде станал католик. Ова преобраќање на верата се одразило врз неговите дела, но и врз мислењето на Рембо, кој му упатувал остри критики на таа тема.

Делата во стихозбирката „Песни без зборови“ (објавена во 1874 г. додека Верлен бил во затвор) се напишани помеѓу 1872 и 1873 г. и вдахновени од носталгичните спомени на животот со сопргата Матилда, но и од љубовната врска со Рембо. По неоговото пуштање од затвор, Верлен повторно отишол во Англија. Во Стикни (Линколншир) неколку години работел како наставник по француски, латински, старогрчки и цртање.[5] Оттаму, продолжил да учителствува во Бостон (исто така во Линколншир), а потоа и во Борнмут.[6] Додека живеел во Англија, ја издал успешната стихозбирка „Мудрост“. Во 1877 г. се вратил во Франција и станал наставник по англиски во Ретел. Таму се заљубил во ученикот Лисјен Летиноа, кој пак го инспирирал да продолжи со пишување поезија. Во 1883 г. Летиниоа починал од тифус, што страшно го погодило Верлен.

Старост[уреди | уреди извор]

Во последниот дел од животот, Верлен западнал во зависност од дрога, алкохолизам и живеел во беда. Живеел во најбедните населби и јавните болници, минувајќи ги деновите во пиење абсинт во париските кафетерии. За среќа, неговите рани дела станале повторно актуелни, што му донело приходи. Неговиот начин на живот и необичното однесување почнале да предизвикуваат восхит кај граѓаните, и во 1894 г. бил почестен со титулата „Принц на поетите“.[7]

Поетското творештво на Верлен станало исклучително ценето како пресвртничко и послужило како инспирација за композиторите. Габриел Форе искомпонирал повеќе напеви како циклусот четири мелодии „од Венеција“ и „Добра песна“ кои тематски се сместени во песните на Верлен.[8] Клод Дебиси создал музика за песната „Месечева светлина“ (Clair de lune), како и за шест песни од стихозбирката „Галантни свечености“.[9] Белгиско-британската композиторка под псевдонимот Полеовски (ќерка на Хенрик Вјењавски) искомпонирала музика за дури 21 песна од творештвото на авторот.

Зависноста од дрога и алкохолизмот конечно го надвјасале, и Верлен починал на 8 јануари 1896 година, од воспаление на белите дробови, на возраст од 51 година. Бил погребан на гробиштата Батињол, а на неговиот погреб, во присуство на многу пријатели, поети и љубители на поезијата, зборувале Маларме и Жан Мореас.[10]

Стил[уреди | уреди извор]

Верлен како пие абсинт во кафетерија (1892)

Најголемиот дел од француската поезија напишана во периодот фен де сјекл била окарактеризирана како декадентна поради упадливата содржина и моралитет. Самиот Верлен го сковал изразот „проколнат поет“ (poète maudit) за да опише разни поети како Стефан Маларме, Артур Рембо, Алојзиус Бертран, Лотреамон или Алис де Шамбрије, кои биле поборници против поетските норми и затоа се соочувале со општествена осуда или намерно занемарување кај критичарите. Меѓутоа, почнувајќи од 1886 г., ова книжевно опкружување станало познато како симболизам, по објавувањето на „Симболистички манифест“ на Жан Мореас. Верлен, Маларме, Рембо, Пол Валери, Албер Самен и многу други почнале да се нарекуваат „симболисти“. Честопати нивните творештва делат иста тематика напоредна на Шопенхауеровата естетика и поимувањата за волјата, кобноста и несвесни сили, и ги обработуваат темите како половиот однос (како проститутките), градот, ирационалните појави (бунилото, сништата, наркотиците, алкохолот), но понекогаш и недоречено среденовековно опкружување. Во нивната поезија, симболистите (чијшто типичен претставник е Верлен) суптилнo го поведуваат читателот наместо да дадат јасен исказ (реториката била забранета) со цел да побудат чувства. Во прилог на ова, тие користат каденца (музикалност) и внесуваат новини во метриката.

Критички осврт кон делото на Верлен[уреди | уреди извор]

Верлен започнал да пишува под влијание на Иго и Бодлер, а најпрвин бил салонски поет во духот на парнасовците. Во 1866 година ја објавил првата збирка поезија „Древни песни“, а во 1869 година излегла неговата втора збирка „Галантни свечености“, инспирирана од „сонот на 18. век“ и од сликарството на Антоан Вато. Иго, Маларме и Теодор де Банвил го поздравиле излегувањето на книгата, која претставува триумф на тагата, отсутноста и смртта на љубовта. Во книгата преовладуваат меланхолични пејзажи и свежи, меки, сини сенки (во што се насетува неговито подоцнежен импресионизам), пасторални ватоовски штимунг и мисли серенади. Во 1870 година ја завршил збирката „Добрата песна“ за која Иго со восхит забележал дека е „цвеќе во граната“.[11]

Верлен е најистакнатиот претставник на импресионизмот во книжевноста. Според А. Адам, одредени песни од „Белгиските пејзажи“ ја создаваат поезијата на изразениот импресионизам, во она смисла на зборот што ќе се појави по 15 години во сликарството. Во 1874 година се појавило најимпресионистичкото дело на Верлен, збирката „Романси без зборови“. Верлен ја третирал поезијата на истиот начин како што твореле импресионистите во сликарството: тој не обрнувал внимание на појавите, а бил преосетлив на боите и тоновите, на музичката структура на зборовите и песните. Оттука, неговата поезија зачудува првенствено со отсуството на анегдотичност. Според зборовите на О. Надал, „одредени песни збунуваат со посебноста на сензациите, со деликатниот распоред на боите, со дијапазонот на клавијатурата и чистата звучност. Барањето поетски јазик без зборови, бродоломот на смислата на зборовите на моќните текови на музиката и сликите, сведочат дека Верлен одлучно скршнал кон уметноста чија основа требало да биде сензацијата“. Навистина, во септември 1872 година, додека бил во Лондон, Верлен пишувал за својата нова поетика која е „сосема модернистичка“, мислејќи на „Романсите без зборови“. Во тоа писмо, тој пишувал дека размислува потполно да го отстрани човекот од својата нова збирка, на сметка на предметите и пејзажите, велејќи дека „тоа ќе биде многу музикално, но без инфантилноста во стилот на По...и живописно во најголема можна мерка“. Меѓутоа, веќе во пролетта [1873]] година, Верлен започнал да се оддалечува од импресионизмот, така што збирката „Романси без зборови“ не ги почитувала доследно импресионистичките принципи.[12]

Верлен не ја посеудвал творечката сила на Иго или мистичната длабочина на Бодлер, но затоа пак, тој бил најмузикалниот поет на своето време. Неговите песни се приближуваат до акварелите на Вилијам Тарнер, исполнети со проѕирни тонови и треперливи нијанси. Како и Маларме, и тој изразил отпор кон вкочанетоста на парнасовската поезија и на студениот александринец му всадил флуидност и намерни дисонанси. Навистина, во основа ѝ останал верен на традиционалната прозодија, но сепак, тој постојано импровизирал и откривал нови можности во поетската материја и, особено во однос на версификаторските способности, ја изедначувал поетската творба со народната шансона. Во таа смисла, Клодел напишал: „Од поезијата на Верлен се воскрева најчиста и најчувствителна музика, и сите негови дела се неспоредливо единство на душата и телото низ најсуптилни мелодии.“ Уште повеќе, Антоан Блонден рекол дека дури и неговото име завучи како чиста музика.[13]

Во 1881 година се појавила збирката „Мудрост“, која била одраз на длабоката психичка криза во која западнал Верлен откако бил затворен поради тоа што пукал во Рембо. Поради тоа, во оваа збирка артизмот бил сведен на најмала мерка, заедно со импресионизмот и симболизмот, така што таа може да се опише како чиста спиритуалност изразена со средствата на една стога уметност. Оваа книга претставува негова најискрена поетска исповед, исполнета со длабоко покајување и со надеж („француска надеж“, како што самиот се изразил во предговорот).[14] Така, во предговорот стоело: „Авторот на оваа збирка не мислел секогаш како што мисли денес. Тој долго скитал во светот на современата корупција, при што и самиот тој имал учество во грешките и незнаењето. Потоа беше опоменат со некои сосема заслужени маки и господ му ја искажал милоста да го сфати предупредувањето. Тогаш, тој се фрли на колена пред долго непризнаваниот олтар“. Всушност, целиот свој живот Верлен го поминал растгрнат меѓу верскиот мистицизам и боемството. Оттука, некои негови песни, особено од последната поетска фаза, кога тој целосно се откажал од барањето на Бога, се граничат со порнографијата. Во тој поглед, Ришар тврди сека Верленовиот мистицизам воопшто не се оддалечува од либидото и една фројдовска анализа би покажала дека неговото повремено враќање кон верата претставува само сложен, но јасно одреден, пат на либидоносниот кошмар.[15] Според многумина, „Мудрост“ е најдобрата збирка на Верлен.[16]

По збирката „Мудрост“, која му донесла голема слава, Верлен започнал да се приклонува кон школата на декаденцијата, залагајќи се за поезија на искрена непосредност. Сепак, ни тогаш, тој не станал целосно дел од ниедно поетско движење, бидејќи кај него се зацврстило убедувањето дека уметноста „значи да се биде потполно свој“ и дека поетот нема никаква друга задача, освен да пее, како знае и умее. Таквото сфаќање на поезијата најдобро се одразува во неговите последни поетски збирки, кои се без никаква длабока мисловна структура и толку збогатени со музикалноста, што понекогаш личат на евтини кафански шансони.[17]

Верлен сакал да ја продолжи Бодлеровата традиција и недвосмислено ги третирал истите теми, понекогаш дури под најнепосредно влијание на Бодлер. Но, за разлика од Бодлер, Верлен бил „примитивен“ поет, т.е. поет со душа на дете, вешт и верен на играта, со божја дарба на музикалност, но без длабочина. Всушност, во последната фаза од своето творештво, особено по дружењето со Рембо, Верлен станал свесен за своите недостатоци и затоа се пресметал со една од своите најубави и најкарактеристични збирки, „Отмени свечености“.[18]

За крајната оцена за вредноста на делото на Верлен не постои согласност. Од една страна, во писмото до Пол Демени, од 15 мај 1871 година, оценувајќи ги француските поети, Артур Рембо напишал дека Пол Верлен е еден вистински поет,[19] а според Жан Ришер, „местото на Врлен во еволуцијата на француската поезија е капитално; тој многу придонесол за слободата на стихот и може да се каже дека ја подготвил појавата на слободниот стих“.[20] Од друга страна, иако кон крајот на животот, Верлен бил многу ценет, така што во 1894 година, по смртта на Леконт де Лил, тој бил прогласен за „принц на поетите“, но сепак, останува фактот дека не извршил поголемо влијание врз натамошниот развој на француската поезија, т.е. Верлен не оставил позначајни наследници, иако неговата религиозна поезија имала мал одраз врз француската спиритуална лирика (Пол Клодел, Мишел Пеги итн.).[21] Уште повеќе, надреалистите целосно го отфрлиле неговото дело и отворено му се потсмевале, препорачувајќи им ја неговата поезија на провинциските професори и на споменарите на младите девојки. Шарл Морас, пак, му замерувал дека ги уништил стилот и јазикот, сведувајќи ја мислата на нула.[22]

Портрети[уреди | уреди извор]

Верлен го насликале повеќе славни уметници, меѓу кои и Анри Фантен-Латур, Антонио де Ла Гандара, Ежен Карјер, Гистав Курбе, Фредерик Казали и Теофил-Александар Стејнлен.

Дела[уреди | уреди извор]

Најзначајни дела на Пол Верлен се:[23]

  • либрета за оперетите „Вокошар и синови I“ (Vaucochard et fils Ier) и „Фиш-Тон-Кан“ (Fisch-Ton-Kan) (1864)[24] (музика: Е. Шабрие)
  • „Шарл Бодлер“ (1865)
  • „Сатурнски песни“ Poèmes saturniens (1866)
  • „Пријатели“ Les Amies (1867)
  • „Галантни свечености“ Fêtes galantes (1869)
  • „Добра песна“ La bonne chanson (1870)
  • „Песни без зборови“ Romances sans paroles (1874)
  • „Мудрост“ Sagesse (1880)
  • „Проколнатите поети“ Les poètes maudits (1884)
  • „Некогаш и сега“ Jadis et naguère (1884)
  • „Спомените на еден вдовец“ Les Mémoires d'un veuf (1886)
  • „Љубов“ Amour (1888)
  • „За Лудвиг II Баварски“ À Louis II de Bavière (1888)
  • „Напоредно“ Parallèlement (1889)
  • „Посвети“ Dédicaces (1890)
  • „Жени“ Femmes (1890)
  • „Мажи“ Hombres (1891)
  • „Среќа“ Bonheur (1891)
  • „Моите болници“ Mes hôpitaux (1891)
  • „Песни за неа“ Chansons pour elle (1891)
  • „Интимни литурии“ Liturgies intimes (1892)
  • „Моите затвори“ Mes prisons (1893)
  • „Елегии“ Élégies (1893)
  • „Оди во негова чест“ Odes en son honneur (1893)
  • „Во неизвесност“ Dans les limbes (1894)
  • „Епиграми“ Épigrammes (1894)
  • „Исповеди“ Confessions (1895)
  • „Тело“ (1896)
  • „Пцости“ (1896)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Shapiro, Norman R., One Hundred and One Poems by Paul Verlaine, University of Chicago Press, 1999
  2. 2,0 2,1 „Paul Verlaine“. Litweb.net. архивирано од изворникот на 7 август 2007 г.. http://web.archive.org/web/20070807234605/http://www.litweb.net/biography/425/Paul_Verlaine.html. посет. 18 јули 2007 г. 
  3. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  4. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  5. Delahave, Ernst (2006). „Paul Verlaine“. Martin and Bev Gosling. http://www.stickneyhistory.co.uk/res/Documents/paulverlainebyernestdelahave.pdf. посет. 5 септември 2010 г. 
  6. Delahave, Ernst (22 мај 2010). „Biography of Paul Verlaine“. The Left Anchor. http://www.theleftanchor.com/2010/05/biography-of-paul-verlaine.html. посет. 5 септември 2010 г. 
  7. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  8. Orledge, Robert (1979). Gabriel Fauré. London: Eulenburg Books. стр. 78. ISBN 0-903873-40-0. 
  9. Rolf, Marie. Page 7 of liner notes to „Заборавени песни“ by Клод Дебиси, with Dawn Upshaw and James Levine, Sony SK 67190.
  10. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  11. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  12. Danilo Kiŝ, „Verlen“, во: Pol Verlen, Pesme. Beograd, Rad, 1969, стр. 79.
  13. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  14. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  15. Danilo Kiŝ, „Verlen“, во: Pol Verlen, Pesme. Beograd, Rad, 1969, стр. 80.
  16. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  17. Danilo Kiŝ, „Verlen“, во: Pol Verlen, Pesme. Beograd, Rad, 1969, стр. 80.
  18. Danilo Kiŝ, „Verlen“, во: Pol Verlen, Pesme. Beograd, Rad, 1969, стр. 81.
  19. Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. 169.
  20. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  21. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  22. Danilo Kiŝ, „Verlen“, во: Pol Verlen, Pesme. Beograd, Rad, 1969, стр. 80-81.
  23. Пакал Гилевски, „За поезијата на Пол Верлен“, во: Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987.
  24. Delage R. Emmanuel Chabrier. Paris, Fayard, 1999, p692-3.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Paul Verlaine, Correspondance générale : [Vol.] I, 1857-1885 (уред. M. Pakenham). Paris : Fayard, 2005. ISBN 2-213-61950-6

Надворешни врски[уреди | уреди извор]