Иродијада (поема)
Иродијада (француски: Hérodiade) - поема (драма (трагедија) во стихови) на францускиот поет Стефан Маларме.
Содржина
[уреди | уреди извор]Поемата се состои од следниве делови:[1]
- Увертира
- Сцена
- Химната на св. Јован
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Кога почнал да ја пишува поемата „Иродијада“, Маларме доброволно се повлекол во осаменост. Поемата била почната во Турнон, а идејата за оваа трагедија во стихови потекнала од поетот Теодор де Банвил кој во тоа време прочитал неколку песни на Маларме и се воодушевил од нив. Во тоа време, драмите во стихови биле популарни и „Иродијада“ требало да се прикажува во Театр-Франс, но Маларме не успеал да го доврши делото. Работејќи на драмата која постојано ја споменувал во писмата од тој период, Маларме сфатил дека првобитната идеја за драма постепено прераснала во идеја за поема и решил да примени „сосема нова поетика“ која во писмото до неговиот пријател Анри Казалис ја дефинирал на следниов начин: „Да се слика не предметот, туку впечатокот што го произведува тој предмет.“ Но, иако ја напуштил идејата за трагедијата, поемата се одликува со голема трагичност. Главниот лик во поемата, Иродијада (ќерката на кралот Ирод), постојано се наоѓа во состоба на трагична отсутност, а нејзината негувателка е немоќна да ја орасположи. Ородијада нема многу сличности со личноста од Новиот завет, а Маларме од своето дело ги исфрлил сите настани прикажувајќи само еден непостоечки момент. Оттука, наместо да биде историска личност, Иродијада е носителка на естетиката на Маларме - олицетворение на неговата идеја за поезијата. Исто така, Иродијада е израз и на етиката на Маларме, зашто таа претставува обид за свесно толкување на минатото време, да се сфатат наследеното страдање и вината. Тој наследнички проблем, обидот да се затвори кругот во кој првиот би се стопил со последниот продолжил да го опседнува Маларме во текот на целиот живот, а најпотполно објаснување е дадено во прозното дело „Игитур, или Елбеновото лудило“.[2]
Маларме работел на делото „Иродијада“ многу бавно: со години, до крајот на животот, тој нешто допишувал, поправал, бришел и менувал, зашто стиховите барале највисок степен на прибраност со цел секој збор совршено да изразува одреден, речиси незабележлив, драматичен развој. Неочекувано, во јуни 1865 година, во едно писмо, Маларме го известил пријателот Анри Казалис дека ја прекинал работата на „Иродијада“, оставајќи ја за „суровите зими“, зашто чувствувал дека тоа „осаменичко“ дело сосема го исцрпува.[3]