Естетика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Естетика (од грч. αἰσθητικός - aisthetikos; осет, впечаток, восприемање) — дел од филозофијата кој се занимава со уметноста или традиционално определена како наука за убавото. Во поново време, естетиката честопати се нарекува и филозофија на уметноста. Овој поим честопати се поврзува и со филозофските размисли за сетилноста, перцепциите, убавото и воопшто чувствата кои ги добиваме судрени со едно уметничко дело. Овој поим понекогаш подразбира множество на ставови и гледишта на една култура или уметничко движење (на пример јапонска естетика или естетиката на романтизмот). Во секојдневниот говор, под „естетско“ се подразбира нешто допадливо за сетилата, односно нешто кое поседува физички карактеристики кои се складни, хармонични и убави.

Предмет на естетиката[уреди | уреди извор]

Главни поими со кои се занимава естетиката се: убавото, возвишеното, вкусот, уметноста, комичното, трагичното, експресијата, творештвото итн. Филозофите од оваа област во главно ги поставуваат следниве прашања: Каде е убавото, во објектот или во умот на набљудувачот?, Како се градат естетичките судови?, Како ја оценуваме уметноста?, Кои карактеристики го прават еден предмет убав, допадлив или грд?, Што е уметност? итн. Во поново време, естетичките проблеми се во допир со проблемите и истражувањата на науки и дисциплини како: историјата на уметноста, психологијата на уметноста, социологијата на уметноста и семиологијата на уметноста.

Во книгата „Естетичка скепса“, италијанскиот философ Џузепе Ренси тврди дека естетичкиот суд секогаш е субјективен и дека не може да тежнее кон апсолутното. Тоа произлегува оттаму што никако не може да се оспори некој кој претпочита еден автор од друг, еден композитор од друг. Според него, во естетиката не постојат вистина и заблуда, туку само вкусот на поединецот. Според философот Етјен Жилсон, човечкиот разум не може ниту да го допре процесот на уметничкото создавање, туку тој го оценува уметничкото дело отпосле, дури кога тоа е создадено, но не може да го оценува во текот на создавањето. Поради тоа, во естетиката нема никаква вредност принципот на противречноста. Наспроти науката, која се развива и во која докажаната теза ја побива спротивната, во уметноста една теза не ја укинува спротивната.[1] Слично на него, историчарот на уметноста Серџо Бетини, во современата уметност само нишка го дели ремек-делото од грдотијата, така што за современата уметност не може корисно да се разговара.[2] Според Жилсон, само преку проучување на струите и промените на вкусот на поединците може уметничките дела да се распоредат во времето и така да се класификуваат според критериумите на можната естетска вредност.[3] Иако на теориски план е невозможно да се побие оној што претпочита пар скинати најлонски чорапи од Мона Лиза, сепак, од една до друга епоха постои согласност на мнозинството, т.е. определен број колективни индикации кои не можеме да ги занемариме. Оттука, ако естетичкото проучување се претвори во статистичко проучување на вкусот и „модата“, можеби ќе се роди некоја норма што би им била корисна на уметниците и на „потрошувачите“ на уметноста. Меѓутоа, според Еуџенио Монтале, со тоа нема да се избегне субјективизмот при оценувањето на вкусот на поединците.[4]

Историски развој на естетиката[уреди | уреди извор]

Во историјата оние прашања кои денес ги изучува естетиката, биле изучувани во рамки на најразлични дисциплини, во главно во рамките на општата филозофија. Во оваа смисла како посебна, формално изделена дисциплина естетиката се издвојува од филозофијата во XVIII век, од страна на германскиот филозоф Александер Баумгартен, кој ја дефинира како „наука за сетилното познание“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 116-117.
  2. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 118-119.
  3. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 119.
  4. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 119.