Психологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Психологија (од грч. ψυχή, "психи", душа, дух; и λόγος, "логос", знаење) е збир на академски, клинички и производствени дисциплини, коишто се занимаваат со објаснување и предвидување на човечките и животинските дејства, расположенија, мисли, чувства, мотивации, односи, можности и патологии. Животинската психологија вообичаено се изучува како одделна тема (види животинско спознание), но и како начин за добивање одредени сознанија врзани за човечката психологија низ споредба (види компаративна-споредбена психологија).

Развој на психологијата како наука[уреди]

Гарднер Марфи во книгата за историјата на психологијата изнесува свое гледиште за нејзиниот развој и вели дека таа почнува од времето кога човекот се заинтересирал за сопствените психолошки процеси. Според она што денес го знаеме за мислењето, можеме да заклучиме дека човекот почнал да се интересира за својот психички живот од времето кога кај него се појавило апстрактното мислење, а тоа време може да се поистовети со почетокот на развојот на човештвото. Така гледано психологијата има долга историја и би рекле долг развој. Сепак до пред крајот на XIX век, таа се развивала во рамките на филозофијата како и другите науки, а од 1879 година се развива како самостојна наука.

Според Фридрих Енгелс соништата го поттикнале човекот да поверува дека мислењето и чувствата не се производ на неговото тело, туку на неговата душа. Така дуализмот тело - душа, стана интересен проблем за шпекулација во философијата. Покрај со дуализмот, античките философи се занимавале и со многу други проблеми. Од тоа време останаа некои размислувања за човековите способности и неговата природа. Конкретно изреката на Платон "Секој човек на вистинското место" и денес е мотив на професионалната ориентација, бидејќи подразбира дека сите имаме различни способности и можеме да работиме одредени работи.

Од Сократ ни остана пораката "Спознај се себеси" што стана предмет на изучување на психологијата на личноста.

Аристотел пишува за асоцијациите според сличност, контраст, простор и време кои ги спојуваат идеите. Така една идеја предизвикува во сеќавањето друга идеја. Психолозите кои ги прифатиле идеите на Аристотел, асоцијаинистите дури се обиделе со помош на асоцијативните врски да го објаснат мисловниот процес кај човекот, што сепак беше погрешно.

Античкиот лекар и философ Хипократ размислувајќи за однесувањето на луѓето заклучил дека постојат четири типа темпераменти. Од античкото време до денес постојат доста философско - шпекулативни гледања на психичкиот живот. Сободно можеме да кажеме дека и денес на психологијата имаат свое влијание разни филозофско - религиозни насоки од Исток, како на пример зен - будизмот. Всушност, филозофијата и денес, на свој начин се занимава со психологија.

Човекот постојано се интересира за светот што го опкружува. Сака да ги разбере другите луѓе и нивното однесување, да ги запознае предметите и појавите, да ги предвиди процесите, а пред сè се обидува да одговори на голем број прашања во врска со својата личност и сопствената активност. Тој постојано забележува што се случува околу него, ги соопштува своите мисли, ги изразува своите желби. Секојдневно вели "мислам", "чувствувам", "сакам"... Тоа покажува дека човекот поседува психички живот.

Што проучува психологијата[уреди]

Откако постои, човекот имал потреба да го запознае светот околу себе. Како последица на таа потреба, човекот дошол до корисни знаења за објективната стварност во која живее. Тие знаења се систематизирани во рамките на природните науки: физика, хемија, биологија и други, кои ја изучуваат природната стварност околу него. Другите знаења се систематизирани во рамките на општествените науки: историја, социологија и други, кои ја изучуваат општествената стварност во која живее. Меѓутоа човекот ги забележал и своите реакции и доживувања во врска со објективната стварност. Тој обрнал внимание на психичката стварност или на својот психички живот. Знаењата до кои дошле научниците во оваа научна област се систематизирани во психологијата. Психологијата е наука што се занимава со проучување на психичкиот, т.е. душевниот живот на човекот. Нејзиното име доаѓа од грчките зборови ψυχή [психи] што значи "душа" и λόγος [логос] што значи "наука" (изучување). Душевниот живот на човекот уште се нарекува "внатрешен живот" и се манифестира преку голем број психички појави.

Предметот на психологијата е изучување на психичките појави и откривање на закономерностите на нивното јавување и развивање.

Психички живот[уреди]

Психичкиот живот на човекот е мошне богат, сложен и динамичен. Тој се состои од повеќе психички појави како што се: психички процеси, психички особини и психички состојби.

Психичките процеси се мошне сложени и се разликуваат следните групи:

  • интелектуали процеси (когнитивни процеси) - со чија помош човекот го осознава светот (перцепции, учење, помнење, мислење, говор);
  • емоционални процеси - кои се однесуваат на начинот на реагирање и во чија основа лежат чувствата (емоции и чувства);
  • мотивациони процеси (конативни процеси) - кои се однесуваат на поттикнувачите на активност и на човековата волја и свесна желба да стори нешто (волја, желба, мотиви).

Психички особини се: навики, ставови, способности, темперамент, карактер, интереси. Тие се развиваат кај човекот под влијание на наследните или стекнатите фактори и претставуваат релативно трајни карактеристики на човекот.

Психички состојби се: внимание, расеаност, замор, загреаност и други и тие се такви психички појави што го определуваат одвивањето на психичките процеси, нивниот интензитет и брзина. (На пример, добро е познато дека во состојба на замор ученикот учи послабо).

Овие три групи психички појави овде се само теоретски одвоени, заради полесно изучување. Во животот на човекот тие се наоѓаат во постојано заемно единство и претставуваат организирана целина која се нарекува личност. Личноста е постојано активна и се карактеризира со специфично однесување.

Иако психичките појави се јавуваат кај сите луѓе, постојат големи индивидуални разлики меѓу нив. Сите луѓе перципираат, учат, мислат, се заморуваат, поседуваат темперамент, карактер и т.н., меѓутоа, насоките, интензитетот и особеностите на овие појави кај нив се разликуваат. Токму поради тоа, уште се вели дека психологијата ги проучува психичките појави, личноста на човекот и неговото однесување.

За да можеме да го изучуваме психичкиот живот, потребно е да се дојде до него. Тоа се постигнува по пат на изучување на постапките и реакциите на индивидуата, кои се согледливи во нејзиното однесување. Но, исто така, до психичкиот живот на индивидуата може да се дојде и со помош на нејзиниот исказ за непосредното искуство. Во двата случаи се користат научни методи и техники. По овие информации можеме да одговориме на прашањето: Што проучува психологијата? Психологијата го проучува психичкиот живот на луѓето и животните врз основа на проучувањето на објективното однесување и непосредното искуство, по пат на научни методи и техники.

Проблеми при определувањето на предметот на психологијата[уреди]

Се чини не е претерано сваќањето дека и по 120 години егзистирање како самостојна наука психологијата на единствен начин не го определила својот предмет. На тоа укажуваат и најголемите умови на современата психологија во светот. Едни од нив само констатираат (Х. Еѕсенцк), други ги објаснуваат причините (П. Ј. Галперин; Х. Просански; Р. Заззо) додека трети одбираат патишта за надминување на оваа состојба во психологија (К. Мадсен).

Причините за ваквата состојба се повеќекратни, но се чини најзначајни се следните:

  1. Историјата на психологијата е историја на борба помеѓу различни учења и школи, како резултат на што припадниците на различни (и на исти) школи давале приоритет на едни прашања од областа на психологијата, а ги поставувале или негирале другите. Тоа имало одраз врз потполното развивање на психологијата, а одтаму и врз определување на нејзиниот предмет.
  2. Брзото развивање на подрачјата на психологијата во последните десеттина години и стремежот на научниците од тие подрачја да преземат проблеми од општата психологија без да ја обогатат со нови знаења стекнати од истражувања во посебни области. Во врска со тоа францускиот психолог Р. Зазо, истакнува дека за психологијата е карактеристичен достатокот на единство заради нејзиниот полиморфизам. Со други зборови, може да се каже дека нема единствена психолошка наука (според Печјак; 1982). Положбата на психологијата во тријадата на науки, философски, природни и општествени со кои е во тесна врска и од кои како што истакнува Жан Пијаже зависи нејзината иднина, а со тоа и прецизното одредување на нејзиниот предмет на проучување (Пијагет, Ј. 1969, стр. 152).

Социјалната страна на психичкото, нашла одраз во стремежот на научниците да го разгледуваат предметот на психологијата во зависност од општествените услови да го проучуваат нивното заемно влијание со биолошките или поединечното влијание на психичкиот живот. Овие потешкотии при определувањето на предметот на психологијата не се потполно надминати што се гледа и од појавата на голем број дефиниции на истиот. Ќе исдвоиме неколку од позначајните со што ќе укажеме на развојноста на ова прашање. Кога психологијата се издвоила во самостојна научна дисциплина таа била наука за појавите и процесите на свеста. Нејзини основни методи биле интроспекцијата и експериментот. Во согласност со тоа сфаќање се и дефинициите на психологијата како наука за појавите и процесите на свеста, или наука за менталниот живот како за неговите појави, така и за неговото јавување. (Њ. Јамес, 1890). Психологијата се разликува од физичките или природните науки по тоа што се занимава со појавите на внатрешниот свет при што го употребува својот метод - интроспекцијата (Џејмс и Сали, 1884 година).

За Вунт (1892) психологијата треба да го истражува внатрешното искуство - односно своите осети, чувства, своите мисли и желби - за разлика од предметите од надворешниот свет кои претставуваат предмет на проучување на природните науки.

За Тиченер психологијата е наука за менталните процеси. нејзината основна задача е да го анализира менталното искуство (чија основа ја сочинуваат сензациите, сликите и чувствата) да ги утврди законите на нивното комбинирање и да ги одреди физиолошките функции на менталното искуство. Според бихевиористичките сфаќања, формирани во втората деценија од овој век, кои жестоко ја критикуваат интроспективната психологија, особено нејзиниот метод, психологијата е исклучиво наука за однесувањето. Однесувањето се изучува врз основа на надворешното, објективното набљудување. Бихевиористите користеле само објективен метод - методот на набљудување, пред се надворешното однесување под експериментални услови.

Додека Тиченеровата психологија останувала во рамките на неактивната и нефункционална свест, Водсоновата психологија требала да биде наука за однесувањето без свеста. Водсон психологијата ја одредува како гранка на природните науки која го проучва однесувањето на човекот.

Предмет на психологијата може да биде исклучиво однесувањето на организмот, бидејќи само тоа може објективно да се набљудува. Во третета група сфаќања за предметот на психологијата, наречени ,,средни", ,,синтетички" сфаќања се прави обид за измирување на претходните две. Според претставниците на оваа група предмет на психологијата се свесните процеси, надворешното однесување (вакви одредби сретнуваме кај претставниците на функционалниот правец). вакво сфаќање е прифатено од голем број психолози во САД, Европа, Русија, а преовладува и кај повеќето психолози во поранешна Југославија. Психичките процеси и според оваа група сфаќања можат да се проучуваат не само интроспективно туки и со набљудување на појавите во однесувањето. На ваков став упатуваат и следните дефиниции: психологијата е наука за свесните процеси и состојби, како и за условите на нивното јвување и нивните манифестации (според Радоњиќ, 1967, стр. 44); општата психологија ги изучува психичките појави, механизмите, принципите и законитостите во однесувањето на психата, кои ги проучува како одраз на надворешните влијанија и како функција на мозокот (Трифонов, 1992, стр. 24). Меѓутоа, ниту овие компромисни сфаќања не успеале да ги обединат сите идеји околу предметот на психологијата.

Појавата на динамичките правци, одобено психоанализата, ја истакнала потребата од вклучување и на несвесното во предметот на психологијата. Како најпогоден поим кој би го опфатил свесното и несвесното психолозите се определиле за поимот ,,активност". Баја Бајиќ, вели ,,Општата психологија е наука за активностите, со индивидуално, односно субјективно лично обележје" (1958, стр 8). Хрњица смета дека се прифатливи определбите кои психологијата ја сфаќаат како наука чиј предмет на истражување се субјективните и објективните аспекти на менталниот живот, како и биолошките и социолошките детерминанти на неговото јавување. Како прифатливи ги смета дефинициите што ги даваат З. Бујос, Никола Рот. Бујос ја одредува психологијата како ,,наука за психичкиот живот, односно како збир на научни дисциплини кои ги проучуваат психичките процеси (субјективните феномени, доживувања), органско - физикалните услови на нивното настанување и начинот на нивното објективно исполнување (реакциите, облиците на однесување)"(1990, стр. 8); Рот ја одредува психологијата како ,,систематско изучување на психичкиот живот на луѓето и животните, а врз основа на научното проучување на објективното однесување и непосредното искуство" (1985, стр. 4).

Карактеристика на психологијата како наука[уреди]

Психологијата како наука се наоѓа во триаголникот што го сочинуваат: философијата, природните науки и општествените науки. Психологијата е поврзана со природните науки бидејќи човекот е пред се биолошко суштество и затоа психологијата е поврзана со биологијата особено со физиологијата, но исто така човекот е и општествено суштесвто па затоа психологијата е поврзана со општествените науки.

Психологијата има уште три битни карактеристики со кои се разликува од општите сфаќања за психичкиот живот на обичните луѓе.

  1. Систематичност - а се состои од проучување на појавите сонаучни методи и техники и тоа со систематичко набљудување, експеримент.
  2. Емпиричност - при проучувањето на појавите психологијата поаѓа од искуството односно закључоците ги донесува врз основа на испитунање на формите.
  3. Квантитативно изразување - мерење на психички процеси и особини со кое се овозможува попрецизно изразување на добиените сознанија.

Задачи на психологијата[уреди]

Во периодот на формирање на психологијата како наука, прва и единствена задача и била да ги опишува одделните психички појави. Но психологијата не можела да опстане само како дескриптивна наука, бидејќи пред неа се поставувале нови задачи. Се појавила потреба психолошките појави не само да се опишуваат туки и да се објаснуваат - така таа почнала да ја објаснува суштината на психичкиот живот. За постигнување на таа цел било потребно истражување, како би се откриле врските помеѓу психичките појави и биолошко-хемиските процеси во организмот и влијанието на средината. За таа цел од голема корист за психологијата бил развојот на другите природни и општествени науки, заради што нејзина задача била и активно следење на развојот на останатите науки чии резултати ги користи во своите истражувања. Следната задача на психологијата била да го развива и усовршува сопствениот научен систем, да открива нови методи за истражување на сложеното подрачје со кое се занимава.

Накратко, теоретските задачи на психологијата можат да се сведат на запознавање и проучување на карактеристиките и законитостите во јавувањето на психичките функции, психичкиот живот во целина, како и условите во кои тие се јавуваат. Психологијата е наука со изграден систем на знаења за психичкиот живот на човекот, но кој не е конечен поради што пред психологијата сѐ уште стојат теоретски задачи во вид на одговори на следниве три прашања.

На првото прашање ШТО, треба и понатаму да се бара одговор на прашањето што го сочинува психичкиот живот. Психологијата денес на тоа прашање има солиден одговор кога се однесува до луѓето, но не и за животните.

На второто прашање КАКО, психологијата треба да одговори како психичките процеси и особини се манифестираат, развиваат и менуваат под влијанието на разните фактори, па и психичките состојби.

Најтешко теоретско прашање за психологијата е ЗОШТО, бидејќи на ова прашање треба да се одговори за причините на човековото однесување. По успешното развивање на теоријата, своето поле на дејствување, психологијата го насочила на подрачјето на практиката, каде ја достигнала својата афирмација.

Практичната задача на психологијата е примена на теоретските сознанија за психичкиот живот во унапредувањето на различните видови конкретни активности на човекот како што се: унапредување на менталното здравје, успешноста на воспитно- образовниот процес, меѓучовечките односи, зголемување на продуктивноста, дијагностика и терапија на проблемите во различни групи (семејни, работни, тераписки), успешната комуникација, до помош на другите и самопомош. Нејзината задача е и понатаму да го шири интересот за различните подрачја од практичниот живот и да решава конкретни практични проблеми и актуелни проблеми од секојдневието кои значајно влијаат врз успешното функционирање на човекот во средината.

Психологијата и другите науки[уреди]

Во системот на научните знаења психологијата има мошне значајно место. За неа може да се каже дека е и природна и општествена наука. Природна наука е бидејќи се грижи за психичкиот живот на човекот, а тоа е предмет на изучување на многубројни природни науки како што се: биологијата, анатомојата, физиологијата, биохемијата, генетиката и други, кои на психологијата и даваат потребни информации за органските основи на психичкиот живот. Психологијата е и општествена наука, бидејќи, човекот се рзавива во општествената средина под влијание на многубројни средински фактори кои се исто така, посебен предмет на исучување на разни општествени науки како што се: социологијата, историјата, философијата, економијата и други. Под влијание на социолошките, историските, философските и другите општествени фактори, човекот како личност се разликува од кој било свој современик и кој било друг поредок.

Од информациие кои се изложени досега може да се стекне погрешен впечаток дека психологиујата само користи ингормации на другите науки. Наведените информации треба да се прошират и да се каже дека психологијата, исто така, им дава на другите науки драгоцени прилози. Без брилијантниот ум на човекот и неговите вредни раце, кои сѐ уште ги изучува психологијата, не би ги имале сите благодети во овој живот, не би постоела никаква научна мисла, се би било така како што било на самиот почеток на развојот на човештвото. И покрај фактите, генерализациите и теориите до кои дошло во сите науки, интердисциплинарниот пристап станува се почест и во теоријата и во практиката.

Гранки на психологијата[уреди]

Карактеристично за психологијата како наука која доцна се осамостоила е тоа што набрзо доживеала голема експанзија во развојот, што резултирало со појава и издвојување на повеќе гранки кои се развиле во посебни научни дисциплини, поради што денес е поправилно (како што смета Зазо) да се зборува за психолошки науки, а не за една психологија. Постојат повеќе критериуми за поделба, но најчесто е поделена на: теоретски и применети психолошки дисциплини.

И оваа поделба е релативна бидејќи и во областа на теоретските дисциплини се сретнуваат разгледувања за можноста за нивна практична примена, како што и во применетите психолошки дисциплини се развива теоретско мислење за психичките процеси кои се одвиваат во одредени услови на промена на психологијата. Ова уште повеќе и затоа што во рамките на применетите психолошки дисциплини, практиката ја наметнала потребата одделни практични проблеми да се решаваат со помош на повеќе научни дисциплини (психолошки и медицински, психолошки и педагошки и т.н.). Затоа, во склад со програмските барања ќе зборуваме за постојните психолошки дисциплини кои се развиени кај нас.

Општа психологија - е најразвиена психолошка наука која ги проучува основните психички функции кај возрасниот здрав човек. Во рамките на истата се сретнуваат повеќе имиња меѓу кои: психологија на сознајните процеси, психологија на мотивацијата; психологија на волевите и емоционалните процеси; психологија на личноста и т.н. Според тоа таа ги проучува психичките процеси (осети, перцепции, претстави, помнења, мислења, емоциите, волевите активности), психолошките состојби, особините на личноста, како и заемниот однос и зависноста меѓу овие процеси и особини и нивната зависност од физиолошките процеси и социјалните услови.

Психологија на личноста - во некои класификации психологијата на личноста не се издвојува како посеба гранка, а проблемите што таа ги проучува се вклучени во рамките на општата психологија. Сепак психолозите кои се занимаваат со психологија на личноста како критериум за разликување ги истакнуваат разликите во пристапот. Според тоа психологијата на личноста ја дефинираат како теоретска психолошка дисциплина која содржи преглед на сфаќањата за личноста како целовит систем.

Познати психолози[уреди]

Види Листа на психолози за полн список на познати и влијателни психолози.

Видете исто така[уреди]

Библиографија и наводи[уреди]

Видете: Листа на книги по психологија за значајни психолошки изданија.

Надворешни врски[уреди]


Психолошки ресурси[уреди]