Блаже Конески
Блаже Конески | |
---|---|
македонски писател, јазичар и историчар | |
Роден/а | 19 декември 1921 Небрегово, Прилепско, Кралство СХС |
Починат/а | 7 декември 1993 Скопје, Македонија | (возр. 71)
Занимање | поет, прозаист, филолог, јазичар |
Период | 1945-1993 |
Жанр | проза, поезија, есеистика |
Значајни дела | „Везилка“, „Стерна“, „Црква“, „Црн овен“ |
Значајни награди | Златен венец на Струшките вечери на поезијата, Хердерова награда, Његошева награда, АВНОЈ, 11 Октомври, 13 Ноември |
Роднини | Ѕака (мајка), Ордан (татко), Милица (сестра), Дунавка (баба) |
Потпис |
Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 — Скопје, 7 декември 1993) — истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година.[2][3][4] Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.
По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.[5][6]
Творештво
[уреди | уреди извор]Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.). Исто така, тој е истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.
Научна и творечка дејност
[уреди | уреди извор]Блаже Конески | |
---|---|
Прв Претседател на МАНУ | |
На должноста 1967–1975 | |
Претходник | нема |
Наследник | Михајло Апостолски |
По ослободувањето на Македонија, Конески активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик: ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.
Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател. Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав.[7][8]
Конески, работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“, каде биле објавени негови песни и прилози, како: „Ангелот на Света Софија“, расказот К„рчмите“ (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.
Книжевно творештво
[уреди | уреди извор]Во областа на книжевноста, Конески пишувал претежно поезија, но исто така и раскази. Неговите песни се застапени во сите антологии на македонската поезија, објавени во Македонија и во странство, а книги со избор од неговото творештво се објавени на повеќе јазици, како: германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански, италијански итн. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[9]
Своите први песни Конески ги напишал во еден стар нотес меѓу 1941 и 1945 година, а нотесот случајно го зачувал Владо Малески. Подоцна, тие се објавени како циклусот „Од стариот нотес“, објавен во списнието „Современост“, VIII, бр. 3 од 1958 година. Потоа, во 1945 година, тој ја објавил поемата „Мостот“, која најпрвин се појавила како посебна книга (издание на „Култура“), а потоа била вклучена во збирката „Земјата и љубовта“ од 1948 година.[10]
Конески се занимавал и со преведувачка дејност. Така, тој превел на македонски јазик повеќе странски дела, како: „Горски венец“ од Петар Петровиќ Његош (1947), „Лирски интермецо“ од Хајнрих Хајне (1952), „Отело“ од Вилијам Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966) и „Крштавање на Савица“ од Франце Прешерн (1980).[11][12]
Осврт врз поезијата на Конески
[уреди | уреди извор]Според Веле Смилевски, со својата поезија Конески одбележа значајна и неодминлива трага во развојот на современата македонска поезија. Неговите стихозбирки се вбројуваат меѓу меѓниците на главните текови од најновото поглавје на македонскиот поетски збор, во кои е синтетизирана и осовременета богатата традиција и нејзините непресушни витални сокови.[13]
Во првите години по Втората светска војна, општите белези на времето — борбата, обновата и изградбата на земјата и големите општествени промени, нашле свој одраз и во поезијата на Конески. Добар пример за тоа е првата негова поетска книга, поемата „Мостот“ во која тој јасно и гласно го изразува прифаќањето на новата стварност, настојувајќи да ѝ даде уметнички израз на својата ангажираност. Притоа, тој целосно се става во служба на колективот, а екстровертноста станува единствениот можен став. Сепак, дури и тогаш, неговите песни се истакнуваат со напор а усовршување на поетскиот израз и со давање подлабок контекст на содржинската страна на поетското дело. Подоцна, Конески го прифаќа интимизмот како нова фаза во развојот на македонската поезија и видливо е дека нему му е блиско сфаќањето на поетскиот израз како катарза, како олеснување, сатисфакција и како облик на зборовна сублимација — уметничка исповед. Во 1950-тите години, Конески се јавува како автор на едни од најуспешните песни во периодот на македонскиот модернизам („Болен Дојчин“ и циклусот за Крале Марко), но тој и понатаму останува верен на интимизмот. Тој никогаш нема да ја прифати деперсонализацијата на поетскиот израз, т.е. за него поезијата останува говор зад кој треба да стои личноста на поетот која сака да ја искаже својата посебност и исклучителност. Оттука, поезијата на Конески е еден вид личен дневник и биографските елементи се присутни речиси во сите негови збирки, но прочистени и претворени во стихови низ процесот на уметничка трансформација. Тој е силна поетска личност која останува врзана за интимната поезија и постојано докажува дека таквиот поетски израз никогаш не застарува.[14]
Во средиштето на многу песни на Конески стојат невозвратената љубов и осуденоста на самотија. Притоа, неговите песни зборуваат некогаш само загатнато, но некогаш и отворено за неговата лична драма. Како постојан рефрен во нив се провлекува жалта поради неможноста за вистинско разбирање со саканата. Но неговите горчливи сознанија никогаш не се претвораат во плачлив ламент, туку тој ги констатира нив како една од можните вистини за животот и им дава тивок, елегичен тон. Неостварената љубов, тој ја прифаќа како судбина и не осудува, не моли, туку само ја искажува својата осаменост. Така, од своето страдање, тој создава поезија која се одликува со непосредност и искреност. Тој не гледа излез од осаменоста, односно тој е поет на трагична визија на животот и тоа не може да се покрие со официјалните толкувања на неговата поезија. Конкретните поводи кои лежат во интимната драма на поетот не се познати, но тоа не е неопходно за разбирањето на неговите песни, зашто Конески успеал своето лично искуство да го преточи во универзални вистини. Дури и во песните посветени на ликовите од македонската историја, Конески ја согледува пред сè нивната трагична осаменост и зборувајќи за нивната судбина, тој ја искажува својата. На пример, песната „Девственици“ во која се пее за големите македонски револуционери од Илинденската епоха, завршува со стихот кој е израз на личното искуство: „не сетивте... ни колку може да навреди жена“. Она што произлегува како став во целата негова поезија е еден тивок, но упорен стоицизам, а основната порака која поризлегува од целото негово дело е: храбро да се истрае својата судбина.[15]
Во својата книга „Поетските идеи на Конески“, Слободан Мицковиќ наведува дека во речиси во сите песни на Конески се наоѓаат следниве девет клучни особини: кохерентност, заокруженост, длабочина, лиричност, интима, исповедност, мисловност, емотивност-контемплативност и универзалност.[16] Во есејот „Оглед кон поезијата на Блаже Конески“ од 1955 година, Димитар Митрев ја оценил поезијата на Конески на следниов начин: „Пред нас е поезија која била со соптсвен блесок уште во својот изгрев, поезија не на лекторско одушевување, а на сопствена длабоколична доживеаност, поезија со живителните струи на еден свој и својствен индивидуален темперамент... пред нас е поезија низ која се утврдила една разнострано јарка творечка индивидуалност, една потполно суверена творечка личност.“[17]
Во еден разговор со Луан Старова од 1990 година, самиот Конески се искажал за надворешните влијание врз неговата поезија: „Јас не му должам ништо ниту на Елијар, ниту на Арагон, како човек што сум се формирал и воспитувал на друг пат. Контактот со нив секако имаше друго значење... Мојот интерес беше во друг правец, кон словенските книжевности. И донекаде кон германската... Не, не јас од влијанија не се плашам! И тоа за моја среќа не е минус.... Јас француската поезија сум ја читал главно преку антологии. Инаку сум читал целосно поети кои по некој случај, нивниет збирки дошле до мене. Не поради тоа што сум барал.“[18]
Поетската постапка на Конески
[уреди | уреди извор]Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читатели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.
„Легендите, што подоцна ќе најдат обработка и во некои мои текстови, јас не сум ги запознал од книги, ами сум ги слушал од старите во својата селска куќа, во првото детство“, - се потсетува Конески укажувајќи: „Уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода.“ Уште со овие реченици Конески децидно укажува дека тој не ја создава својата поезија од ништо, туку, напротив, воспоставува жив, интимен дијалог со претходната усна или писмена поетска традиција. Оттука, предлагајќи го тријадниот модел: традиција-колектив-автор, Конески смета дека и тој самиот нужно создава во дослух како со постојната културна традиција така и со јазикот, сензибилитетот, кодот и духот на колективот, како и на сопствената епоха: „Јас вршев иновација, ги вклопував старите пораки во современ израз и ги варирав по начин што му одговара на интересот на современиот човек.“ Во есејот, Конески ја истакнува интимната врска со традицијата и искажува голема почит кон безимените творци на усната поезија. На пример, користењето на мотивите од народната поезија јасно се согледува во неговите песни: „Болен Дојчин“, „Стерна“, „Одземање на силата“, „Марковиот манастир“ итн. Сепак, тој истакнува дека неговото надоврзување на народната поезија не е механичко, односно дека во неговите песни има малку такви кои, по метафориката, метриката и изразните својства, се напишани во духот на народната поезија, туку од самите негови почетоци, постојано посветувал поголемо внимание на говорниот јазик, така што не може да се нарече традиционалист.[19]
Еден од најинтригантните теоретски пунктови за креативниот процес е (хипо)тезата на Конески за откривањето на песната, образложена во есеите „Еден опит“, „Совпаѓања“ и „За поезијата“. Тој и самиот истакнува дека има впечаток дека никогаш не бил разбран како што треба, особено ако се има предвид дека оваа негова теорија не е само чиста шпекулативна конструкција, туку дека таа е негово интимно, реално поетско доживување или, како што самиот вели, „еден вид чувствена сензација“. Всушност, при настанувањето на неколку најпознати, антологиски песни („Тешкото“, „Стерна“ итн.), Конески доживеал една речиси мистична визија: „... одеднаш бев обземен од чувство дека јас песната заправо не ја пишувам, ами ја откривам.“ Всушност, идентификувајќи се себеси како откривач на песната, Конески ја демонстрира својата скромност, настојувајќи да се ослободи од речиси неизбежната творечка суета. Притоа недвосмислено истакнува дека веројатно не е првиот поет и уметник кој дошол до тоа сознание и оттаму потекнува неговиот поттик да даде рационално објаснение на таа појава. Во тој поглед, Конески истакнува дека поетот има изострен слух за она што се случува во речевната дејност на колективот. На пример, некои жанровски песни, како што е случајот со патриотската и со ангажираната поезија, настануваат под влијание на поширокиот општествено-историски амбиент. И воопшто, според Конески, во самиот колектив се подготвува јазичниот материјал што ѝ дава сила на поетската експресија.[20]
Посочувајќи на неколку примери од доменот на руската поезија (Лермонтов, Мандељштам, Блок), Конески сепак се решава да го илустрира, а со самото тоа и да го објасни откривањето на песната преку неколку паралели меѓу уметноста на зборот и ликовната уметност. Во овој контекст, тој го наведува примерот на ренесансниот мајстор Микеланџело, кој истакнувал дека ги правел своите скулптури така што од каменот го отфрлал тоа што е непотребно. Аналогна постапка Конески препознава и кај современите вајари кои земаат некоја природна форма, корен од дрво и др., и со интервенција што дозволува да ја препознаеме лесно таа првобитна форма - создаваат скулптури или, да се изразиме на свој јазик, ја откриваат во неа скулптурата. На пример, често песните настануваат така што некоја изрека, некоја животна ситуација, некој рудиментарен податок обележан со емоционален набој послужува како основа на песната. Од сопственото поетско искуство тој потврдува дека на аналоген начин настануваат не ретко и песни. Индикативно е и дека во есејот „Совпаѓања“ Конески сведочи дека самиот поим „откривање“ бил веќе во употреба во терминологијата на старите руски зографи, затоа што, согласно со средновековната иконописна традиција и црковните канони, иконописецот не ја создава сликата, ами постепено ја открива.[21]
Својата постапка на создавање на песната Конески опширно ја илустрира во есејот „Генерирање на една песна“ во која го опишува постанокот на кратката песна „Одлагање“. Така, тој објаснува дека откривањето или генерирањето на песната започнало со еден стих кој не го задржал во последната верзија на песната, а кој настанал многу порано, во друга состојба и по друг повод при што му се вртел во мислите неколку години. Стихот гласи: „се јави само нељубимата“. Емоционално заситен, стихот лесно предизвикал, како свое дополнение, едне претходен стих за потоа тие два стиха да послужат како излезна точка за генерирање на песната. На тој начин, една сензација довела до откривање, т.е. генерирање на цела песна.[22]
Според Конески, поетот не создава од ништо (ex nihilo). Она што го прави поетот - поет, тоа е особениот усет за речевната дејност на колективот, така што крајниот производ, односно песната, е плод на комплициран процес во кој учествуваат наведените три фактора: традицијата, колективот и авторот. Имено, во настанувањето (откривањето) на песната поетот нужно се служи со веќе постојниот јазичен материјал на традицијата и колективот, што го црпи не само од пишаниот збор туку и од секидневната говорна стихија. Оттука, песната се открива благодарејќи на осетливиот слух на големите поети. Песната се открива и со помош на претходните песни. Песната се открива и како плод на духот и атмосферата на времето, односно, во својот културен и книжевен контекст. Со други зборови, секоја песна има свое време и свој поет, а тоа најдобро се гледа од констатацијата на Конески: „Јас сум свесен дека денеска не можам да напишам еден текст како ‚Тешкото‘, иако сега ја владеам поетската вештина секако повеќе отколку во 1946 година.“[23] Најлапидарните аманети за процесот на раѓањето на проста и строга македонска песна Конески ни ги оставил токму во своите куси песни. Само со неколку стихови тој сугерира дека создавањето (откривањето) на песната е природен, спонтан чин:
- И песната е дел од флората,
- Таа никнува како смреката,
- како бамјата, како гравот.
И во песната „Поетика“ е артикулирана мошне слична идеја:
- Јас песните ги берев
- од дрвото на животот
- како што селаните во Ракотинци
- пред Дуовден
- берат зрели цреши
- од црешовите дрвја.
Имено, поетот отворено признава дека не ги создава туку ги бере песните. Еден од множеството предуслови за откривање на песната, според Конески, е и искреноста, која зрачи од неговите песни: поетот е свесен дека во поезијата едноставно да лажеш не е можно. Макар што во песната „Македонски поети“ поетот со чувство на скептицизам признава дека - создавајќи поезија - му се чини дека прави најзалудна работа на светот, тој сепак подвлекува дека пак е се со човечка смисла исполнето. Иако поетот на едно место зборува за значењето на самоконтролата при пишувањето, споредувајќи го зборот со див коњ, а на друго место пак потсетува дека уметноста на зборот е порив, и за смисла не прашува, тој сепак насетува дека во поезијата, како и во животот, ништо случајно не е. Токму тоа интимно чувство Конески го изразува и во сосема кусата (програмска) поетска творба под наслов „Песните“:
- Неук, си мислев:
- па тие тука
- случајно се јавуваат.
- А сега назад погледнувам,
- гледам -
- па тие ме обврзуваат!
Сепак, кроки-портретот на Конески како откривач на песната, би бил посиромашен кога би се занемарил фактот дека тој е еден од малкуте писатели од нашиот културен простор кај кои средбата и откривањето на источните култури резултирале со низа провокативни книжевни текстови. Имено, од патувањата на Исток извираат инспиративните патописни текстови и записи „Камикаyе“, „Сличности“, „Бедната Индија“ и „Слез“, објавени во делото „Дневник по многу години“ (1988). Мошне интересно е дека Конески ги заокружува и ги поврзува поетскиот и препејувачкиот опус во својата последна поетска книга „Црн овен“ (1993), објавувајќи препеви од древноисточните литератури како интегрален дел и финален циклус од стихозбирката. Всушност, циклусот „Пораки од Исток“ е составен од македонските (посредни) препеви на песните: „Плач за градот Ур“, потресен текст од сумерската литература; познатата поема „Носорог“, текст од древноиндиската литература кој традиционално му се припишува на Готама Буда; тибетската молитва „Повикување на душите“; како и песната „Танц на евнусите“ од Камала Дас. Со овие извонредни препеви, на крајот од својот творечки пат, Конески му ги открива на македонскиот читател филозофските длабочини и естетските дострели на древноисточните литератури.
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Со своето дело, Конески извршил широко влијание врз културно-општествената заедница, како во Македонија, така и на просторот на поранешна Југославија и во европски рамки.
За научното и книжевното творештво на Конески пишувале голем број книжевници и теоретичари, како: Александар Спасов, Оливера Јашар Настева, Зузана Тополињска, Блаже Ристовски, Влада Урошевиќ, Луан Старова, Катица Ќулавкова, Томе Саздов, Трајко Стаматоски, Слободан Мицковиќ, Лилјана Тодорова, Ружа Пановска, Георги Сталев, Вера Стојчевска-Антиќ, Максим Каранфиловски, Атанас Вангелов, Науме Радичевски, Зоран Анчевски, Људмил Спасов, Емилија Црвенковска, Димитар Пандев итн. Покрај тоа, за Конески пишувале и Виктор Фридман, Кристина Крамер, Збигњев Голомб, Франтишек Вацлав Мареш, Манфред Јенихен, Жак Гошрон, Ендрју Харви, Хусто Хорхе Падрон, Костас Валетас, Јон Димитру, Јон Милош, Ронел Александер итн.[24]
Во студијата од 2002 година, „Блаже Конески, стожерна личност — белег на епохата“, Милан Ѓурчинов го нарекува Конески „стожерна личност кој сестрано ја обележил својата епоха“ и „ренесансна личност на нашата културна преродба кој постојано ја имаше пред себе глобалната визија на својата епоха.“ Тие погледи ги дели и Матеја Матевски, кој вели: „Нашата култура денес, и секоја помисла за феноменот Македонија со право се поврзуваат со името на Блаже Конески и, пред сè, со неговото име, зашто тој ги осветлуваше и афирмираше... пред лицето на современиот свет суштината на македонското битие, основните негови белези, израз и потврда на неговото историско постоење и на неговата иднина: јазикот и литературата.“ И Георги Старделов го истражувал творештвото на Конески, особено во книгите „Одземање на силата — Поезијата на Блаже Конески“ (1989) и „Епоха Блаже Конески“ (2018), во кои со името на Конески ја поврзува петтата епоха во историјата на македонскиот јазик и македонската книжевност. Притоа, според Старделов, делото на Конески е подвиг „кој го подготвуваа столетијата на нашето духовно траење, низ кои тој толку ингениозно умееше да го излачи, да го впие во своето севкупно и единствено дело она најесенцијалното — базичните духовни процеси и личности, базичните квинтесенции на македонското поетско и јазично историско траење во просторот и времето. Блаже Конески со сè што се зафати и до сè што допре, во сè продре и нурна најдлабоко. Тоа го направи во науката, тоа на уште повеличав начин го оствари во поезијата.“ Според Петре М. Андреевски, „Блаже Конески беше најмаркантната личност на нашиот културен простор. Светски поет и лингвист, најбогата библиотека собрана во еден човек... Дај Боже барем на сто години да ни се раѓа Блаже Конески!“. Најпосле, во 1968 година, по повод доделувањето на почесниот докторат на Конески на Чикашкиот универзитет, Џорџ Бидл го претставил Конески како „истакнат граматичар и лексикограф, вдахновен поет и педагог, кодификатор на македонскиот литературен јазик, чија работа... значително го има збогатено полето на словенската филологија.“[25]
Во 2018 година, по повод одбележувањето на 70-годишнината од објавувањето на првата стихозбирка на Блаже Конески „Земјата и љубовта“ (1948), Институтот за македонска книжевност организирал научен симпозиум.[26] Подоцна, Македонската академија на науките и уметностите промовирала три изданија посветени на Конески: „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов, „Блаже Конески. Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“, приредено од академик Луан Старова, и „Критички изданија за Блаже Конески“ во редакција на академик Милан Ѓурчинов.[27] Претходно, во Небрегово била промовирана книгата „Како го читам Конески“.[28]
Во чест на Конески, од 4 јуни 1997 година, Филолошкиот факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го носи негово име.[7]
На 5 мај 2023 година бил промовиран првиот долгометражен документарен филм посветен на животот и делото на Конески, со наслов „Јанѕа“ во режија на Никола Калајџиски.[29]
Според Никола Гелевски, Конески е првиот лик на модерната Македонија во целокупниот 20. век. Неговата појава го „минерализира“ „мекото ткиво“ на македонската култура и тој претставува ’рбет на националниот културен развој.[16] Влада Урошевиќ, пак, тврди дека низ поетскиот развој на Конески може да се следи историјата на промените во македонска поезија во периодот по Втората светска војна. Тој оставил низа антологиски песни кои го минале судот на времето и ја потврдиле својата трајност. Според Урошевиќ, поетското дело на Конески е вградено во темелите на македонската поезија и во себе ги носи како животописот на една исклучителна личност така и соништата и траумите на својот народ.[30]
Библиографија
[уреди | уреди извор]Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела:[31][32][33][34]
- Гладна кокошка просо сонуе (едночинка, 1945)
- Мостот (Култура, 1945)
- Правопис на македонскиот литературен јазик (соавтор) (1945)
- Песни (со Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски, Главен одбор на НОМС, 1946)
- Од борбата (Државно книгоиздателство на Македонија, 1947)
- Земјата и љубовта (Државно книгоиздателство на Македонија, 1948)
- Македонски учебници од 19 век (прв дел) (1949)
- Македонската литература во 19 век (прв дел) (1950)
- Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950)
- Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952)
- Македонската литература во 19 век (втор дел) (1952)
- Беседи и огледи (есеи, 1952)
- За македонскиот литературен јазик (1952)
- Песни (Кочо Рацин, 1953)
- Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954)
- Везилка (Култура, 1955)
- Лозје (Кочо Рацин, 1955)
- Македонски учебници од 19 век (втор дел) (1959)
- Везилка (второ, дополнето издание) (Култура, 1961)
- Есеи: За македонската литература (есеи, 1961)
- Речник на македонскиот јазик (1961)
- Песни (Кочо Рацин, 1963) [35]
- Историја на македонскиот јазик (1965) [1]
- Речник на македонскиот јазик (книга втора, 1965)
- Речник на македонскиот јазик (книга трета, 1966)
- Стерна (Мисла, 1966)
- Песни (со Рацин, Вапцаров, Неделковски, Јаневски, Шопов, Ивановски, Тодоровски, Матевски, Андреевски, Поповски, Наша книга, 1967),
- Ракување (Мисла, 1969)
- Јазикот на македонската народна поезија (1971)
- Везилка (Македонска книга, 1971)
- Беседи и огледи (1972)
- Записи (Македонска книга, 1974)
- Стари и нови песни (Стремеж, Прилеп, 1978)
- Лозје и песни во проза; Места и мигови (Мисла, 1981)
- Игра со дете (Мисла, 1982)
- Чешмите (поезија, 1984)
- Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986)
- Ликови и теми (есеи, 1987)
- Послание (Култура, 1987)
- Тиквешки зборник (студија, 1987)
- Средба во рајот (Мисла, 1988)
- Дневник од Нишка бања (Разгледи, 1988)
- Црква (Мисла, 1988)
- Дневник по многу години (Македонска книга, 1988)
- Златоврв (Македонска книга, 1989)
- Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески (1989)
- Сеизмограф (Мисла, 1989)
- Македонски места и теми (есеи, 1991),
- Небесна река (Македонска книга, 1991),
- Светот на легендата и песната (есеи и прилози, 1993),
- Црн овен (Култура, 1993)
Награди
[уреди | уреди извор]Конески е добитник на повеќе награди и признанија, како:[11][12]
- годишната награда на ДПМ (1953)
- наградата на Сојузот на писателите на Југолсавија (за стихозбирката „Везилка“, 1956)
- „11 Октомври“ (за редакцијата на првиот том на Речникот на македонскиот јазик, 1961)
- „11 Октомври“ (за „Историја на македонскиот јазик“, 1965)
- наградата АВНОЈ (1966)
- „11 Октомври“ (за „Записи“, 1974)
- наградата „Кирил Пејчиновиќ“ (за преведувачки опус, 1976)
- „11 Октомври“ (за животно дело, 1979)
- „Гоце Делчев“
- наградата „Браќа Миладиновци“ (за „Записи“, 1974)
- наградата „Кочо Рацин“ (за „Записи“, 1974)
- Његошева награда (за „Записи“, 1975)
- „Ацо Шопов“
- Хердерова награда
- „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981)
- наградата на „Мисла“ (за книжевен опус, 1981)
- наградата „Бранко Миљковиќ“ (1985)
- наградата „Скендер Куленовиќ“ (1985)
- наградата на Сојузот на писателите на СССР
- наградата „13 Ноември“ (за „Македонскиот 19 век“, 1986)
- Вуковата награда на КЛЗ на Србија (1987)
- Рациновото признание (за „Дневник по многу години“, 1988)
- наградата „Книга на годината“ (за „Сеизмограф“, 1989)
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Спомен-дом „Блаже Конески“
- Македонска академија на науките и уметностите
- Список на македонски писатели
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 123.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 77.
- ↑ Вера Стојчевска-Антиќ, „Нашиот длабок историски корен — црквата“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 61-70.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 71.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 77-78.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 71-72.
- ↑ 7,0 7,1 „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 78.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 72.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 27-31.
- ↑ „Забелешки“, во: Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 234.
- ↑ 11,0 11,1 „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 79.
- ↑ 12,0 12,1 „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 73.
- ↑ Веле Смилевски, „блаже конески: лозје“, во: Блаже Конески, Лозје. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 127.
- ↑ Влада Урошевиќ, „Да се истрае својата судбина (За поезијата на Блаже Конески)“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 71-74.
- ↑ Влада Урошевиќ, „Да се истрае својата судбина (За поезијата на Блаже Конески)“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 74-76.
- ↑ 16,0 16,1 „Од уредникот и приредувачот“ во: Блаже Конески, Птици врз кои ноќта и денот се делат: стоте песни, Скопје: Темплум, 2014, стр. 156-157.
- ↑ Иван Џепароски, „Предговор: Зборот и опитот кај Конески“, во: Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 8-9.
- ↑ Иван Џепароски, „Предговор: Зборот и опитот кај Конески“, во: Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 8.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 176-178.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 178-180.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 180-181 и 194.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 200-204.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 180.
- ↑ Иван Џепароски, „Предговор: Зборот и опитот кај Конески“, во: Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 11-12.
- ↑ Иван Џепароски, „Предговор: Зборот и опитот кај Конески“, во: Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 9-11.
- ↑ „Научен собир за Блаже Конески“. iml.edu.mk. Архивирано од изворникот на 2018-09-18. Посетено на 2018-12-26.
- ↑ НМ (2018-12-19). „МАНУ ќе промовира три изданија посветени на Блаже Конески“. Нова Македонија. Посетено на 2018-12-26.
- ↑ „Во Небрегово промовирана книгата „Како го читам Конески"“. nezavisen.mk. Посетено на 2018-12-26.[мртва врска]
- ↑ „Јанѕа“, првиот долгометражен документарен филм посветен на Блаже Конески, вечерва во Кинотеката (пристапено на 11.5.2023)
- ↑ Влада Урошевиќ, „Да се истрае својата судбина (За поезијата на Блаже Конески)“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 71-76.
- ↑ „Библиографија на поетските книги“ во: Блаже Конески, Птици врз кои ноќта и денот се делат: стоте песни, Скопје: Темплум, 2014, стр. 159.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 78-79.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 72-73.
- ↑ „Куса биографија: Блаже Конески“, во: Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 240.
- ↑ http://gbsk.mk/eknigi/Pesni%20-%20B.Koneski.pdf Архивирано на 17 април 2018 г.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Блаже Конески“ на Ризницата ? |
- Македонски правопис со правописен речник (1950), Блаже Конески и Крум Тошев Архивирано на 24 септември 2011 г.
- Песни (1953) - Блаже Конески Архивирано на 17 април 2018 г.
- Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици (1968), Блаже Конески
- Историја на македонскиот јазик (1986) - Блаже Конески
|
|
|
|
- Луѓе од Небрегово
- Починати во Скопје
- Родени во 1921 година
- Починати во 1993 година
- Македонски писатели
- Македонски поети
- Добитници на Златен венец на Струшките вечери на поезијата
- Членови на ДПМ
- Македонски јазичари
- Македонски слависти
- Македонски македонисти
- Луѓе од Прилеп
- Ректори на УКИМ
- Претседатели на ДПМ
- Претседатели на МАНУ
- Добитници на наградата „АВНОЈ“
- Добитници на наградата „13 Ноември“
- Апсолвенти на Софискиот универзитет
- Добитници на наградата „Браќа Миладиновци“
- Академици на САНУ
- Членови на Словенечката академија на науките и уметностите
- Членови на Босанската академија на науките и уметностите
- Носители на орденот „Знак на Честа“