Црн овен
„Црн овен“ — стихозбирка на македонскиот поет Блаже Конески, првично објавена во 1993 година од издавачката куќа Култура.
Содржина
[уреди | уреди извор]Стхозбирката содржи вкупно 38 песни (34 авторски песни на Конески и 4 преводи на туѓи песни), поделени во два циклуса:[1]
Отпор
[уреди | уреди извор]- Нова година 1992
- Личност
- Песна за црниот брат
- Отпор
- Молитва за успокојувањето
- Побуна
- Изневера
- Хроника за Прилеп
- Скакулец
- Небо
- Будење
- Според А. С. Пушкин
- Свети Пантелејмон
- Календар
- Прибежиште
- Мртва природа
- Џиџе
- Оброк
- Чаша чај
- Внатрешен вид
- Античка трагедија
- Урна
- Испустени
- Шар Планина
- Сеќавање за таткото
- На пријателите
- Обнова
- Клукајдрвец
- Сокол
- Претходница
- Помиреност
- Плач на старица
- Чувари
- Спроти свети Атанас 1993
Пораки од исток
[уреди | уреди извор]- Плач за градот Ур
- Готама Буда, Носорог
- Повикување на душите (Тибетанска молитва)
- Камал Дас, Танц на евнусите
Изданија
[уреди | уреди извор]По повод стогодишнината од раѓањето на Конески, во 2021 година, збирката „Црква“ била објавена од издавачката куќа Арс Ламина - публикации во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“. Книгата, со обем од 80 страници и со димензии од 21 сантиметар, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-267-444-5. Покрај песните, книгата содржи и поговор со наслов „За силниот збор на Блаже Конески, макар на непризнаен јазик“, напишан од Зоран Анчевски, како и белешка за авторот. Книгата е испечатена во печатницата Бранко Гапо — графичко производство во Скопје, во тираж од 1000 примероци. Дизајнот на корицата е дело на Pointer Creative Agency.[2]
За делото
[уреди | уреди извор]Во својот поговор кон „Црн овен“, Зоран Анчевски истајнува дека и во оваа збирка се присутни трите особености на поезијата на Конески: приврзаноста кон традицијата, привидната едноставност на поетскиот исказ и трагизмот во односот кон светот и животот. Според Анчевски, збирката е интересна од повеќе аспекти. Така, книгата има посебна дводелна структура: првиот дел вклучува песни кои мотивски се надоврзуваат на претходните збирки на Конески и се одликуваат со лична, исповедна обоеност. На овој дел му претходи објаснување на симболот на црниот овен, засновано врз народната традиција. Со овој симбол, авторот пророчки ја предвидува својата скорешна смрт. Вториот дел на книгата е неочекуван и необичен, зашто не содржи авторски песни, туку преводи на туѓи творби од источната духовна традиција. Следната особина на делото е неговата епистоларност, зашто повеќето песни се напишани во вид на обраќање кон предците, внуците, врсниците, современиците итн. Тие можат да се наречат „заветни песни“ во кои поетот ги искажува неговите чувства во однос на скорешниот крај на животот и (не)исполнетоста на неговата мисија на овој свет. Истовремено, во неколку ефектни песни, тој го искажува восхитот од убавината на македонските пејзажи, флората и фауната, разните занаети итн. Понатаму, збирката е пример на виртуозната умешност на Конески за преточување на сликите, сензациите и чувствата во најразлични поетски форми. На пример, во песните „Прибежиште“ и „Мртва природа“ тој го употребува сонетот, и тоа со интерсна, иновативна варијанта заснована врз италијанскиот модел: abab / cdcd / efe / fef, наместо воспоставената петрарканска шема: abba / abba / cdc dcd. Исто така, тој често ги употребува кусите римувани октоиси и катрени во кои лаконски ги искажува своите пораки и пророштва при што користи куси ефектни, паралелни и вкрстени рими (во стилот на Блејк) кои се лексички прости, но длабокоумни и со едноставната непосредност на народните поговорки. Неговото сорвшено познавање на поетските форми и варијации е прикажано во вториот дел на збирката во кој се наоѓаат преводите на туѓите песни. Другите негови песни се напишани со слободен стих.[3]
И во оваа збирка Конески останува верен на својот „песнотворен принцип“, па затоа јазикот во неговите песни го содржи одѕивот на народната песна, но истовремено него го актуализира, го „очудува“, го оттргнува од автоматизираните матрици и го проектира врз нови контексти, давајќи му нови значења и сила. За неговата судбинска определба и посветеност кон јазикот и традицијата најдобро говорат стиховите од песната „Отпор“ во кои тој вели: „Поради силниот збор, макар на непризнат јазик / сè уште одбирам звуци на македонската лира. / Тоа е мојот штит, рамен на вашата сила, / силници!“. Понатаму, и во оваа збирка Конески се потврдува како врвен лиричар при што во неа го применува субјективниот поетски израз, но не запаѓа во сентименталност, туку исповедноста ја надоградува со длабока мудрост. Најпосле, „Црн овен“ се надоврзува на последните поетски дела на Конески по тоа што и во ова дело преовладува трагизмот, со таа разлика што трагизмот не е врзан за главните протагонисти во песните, туку произлегува од неговата личност. Во оваа книга, трагизмот ја надминува тематско-мотивската рамка, се претвора во состојба на духот и се крева во заумна, метафизичка категорија која се засилува со вклучувањето на преводите на песните од источната традиција. Песните од последната поетска збирка на Конески сведочат дека никој во македонската поезија не ја изразил мудроста поедноставно и подобро од Конески.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021.
- ↑ Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021.
- ↑ Зоран Анчевски, „За силниот збор на Блаже Конески, макар на непризнаен јазик“, во: Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 64-67.
- ↑ Зоран Анчевски, „За силниот збор на Блаже Конески, макар на непризнаен јазик“, во: Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 64-71.