Прејди на содржината

Поговорка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Поговорка, пословица или изрека — општопозната кратка реченица или заклучок позната од усната народна книжевност. Поговорките спаѓаат во т.н. кратки или прости фолклорни жанрови и тие се меѓу најупотребуваните народни творби од епски вид. Тие се јавуваат како упростени раскажувачки формули и нивната употреба е најтесно поврзана со практичната употреба и намена. Тие се употребуваат спонтано, како дел од обичниот говор при што со нив се дава поголема тежина на искажаното мислење или се изразува некаква поука.[1]

Постанок на поговорките

[уреди | уреди извор]

Поговорките настанале така што луѓето го пренесувале своето искуство од колено на колено, а нив ги создавале оние кои умееле да забележуваат, да споредуваат и да носат свој суд за фактите, настаните, природните појави, животот и односите меѓу луѓето. Понекогаш, тие се однесуваат на едноставни нешта од секојдневниот живот (на пример, „Жедниот коњ не внимава на матната вода“); понекогаш тие се резултат на долго размислување (на пример, „Кога ќе снема, доцна е да се штеди“); а понекогаш се однесуваат на крупните животни прашања (на пример, „Сè ќе биде и ќе помине, а нас ќе нè нема“, „Во среќата се надева лудиот, а паметниот во својот труд“).[2]

Поговорките се создавале на истиот начин како и другите народни умотворби, т.е. како индивидуални творби. Поврзани со типични појави, погледи и впечатоци од животот и од работата, тие содржат норми за трудовите процеси и за животното искуство на народот. Според генезата, поговорките припаѓаат на различни социјални средини. Според рускиот фолклорист В. Гусев, во нив „се типизирани појавите на објективната стварност“, т.е. во нив е „воопштен објективниот историски, социјален животен опит на народните маси.“ Навистина, не постои ниту едно важно животно прашање за кое не постои соодветна поговорка која ги изразува вековните ускуства, погледи и мислења претежно на селанските маси во кои поговорките најмногу се создавани. Сепак, постоењето противречни поговорки укажува на тоа дека тие се создале во различно време и во различни социјални средини. Голем дел од поговорките ги одразуваат животните и работните искуства на земјоделците („Лете работи, зиме спи“, „Дојде зима, селцка мрза“). Воопшто, односот кон трудот имаат централно место во поговорките кои се противречни според смислата и карактерот: во едни се изразени инертноста, фатализмот и верувањето дека успехот во работата зависи од натприродните сили, што укажува на тоа дека се остаток од најстарите времиња („Господ дал, господ зел“); во други, далеку почести, односот кон трудот е материјалистички и зависен од реалните факти („Без мака, нема наука“, „Без труд не се ора плуг“, „Без замет не се јаде мед“). Најголем дел од поговорките се однесуваат на земјоделската работа („Како ќе посееш, така ќе пожнееш“, „Кој копат лозје, ќе јадит грозје“), подоцна се појавиле и поговорки поврзани со трговијата и со занаетите („Занает — канает“, „Без ум да тргуваш, пари да трошиш“), а веројатно истовремено се појавиле и поговорките во кои се жигосуваат измамата и алчноста („Богатство нема наситство“), како и поговорките поврзани со парите, долговите итн. („Парите и од стапот се посилни“, „Борчот е полош од волкот“). Сепак, најголемиот дел од поговорките го истакнуваат трудот како доблест („Срамотата седи во безработата“, „Залудо работи, залудо не седи“, „На работен човек сладок леб“), а неработниците се осудуваат („Мрзата е краста“).[3]

Меѓутоа, понекогаш поговорките биле извлечени од народните приказни. На пример, во книгата на Вук Караџиќ, „Српски народни приказни“ се застапени и раскази од кои секоја завршува со определена поговорка. така, поговорката „Си ја има мувата на капата“ е дел од приказната во која селанецот-крадел инстинктивно се обидел да ја избрка мувата и така самиот се открил; поговорката „Ти ќе свириш“ е дел од приказната за патникот кому сите му порачале да им купи нешто, но не му дале пари, освен детето кое го замолило да му купи свирче. Токму поради оваа врска меѓу поговорките и приказните, старите Словени ги нарекувале поговорките и „приказни“. Оттука, својата збирка од 1787 година, Јован Мушкатировиќ ја насловил „Приказни или просто поговорки“ (Pritče iliti po prostomu poslovice). Притоа, во определени случаи, приказните од кои настанале поговорките со текот на времето биле заборавени, а од поговорките може да се насети нивната содржина (на пример, „Нема во Цариград за Рајко капа“). Понекогаш, поговорките кои произлегле од заборавените приказни имаат нејасно значење, поради што тие треба да се дополнат со објаснување, како што направил Вук Караџиќ во своите две збирки.[4]

Одлики на поговорките

[уреди | уреди извор]

Меѓу пословицата и поговорката нема поголема суштинска разлика, туку разликата е само формална: поговорката е пократка и претставена во вид на кратка изрека или израз („Без пушка ајдук“, „Благ како пелин“, „Асан самар носе“), додека пословицата е најчесто двочлена изрека („Залудо работи, залудо не седи“, „Без мака, нема наука“), иако може да има и повеќе сленови, па дури да биде искажана и во стихови. Меѓутоа, пословицата може да стане поговорка, губејќи го својот втор дел кој во ордедени случаи се подразбира („Зборувај на ѕидо (ако немаш работа)“). Поради тоа, пословиците и погворките најчесто се сметаат како еден вид народно творештво.[5]

Според обликот во кој се изразени, поговорките може да бидат потврдни и одречни, а исто така се појавуваат и во облик на извични и прашални реченици. Според мисловната содржина, тие може да бидат: исказни, спротивни, заклучни и исклучни. Иако најчесто се искажани во убав, поетски облик, во создавањето на поговорките главна улога има разумот, а не чувствата и фантазијата. Во нив се истакнува реалното сфаќање на животот, а често се исмејува претераното и нереалното. Оттука, поради својата критичност, поговорките често содржат иронија и хумор.[6]

Исто како и во народните песни, така и во поговорките се среќаваат сите видови тропи кои придонесуваат за нивната убавина и пластичност. На пример, мислата искажана во поговорката „Нема полза од мртвиот јунак“ многу посликовито е искажана во поговорката „Со мртов сокол ни врана не се фаќа“. Покрај метафората и алегоријата, во словенските поговорки најчесто е застапена антитезата (на пример: „На јазикот мед, а во срцето јад“). Во некои поговорки, истовремено се застапени неколку тропи, како во поговорката „Каква полза од тоа што е бисер, кога ме дави?“ во која се употребени метафора, антитеза и персонификација. Најпосле, покрај збиената реченица, симетричната употреба на зборовите и тропите, за убавината на поговорките придонесуваат и звучните ефекти. Така, во поговорките се среќаваат: асонанцата и алитерацијата („Кој рано рани две среќи граба“, „На високите смреки виорот врвовите им ги крши“), леонинскиот слик („Подобро роб отколку гроб“) и римувањето на крајот од стихуваните поговoрки.[7]

Поговорките не мора да имаат буквално значење, туку често се изразени алегорично. На пример, поговорката „Кој на другиот му копа јама, самиот паѓа во неа“ значи дека кој им подготвува зло на другите, самиот може да биде жртва на злото; поговорката „Ќе дојде сонцето и нашиот праг“ значи дека некогаш и ние ќе дојдеме во поволна животна прилика; а поговорката „Откако ќе се скрши колата, многумина патот го покажуваат“ значи дека лесно е да се кажува како требало да се постапи откако веќе се случила несреќа. Притоа, во одредени случаи, на поговорките намерно им се давало преносно значење, со цел нивната смисла да ја сфати само потесен круг луѓе.[2]

Во поговорките е изразена народната мудрост и народниот морал, т.е. во нив е јасно изразено она што народот го смета за добро и за лошо; тие зборуваат за вистината и за лагата; за значењето на семејството и за врската со родниот крај и со татковината; за чесноста, трудољубивоста, штедливоста, умереноста; за карактерите на луѓето (јунак-плашливец, скржавец-дарежливец, паметен-глупав, итн. Исто така, понекогаш, поговорките ги отсликуваат општествените односи, обичаи и верувања, потсетуваат на одредени историски настани, зборуваат за отпорот кон поробувачите итн. Бидејќи нивното потекло е многу старо, во поговорките се одразуваат одделните фази од развојот на народниот живот и во нив се среќаваат елементи на суеверието, гатањето и магијата.[8]

Според Кирил Пенушлиски, поговорките имаат уметнички вредности, односно тие не се обичен производ на говорната дејност на луѓето. Уметничката вредност е присутна во нивната содржина и во значењето, зашто тие служат како згуснати формули за животното искуство на луѓето и така дејствуваат врз рационалната и врз емоционалната страна на сознанието. Како што забележал Максим Горки, поговорките се „израз на вековната народна мудрост, на вистинската народна филозофија во кои се излеани целокупното богатство на неговиот творечки дух и реалност, неговата смелост во мислењето за одделни животни прашања и дела“. Потоа, прифатени и изразени како општа мисла, тие се применуваат во конкренти случаи со цел со типичното да се подвлече конкретното.[9]

Често, кај различни народи се среќаваат исти или слични поговорки. Притоа, некои поговорки настанале независно во одделни земји, но некои сигурно се пренесувале од едно на друго место, а за тоа придонесувал фактот дека тие се кратки и лесно се паметат. Меѓутоа, поговорките се појавуваат и во варијанти кои ги отсликуваат локалните прилики. На пример, поговорката „Огнот со слама не се гаси“ се среќава во Војводина, а „Огнот со масло не се гаси“ во Далмација. Во продолжение, освен универзалните ставови, поговорките може да изразуваат и сфаќања што се карактеристични само за определени општествени групи. Како последица на тоа се појавиле поговорките со спротивни ставови, како што се: „Подобро гроб, отколку роб“ и „Роб секогаш, а гроб никогаш“ или „Без жртви нема слобода“ наспроти „Наведната глава сабја не сече“.[10] Во македонскиот фолклор, како последица на вековниет заемни односи, голем број поговорки се преземени од Турците и од Грците, и тоа во буквален превод. Исто така, многу поговорки се општи за сите Јужни Словени. Најпосле, некои поговорки имаат и книжевно потекло, најчесто преземени од црковната книжевност, како што е Светото писмо, како на пример: „Кој копат гроб на другого, сам паѓа у него“, „Шчо прајт десната ти р’ка, левата да не узнајт“, „Извади си прво гредата шчо е во очите твои, та после да видиш раската во очите на друзи“).[11]

Собирачи на народни поговорки

[уреди | уреди извор]

Првите забележани поговорки кај Јужните Словени се среќаваат уште во XVI век, кога Марин Држиќ ги вметнал во своите комедии, особено во говорот на луѓето од Херцеговина и од Бока Которска. Исто така, тие се застапени и во делата на другите писатели од Дубровник. Во XVIII век, најдобриот тогашен поет во Дубровник, Игнат Ѓурѓевиќ, собрал цела збирка со народни поговорки, а во втората половина на XVIII век, поговорките биле масовно застапени во делата на Доситеј Обрадовиќ. Токму под неговото влијание, Јован Мушкатировиќ ги објавил првите збирки со јужнословенски поговорки: првата објавена во Виена (1787), а втората во Будим (1807). Подоцна, поговорките биле застапени во збирките на Вук Караџиќ, објавени во Цетиње (1836) и во Белград (1849). Во 1866 година, во Загреб била објавена збирката на Мијат Стојановиќ, како прва збирка во која поговорките биле тематски поделени. Врз основа на содржината од книгата на Игнат Ѓурѓевиќ, во 1871 година, во Загреб се појавила збирката на Ѓуро Даничиќ. Подоцна, тематска поделба на поговорките дале и В. Ј. Скарпа и М. Влаинац во нивната збирка „Полјоделското стопанство во поговорките“, како и Х. Т. Димитриевиќ во збирката „Врањски поговорки“.[12]

Најголем собирач на македонски поговорки е Марко Цепенков, кој собрал близу 7 000 поговорки кои ги поделил тематски (богатство, сиромаштија, глупост, страв, итн.). Вкупниот број објавени македонски поговорки се доближува до 14 000, а од различни причини голем број поговорки останале необјавен: во заоштавштината на Цепенков има околу 3 000 необјавени поговорки, а исто толку се необјавени поговорки од малешевскиот крај, собрани од група фолклористи предводени од Кирил Пенушлиски.[13]

  1. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 5.
  2. 2,0 2,1 Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 62.
  3. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 6-10.
  4. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 63-64.
  5. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 6.
  6. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 64-65.
  7. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 66-67.
  8. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 63.
  9. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 5-7.
  10. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 65-66.
  11. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 7.
  12. Anica Šaulić, „Pogovor“, во: Narodne poslovice. Beograd: Rad, 1964, стр. 67-68.
  13. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 12.