Франческо Петрарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франческо Петрарка
Francesco Petrarca
Роден/а20 јули 1304(1304-07-20)
Арецо, Република Фиренца
Починат/а19 јули 1374(1374-07-19) (возр. 69)
Аркуа, Венецијанска Република
Занимањенаучник, поет
НационалностИталијанец
Периодрана ренесанса
Книжевно движењехуманизам и ренесанса
ДецаЏовани (1337–1361)
Франческа (р. 1343)
РодниниЕлета Каниџани (мајка)
Сер Петрако (татко)
Родната куќа на Петрарка во Арецо

Франческо Петрарка (италијански: Francesco Petrarca; 20 јули 1304 - 19 јули 1374) — најголемиот лиричар во предренесансата на италијанската книжевност и еден од првите хуманисти. Тој е првиот вистински лиричар во европската книжевност, поет-индивидуалист, свртен кон сопственото лирско „Јас“ во поезијата, исполнет со вербата дека славата природно му припаѓа.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Петрарка е роден во тосканскиот град Арецо во 1304 година. Тој бил син на Сер Петрако и неговата сопруга Елета Канџани од Лука. Поради припадноста кон политичката струја на Белите гвелфи, татко му на Петрарка, исто како и Данте Алигиери, бил прогонет од Фиренца. Подоцна, Петрарка го зел татковото име како свое презиме, приспособувајќи го според законите на еуфонијата и според класичните принципи.[2][3]

Петрарка детството го поминал во селото Инчиза, во близина на Фиренца. Петрарка го следел својот татко во преселбата во Пиза, а потоа и во Авињон, кадешто папата Климент V во 1309 година го започнал своето папство.[2] Првиот учител му бил Конвеневоле да Прато, а потоа студирал право на Универзитетот во Монпелје (1316-1320) и Болоња (1320-1323)[2] со својот доживотен пријател и соученик Гвидо Сете. Но, Петрарка бил заинтересиран за пишување и за латинската книжевност и ги сметал овие седум години залудно потрошени. Освен тоа, тој изјавил дека преку законска манипулација неговите старатели го ограбиле неговото мало наследство во Фиренца, која само ја зајакнала неговата одбојност кон правниот систем. Тој рекол: „Јас не можам да се помирам со комерцијализација на мојот ум“, гледајќи го правниот систем како уметност на продажба на правдата.[3]

По смртта на родителите, Петрарка и неговиот брат Џерардо се вратиле во Авињон во 1326 година, каде работел во бројни свештенички канцеларии на папскиот двор. Набргу, семејните незгоди го натерале Петрарка да го напушти Авињон и да му се придружи на кардиналот Џовани Колоне во Гаскоња.[4][5][6] Од писмата што му ги испраќал на еден свештеник во Париз може да се согледа сека во овој период, тој многу ги читал делата на св. Августин.[7] Петрарка патувал многу низ Европа (Фландрија, Германија, Шпанија, Мароко, Англија),[2] и тоа само од задоволство, па затоа е наречен „прв турист“.[8] Од истата причина, тој се искачил и на алпскиот врв Монт Ванту (во јужна Франција). Во летото 1333 година, Петрарка поминал низ шумите на Ардените, патувајќи од Келн во Лион.[9] Во периодот од 1337 до 1349 година Петрарка живеел во малото планинско место Воклиз (Vaucluse, Valle chiusa), оддалечено 30 километри од Авињон,[10] поминувајќи го времето во размислување и пишување. Во 1347 година, кога Кола ди Рјенцо се прогласил за римски трибун, Петрарка го поздравил како обновувач на старата римска република и тргнал да му се придружи, но по пропаста на обидот нади Рјенцо, тој го променил патот и најпрвин заминал во Верона, а потоа и во Парма. Во 1349 година, тој се населил во Италија при што живеел во Падова, во Милано (кај семејството Висконти), во Венеција (кадешто републиката му поклонила палата). Како амбасадор на Висконти, Петрарка патувал во Прага кај царот Карло IV и во Париз кај кралот Јован Добриот. Истовремено, тој се спријателил со Бокачо.[6]

За време на патувањата, Петрарка собирал стари ракописи и бил првиот што го започнал обновувањето на знаењето од Стариот Рим и Грција. Така, во 1345 година, Петрарка пронашол збирка писма од Цицерон за кои претходно не се знаело дека постојат. Презирајќи го игнонирирањето на она што се случувало во Раниот среден век, во кој верувал дека и самиот живее, тој го создал изразот мрачен век.

Криерата во католичката црква не му дозволила да се ожени, но се верува дека тој бил татко на две деца, со непозната жена или жени. Неговиот син, Џовани, се родил во 1337 година, а ќерката, Франческа, е родена 1343 година, а двајцата подоцна ги потврдил како свои деца.[11] Самиот Петрарка за себе вели дека се откажал од жените на четириесетгодишна возраст и тоа го сметал за највисока среќа, благодарејќи му на бога што го ослободил од тоа ниско ропство за кое вели дека отсекогаш го згрозувало.[12] Според биографот на Петрарка, Арналдо Форести, во 189. сонет во „Канцониерот“ се опишува љубовната страст на Петрарка од која се родила ќерката Франческа.[9] Синот Џовани починал од епидемија на чума во 1361 година. Франческа, пак, се омажила за Франкескуло де Бросано (кој подоцна бил именуван за извршител на тестаментот на Петрарка). Набрзо по раѓањето на внуката Елета (крестена по мајката на Петрарка) во 1362 година, тие се преселиле кај Петрарка во Венеција за да избегаат од чумата која тогаш пустошела во делови на Европа. Второто внуче, Франческо, се родило во 1366 година, но починало пред својот втор роденден. Франческа и нејзиното семејство живееле со Петрарка во Венеција пет години 1362-1367, во Палацо Молина, иако Петрарка продолжил да патува за тоа време. Помеѓу 1361 и 1369 година, помладиот Бокачо двапати го посетил Петрарка, еднаш во Венеција, вториот пат во Падова. Во 1368 година, Петрарка и неговата ќерка Франческа (со своето семејство) се преселиле во малиот град Арква (денес Арква Петрарка), во близина на Падова, каде ги поминал последните години од својот живот. Починал на 19 јули 1374 година, од апоплексија,[6] во местото Арква, еден ден пред својот седумдесетти роденден. Денес, куќата е претворена во музеј со постојана изложба на делата и биографијата на Петрарка.

Творештво[уреди | уреди извор]

Оригинален ракопис од Петрарка, пронајден во 1985 г. во Ерфурт, Германија

Петрарка пишувал како Данте, на латински и на народен јазик. Како извонреден познавач на латинскиот јазик и како стилист кој умеел во него блескаво да се снајде, сметал дека со слава ќе се здобие токму со творбите на латински јазик. Меѓутоа, се случило спротивното. На латински јазик објавил 43 книги епистоли (писма), од кои 24 се Пријателски, 17 Старечки (тука спаѓа и писмото До потомството), збирката Ненасловени писма, Различни писма (зачувани со грижата на оние кои ги добивале - од нив помалку се реконструира биографијата на поетот, а повеќе неговиот чувствен живот што е многу важен за разбирањето на неговата лирика на народен јазик). Петрарка го напишал на латински и епот Африка, како и делата: De vita solitaria, De ocio religiosorum, Bucolicum carmen, De remediis utriusque fortunae, Rerum memorandarum, De comptemptu mundi итн.[13] Единствените дела напишани на народен јазик се покусиот еп Триумф (Trionfi) (во дантеовски терцини, во кој ја користел средновековната шема на визијата) и Канцониерот.

Со својот прв обемен еп, „Африка“, напишан на латински јазик и посветен на римскиот генерал Скипио Африканецот, тој станал славен. Во 1340 година, Петрарка бил поканет од владетелот на Неапол, од римскиот сенат и од парискиот универзитет да му биде доделен ловоров венец. На Велигден, 8 април 1341 година, во Рим, писателот и сенаторот Орсо дел Агнвилара (Orso dell' Anguillara) го крунисал Петрарка со ловоровиот венец. Тој е првиот поет - лауреат по антиката што е крунисан со ловоров венец на Капитол.[4][5][6] Стариот италијански писател Моналдески пишува дека целиот Рим бил украсен со гирланди и знамиња, а од своите балкони, римските жени му фрлале на Петрарка цвеќиња и го полевале со мириси. на чело на поворката биле 12 млади римски благородници, облечени во пурпур, кои ги рецитирале неговите стихови. По нив оделе шест постари благородници од најпознатите римски патрициски куќи: Савели, Ронти, Орсини, Анибали, Лапорезе и Монтанари, а секој од нив носел по еден венец, сплетен од различно цвеќе. На крајот на поворката одел римскиот сенатор дел Ангвилара, опкружен со коњаници и со многу луѓе, кој се качил на Капитол, седнал на свечениот стол, го симнал од себе ловоровиот венец и го ставил на главата на Петрарка, со зборовите: „Нека талентот биде крунисан со ловор“. Свеченоста завршила така што Петрарка изрецитирал еден свој сонет во чест на Рим, а потоа им се заблагодарил на сенаторите и на народот. Воопшто, за славата на Петрарка сведочи тоа што голем број италијански владетели (Медичи, Сфорца, Малатеста, Гонзага, Колона) се натпреварувале меѓу себе со цел да го привлечат поетот да живее во нивниот град, а Роберто, владетелот на Неапол и крал на Сицилија и на Ерусалим, бил најголемиот обожавател на Петрарка. За време на една прослава во Венеција, одржана на плоштадот Св. Марко, дуждот Челсо го поставил Петрарка десно од себе, а Галеацо Дандоло го поканил Петрарка на свадбата на својата ќерка за синот на англискиот крал.[14]

Во поезијата на Петрарка се забележуваат постојани мотиви што се повторуваат: убавината на Лаура, емоционалното доживување на природата, сеќавањето на средбите, безнадежни соништа за возвраќање на љубовта и сл. Во поезијата на Петрарка може да се согледа еден поинаков судир на средновековниот и предренесансниот начин на мислење. Она што кај Данте значи судир на догматското и на слободното мислење што е типично за идната ренесанса, кај Петрарка може да се нарече „судир на чувствувањата“. Очигледно е дека во својот Канцониер тој се наоѓа меѓу потребата слободно да ги изрази сопствените чувства и идејата за чистотата што ја прокламира средновековниот морал. Токму затоа во неговата поезија имаме толку повторувања на мотивите, бидејќи вознемиреноста, борбата на совеста и љубовниот, еротскиот копнеж ја раздвојуваат личноста, па и делото станува така возбудено во разнебитеноста на својот лирски субјект.

Лаура и поезијата[уреди | уреди извор]

Лаура де Новес

Утрото, на 6 април 1327 година, на Велигден, Петрарка за првпат ја видел Лаура во црквата Св. Клара во Авињон, и во него се разбудила трајна страст кон неа. Самиот Петрарка ги запишал податоците за оваа средба: „...primum oculis meis apparuit sub primum adolescentiae meae tempus anno Domini MCCCXXVII die VI mensisaprilisin ecclesia Sanctae Clarae, Avignioni, hora matutina (...првпат ја здогледав, во времето на својата рана младост, летото Господово 1327, на 6 април наутро, во црквата Св. Клара во Авињон.)“ Тогаш Лаура ја навршувала дваесеттата година и веќе две години била во брак со трговецот со платно, грофот Иг де Сад (предок на Маркизот де Сад). Нејзиниот портрет го насликал сиенскиот мајстор Симоне Мартини, но подоцна портретот се изгубил, така што денес не е зачуван никаков доказ за нејзиниот изглед.[15][16] Таа и Петрарка имале малку, или воопшто немале лични контакти (Се претпоставува дека понекогаш Лаура одела на одмор во Воклиз, каде што живеел Петрарка, така што е веројатно дека тој имал прилика да ја види уште неколкупати).[17] Според неговата Secretum („Мојата тајна книга“), Лаура го одбила зашто веќе била во брак. Затоа, тој ги канализирал своите чувства во љубовни песни, кои се повеќе фантастични отколку убедливи. За неа, од неговите песни дознаваме дека таа била убава, русокоса, со скромно и достоинствено однесување.

По првата средба со Петрарка, Лаура живеела уште дваесет години и во меѓувреме родила девет деца. Умрела на 6 април 1348 година, во Авињон, како последица на епидемијата на чума. Тогаш, Петрарка бил во Верона, а веста за нејзината смрт ја слушнал на 19 мај, кога веќе бил во Парма.[9] Потресен од нејзината смрт, на една книга, Петрарка запишал: „Лаура, позната по своите доблести, и долго славена во моите песни...во истиот тој град (се мисли на Авињон), истиот ден (се мисли на денот кога првпат ја видел), во истиот утрински час, но во годината 1348, тоа чисто светило беше одземено од светот, додека јас бев во Верона, не знаејќи, леле, за својата несреќа. Кобната вест ја дознав во Парма, истата година, во месец мај. Нејзиното невино и убаво тело е закопано во црквата на Малите браќа, на денот на смртта, приквечерта. Таа се врати, во тоа сум убеден, на небото, од каде што дојде, како што вели Сенека за Сципион Африканецот. За да го сочувам болниот спомен на тој настан, јас го бележам, со горко задоволство, токму во оваа книга која толку често ми е пред очите, за да имам секогаш на ум дека на овој свет нема повеќе ништо што ми е мило, зашто моето најголемо добро е изгубено. Честиот поглед на овие зборови, и мислата на моите поодминати години, ќе потсетуваат дека е близу времето да го напуштам Вавилон. Со милоста божја, тоа нема да ми биде тешко, зашто мирно и машки ќе мислам на залудните грижи, залудната надеж и бурните подвизи од своето минато.“[18]

Лаура била закопана на гробиштата во францисканската црква, но нејзиниот гроб е непознат. Според едно предание, кралот Франсоа I, кој во 1553 година поминал низ Авињон, се полконил на нејзиниот гроб и притоа напишал две строфи, инспирирани од неа. Три години по смртта на Лаура, Петрарка уште еднаш ги посетил Авињон и Воклиз.[19]

Иако уште од првиот миг, Петрарка знаел дека неговата врка со Лаура е невозможна, љубовта кон неа траела до крајот на животот. Така, десет години од денот кога ја видел, во едно писмо, Петрарка напишал дека „ужасната болест повторно се појви“.[7] Дури и кога Лаура повеќе не била жива, љубовта кон неа продолжила. Во една прилика, Петрарка запишал: „Љубовта ја чувствувам во толку непосредна близина, што душата ми ужива во сопствената измама. На толку места и во толкава убавина ја гледам, што не сакам ништо друго туку тој привид да потрае. Толку пати ја гледам жива (дали некој би ми верувал?) во бистрата вода, на младата трева, во стеблото на смоквата, во белиот облак... И колку што се поголеми дивината и пустошот околу мене, толку поубава мислата ми ја прикажува. А потоа, кога стварноста ќе го избрише милиот привид, јас на тоа место, оладен, седнувам, како мртов камен на жив камен“.[20] За Лаура, Петрарка ги напишал своите 366 песни собрани во „Песнарката“, попозната како „Канцониер“. По нејзината смрт во Авињон, на поетот покажа дека е премногу тешко да се живее со тагата, како и со претходниот очај на невозвратена љубов. Освен реалното, конкретното присуство на Лаура, можно е, зборот Лаура Петрарка да го користи со идеализиран или псевдонимен карактер, земјаќи предвид дека името има јазична врска со „ловоров“ (поетски) венец (laura); како и со значење на „аура“, бидејќи во своите песни Петрарка често го употребува зборот l'aura.

Канцониер[уреди | уреди извор]

Страница од Канциониер печатена пред 1550 г.

Иако Патрарка верувал дека вистинските вредни дела се пишуваат на латински јазик, сепак неговото дело кое било напишано на италијански народен говор го достигнал книжевниот врв.[21] Канцониерот (Canzoniere) во главно е составен од сонети (317), но сепак содржи и канцони (29), мадригали (4) и покрај тоа содржел и филозофско-политички содржини. Првиот сонет има улога на вовед (пролог) и најверојатно бил напишан по смртта на Лаура, т.е. во 1348 или 1349 година.[15] Делото вообичаено се дели на два дела: „Животот на госпоѓа Лаура“ и „Смртта на госпоѓа Лаура“ при што како граница се зема 265. сонет. Петрарка постојано го дотерувал ова дело, но не му посветувал големо внимание, мислејќи дека славата ќе му ја донеста делата напишани на латински јазик.[13]

Во првиот дел „Животот на госпоѓа Лаура“ поетот опишува како бил изложен на големи страдања и спротивни чувства. Тој не знаел дали да одбере живот исполнет со љубовни страдања или смрт без болка, но и без Лаура. Овие противречни чувства се најсилно изразени во сонетот 134.:

Не, нема мир, ни војна, ниту враг;
се плашам в надеж, стинеам и горам;
се влечам в прав, со Небото се борам;
за сите туѓ, ги барам сите пак.

Во власта нејна злото не го корам.
Ни тоа иде, гневот ѝ е драг;
Амор не убива, но оковот е јак,
сред живот - бескрај само мака творам;

Без очи гледам; нем - за болки зборам
јас барам спас за гибел и за жед,
се мразам сам, го сакам сиот свет.

Од бол сум жив; од плачот насмев творам;
и смрт, и живот, проклетство ги сви,
а виновна си Дона само ти.

Во првата строфа на сонетот се опишани противречни чувства: мир и војна, тлеење и пламен, земја и облаци, осаменост и потреба од луѓе; во кои преку контрастот поетот најсоодветно го изразил својот немир. Но, тој не ја прекорува саканата, иако се чувствува мачно и „оковано“ од љубовта. Во третата строфа со употреба на оксиморон, иако парадоксално, сосема вистинито звучат стиховите „Без очи гледам; нем - за болки зборам“, зашто на ликот му се чита сето страдање и болка, сета противречност на омразата кон себе што дозволил љубовта толку да овладее со него, но и благородното чувство што предивикува да „го сака сиот свет“. Љубовта, односно Лаура (дона - госпоѓа) е таа која го направила толку несреќен, но и среќен истовремено. Љубота е таа, што му ги дава двата правци: „и смрт и живот“, но и двата се „проклети“, зашто животот е преполн со страдање, но и смртта не е олеснување, ако е без Лаура. Иако на крајот од сонетот тој ја посочува Лаура како виновник, тој не ја обвинува, бидејќи љубовта е сепак благородно чувство[22][23].

Во вториот дел на Канцониерот тој веќе не ја нарекува сурова таа љубов, туку сега Лаура го тешела и ги слушала неговите исповеди. Делото завршува со песната каде тој ја моли Богородица да побара прошка од Господ, бидејќи не можел да се откаже од љубовта кон Лаура.

Покрај сонетите посветени на Лаура, во ова дело има и повеќе песни кои биле посветени на некои други личности или биле инспирирани до случувањата во тогашна Италија. На пример, 53. канцона е посветена на некој римски моќник, современик на Петрарка. Најпрвин се мислело дека станува збор за Кола ди Рјенцо (Cola di Rienzo), но подоцна, таа претпоставка била отфрлена и денес преовладува мислењето дека канцоната е посветена на сенаторот Бозоне да Губјо (Bosone de Raffaelli da Gubbio) кого Петрарка го запознал во Авињон.[24] Исто така, на неколку места во „Канцониерот“ Петрарка го споменува својот пријател, поетот Сенучо дел Бене (Sennuccio del Bene), а во 278. сонет ја оплакува неговата смрт.[25] Во 128. канцона, која подоцна послужила како пример за патриотска песна, Петрарка ја оплакува судбината на Италија во која регионалните моќници се наоѓале во постојани меѓусебни борби, често користејќи ги услугите на германските платеници. Се претпоставува дека таа била напишана кон крајот на 1344 или во почетокот на 1345 година), кога Петрарка бил во Селвапјана, во близината на Парма, додека во околината беснеела војната меѓу благородничките семејства Есте и Гонцага.[26] Во 136., 137. и 138. сонет, Петрарка го напаѓа папскиот двор во Авињон.[27]

Петраркистички сонет[уреди | уреди извор]

Во силното влијание што Петрарка го извршил врз своите европски колеги, влијанието на сонетот е необично важно за историјата на книжевноста. Сонети пред Петрарка имаат пишувано Данте и Кавалканте, но сепак Петрарка е авторот кој ја зацврстил формата според кој италијанската верзија го добила своето име — петраркистички сонет.

Според српскиот поет Јован Дучиќ, сонетот на Петрарка, „Помина мојот број полн со заборав“ не може никој ниту да го повтори ни да го надмине. Во него е изречен толку личен и интимен душевен збор за човековата судбина, кој не може да се искаже двапати. Иако описната убавина и мисловната длабочина на тој сонет е нешто најсовршено во светската лирика, сепак душевниот фактор во него ја надминува и неговата мисловност и неговата метафора. Оттука, со поетскиот збор не е кажано ништо повозбудливо за човековиот страв пред животот.[28]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Денес, Петрарка се смета за едно од најголемите имиња на италијанската книжевност и за татко на италијанскиот јазик. Исто така, тој се смета за првиот љубовен поет и првиот патриотски поет, во современа смисла на зборот.[20] Делото на Петрарка го содржело она што било привлечно за неговите следбеници - лесен стил и мајсторство на зборот. Во таа смисла, таткото на современата италијанска книжевна критика, Де Санктис, смета дека Петрарка е виновен за остриот дуализам што е присутен во италијанската поезија, т.е. истовременото постоење на петраркистите од чинквеченто (Марино, Метастазио итн.) и вистинската поезија (Ариосто, Макијавели, Алфјери, Леопарди). Поради тоа, некои критичари повикувале да се прекине со „бистрите, свежи и мили води“ на петраркистичката традиција.[29]

Според Џакомо Леопарди, Петрарка се одликува со природна едноставност, слична на старогрчките поети, но од нив се разликува на начин што се чувствува, но не може да се протолкува.[30] Според него, постои голема разлика меѓу Петрарка и останатите автори на љубовната поезија, зашто само во неговата лирика се чувствува светото вдахновение, спонтаноста и согласноста со своето срце, кое прави човек да заплаче. За разлика од другите поети, кои зборуваат за срцето, тој прави срцето да зборува и додека другите го сецираат срцето, тој го преточува во своите стихови.[31]

Една песна на рускиот поет Сергеј Бирјуков се вика „Нови информации за Петрарка и Лаура“.[32]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Poetika humanizma i renesanse, Prosveta, Beograd, 1963, стр. 153 - 161
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Srđan Musić, „Frančesko Petrarka“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 122.
  3. 3,0 3,1 Морис Бишоп, „Петрарка“, во: Италијанската ренесанса. New York: American Heritage Publishing, 1961, стр. 161-175; ISBN 0-618-12738-0
  4. 4,0 4,1 Морис Бишоп, „Петрарка“, во: Италијанската ренесанса. New York: American Heritage Publishing, 1961, стр. 164; ISBN 0-618-12738-0
  5. 5,0 5,1 „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 112.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Srđan Musić, „Frančesko Petrarka“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 123.
  7. 7,0 7,1 Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 8.
  8. „Петрарка, Франческо“, во: NSA Семејна енциклопедија, Том 11. Standard Education Corp., 1992, стр. 240.
  9. 9,0 9,1 9,2 „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 118.
  10. Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 5.
  11. Морис Бишоп, „Петрарка“, во: Италијанската ренесанса. New York: American Heritage Publishing, 1961, стр. 165; ISBN 0-618-12738-0
  12. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 233.
  13. 13,0 13,1 Srđan Musić, „Frančesko Petrarka“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 125.
  14. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 311-312.
  15. 15,0 15,1 „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 111.
  16. Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 3.
  17. Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 6.
  18. Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 8-9.
  19. Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 9.
  20. 20,0 20,1 Ivo Andrić, „Legenda o Lauri i Petrarki“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 7.
  21. 'Introduction' to Canzoniere, translated by Anthony Mortimer (London: Penguin, 2002), xiv.
  22. Стојка Бојковска, Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Невена Исакова, Бранко Пендовски, Македонски јазик и книжевност за II година за реформираното гимназиско образование.Скопје: Просветно дело, 2009.
  23. „Канцониерот“ од Петрарка на Македонски јазик и книжевност за средно стручно образование од Билјана Богданоска
  24. „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 113.
  25. „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
  26. „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 116.
  27. „Beleške“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 117.
  28. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 292.
  29. Srđan Musić, „Frančesko Petrarka“, во: Frančesko Petrarka, Soneti i kancone. Beograd: Rad, 1964, стр. 124.
  30. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 112.
  31. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
  32. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 219-220.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]