Епика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Литература
Основни облици

Роман · Поема · Драма
Расказ · Новела

Родови

Епика · Лирика · Драма
Романса · Сатира
Трагедија · Комедија
Трагикомедија

Извори

Изведба (претстава· Книга

Форми

Проза · Стих

Историја и списоци

Општ преглед на литературата
Индекс на поими
Историја · Модерна историја
Книги · Писатели
Награди за литература · Награди за поезија

Дискусија

Критика · Теорија · Списанија

Епика (од старогрчката придавка ἐπικός (епикос), од ἔπος (епос) „збор, говор, приказна“[1]) е еден од трите рода во уметничката литература, кој опфаќа дела во стих и во проза, во кои вообичаено се раскажува за херојски подвизи или настани значајни за одредена култура или нација.[2] Во поглед на традиционалната теорија на литературата под поимот епика се подразбирале раскажувачки дела само во стихови, како што се епските песни, односно поемите и епопеиите[3], но современата теорија на литература подразбира и прозни дела со раскажувачки карактер како, романот, расказот, новелата и сл.[3]

Епиката се смета за раскажувачка, претставувачка, односно миметична уметност. Со други зборови едно книжевно дело се смета за епско доколку постои раскажување, односно нарација, раскажува или наратор и ликови кои ги градат дејствијата односно сижето и фабулата.[4] Термините епска широчина и епска композиција заедно со објективноста во раскажувањето се три најбитни белези на едно епско дело. Користењето на сижејни методи, како ретроспекции, заедно со деталните описи на ликовите и настаните го прават делото обемно, односно ја градат неговата епска широчина; развојот на дејството по етапи, од друга страна ја означува композицијата на делото.[4][3]

Лик

Во епските дела се прикажани ликови кои се носители на идеите на авторот.

Лик во делото е вршител на дејството. Како ликови, освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата, предметите, измислените суштества (ламји, вештерки итн.), како и апстрактните поими (во народната литература како ликови се јавуваат смртта, касметот и сл.)

Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат индивидуализирани (посебни, специфични) или типизирани (осбини од повеќе личности собрани во еден лик; на пр.: особини на многу скржавци - тип на скржавец).

Атрибути на ликот

Под атрибути на ликот ги подразбираме особините, белезите на ликот што ги осознаваме додека го читаме делото. Некои од нив ги кажува нараторот, некои другите ликови или самиот лик. Особините ги осознаваме и преку постапките или дијалозите со другите ликови.

Без разлика колку животно искуство внел авторот во своето литературно дело (колку главниот лик е автобиографски), сепак секое дело е литературна творба (конструкција), а не животна вистина. Затоа, многу е важно да се прави разлика меѓу авторот на делото и раскажувачот во делото или нараторот.

Наратор е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува во прво лице, но сепак, тој не е авторот. Авторот е жив човек - личност, а нараторот е измислена креација - лик.

Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето лице и тогаш станува збор за тој - раскажувач (наратор), кој може да биде сезнаечки (знае се, знае како некој се чувствува, како размислува итн.) и сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места). Поретко, нараторот е претставен во прво лице еднина (тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа е јас-наратор и е еден од ликовите во делото.

Настани: сиже и фабула

Раскажувањето на настаните во делото може да оди во хронолошки ред, но може и да биде испревртено. Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил авторот. На пр. започнал со смртта на главниот лик, а потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството итн. Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен ред. Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-последичен однос. Ваквото подредување на настаните се вика фабула.

Тема, мотиви, идеја

Темата најчесто се поврзува со насловот на делото, но не секогаш. Тема е она за што се зборува во едно дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една реченица.

Мотиви се помали делови од општата тема. На пр. во драмата Печалбари од Антон Панов, темата е животот на Македонците на почетокот од 20 век. Во неа се зборува за љубовта на двајцата млади, Костадин и Симка, кои потекнуваат од различни социјални средини, тој е сиромашен, а таа богата. Нејзиниот богат татко е лихвар кому парите му значат повеќе од среќата на ќерката. Затоа, Костадин мора да оди на печалба каде умира.

Во драмата среќаваме повеќе мотиви: љубовен, социјален, печалбарски, мотивот на парите итн.

Идејата е главната поента во делото, пораката на авторот (она што авторот сакал да ни го каже).[5]

Епски видови[уреди]

Епските видови се делат на:

  • куси и долги; и
  • во стих и проза.

Куси епски видови се:

Долги епски видови се:

Епски видови во стих[уреди]

Епската песна и епот (епопејата) се стихувани творби.

Епска песна е кусо епско дело во стихови во кое се раскажува за една случка од животот на некоја историска личност или измислен лик.

По своите карактеристики епот и епопејата не се разликуваат од епската песна. Се разликуваат само по тоа што се подолги и раскажуваат за повеќе случки и ликови.

Еден од најпознатите епови е „Епот за Гилгамеш“ од асиро-вавилонската литература. А епопеите од Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“, сè уште се ненадминливи по својата убавина и уметнички вредности.

Пример за епска песна (народна)

Сирма војвода

Дека се чуло видело,

мома војвода да бидит,

на седемдесет сејмени

на тија гори зелени,

на тија води студени?

Мома им веле, говоре:

- Това сос људба на биват,

това сос срдба на биват!

Земајте прстен од р`ка,

врзејте прстен на бука,

фрлејте редом на нашан;

кој ќе ударит прстенот,

тој ќе си бидет војвода

и мене ќе ме ќердосат.

- Сите фрљаа со редом,

никој ми прстен не удри.

Мома си вели, говоре:

- Подај ми, чауш, пушката!

Пушката пукна од р’ка,

падна ми прстен од бука,

пак мома вели, говоре:

- Земајте камен, фрлајте,

кој ќе ме мене натфрлит,

тој мене нека ќердосат,

тој млад војвода да бидет.

Сите ми се редом фрљаа,

никој се камен не натфрли;

Сирма ми камен натфрли

десет чекори потамо;

и седемдесет дружина

одбраа Сирма војвода.[7]

Епски видови во проза[уреди]

Најстарите епски видови во проза се:

1.Митовите, легендите и преданијата

Според меѓународната класификација, преданијата се делат на: 1. митови; 2. легенди; 3. историски преданија (се однесуваат на историски настани и личности) 4. етиолошки преданија (се однесуваат на потеклото на некој локалитет).

Митовите се сметаат за најстари приказни со фантастична содржина создадени во првобитното општество. Луѓето во недостаток од научни сознанија создавале фантастични објаснувања за настанокот на светот, за човекот, за животот итн. Во почетокот тие биле свети приказни и не се сметале за литературни творби.

Пр: Митот за Сизиф

Легендите исто така имаат фантастична содржина, но за разлика од митовите тие се поврзани со вистински настани или историски личности.

Пр:Легенда за бесмртната вода

Преданијата се слични со легендите, но се поблиски до историската вистина и имаат пореалистична основа.

Пр:Предание за манастирот Заум во Охрид

2. Народни приказни

Народните приказни се делат на: фантастични и реалистични.

а) Фантастичните приказни

  • сказните, бајките се исполнети со најнеобични доживувања на ликовите, како и со разни суштества (змејови, ѓаволи, самовили) и предмети (волшебни ламби, килими, животворни води итн.).
  • басната на алегоричен начин ги опишува човековите особини. Басната може да биде во стих и во проза. Преку ликовите на животните (поретко и на растенијата и предметите) на ироничен, сатиричен и хумористичен начин се прикажани човековите недостатоци. На крајот тие содржат и наравоучение во вид на кратка реченица со мудра мисла (афоризам).
  • приказните за животни се слични со басните, но се малку подолги од нив.

За разлика од останатите литературни творби, кај сите фантасични приказни се забележува поларизација на ликовите на добри и лоши. Најчесто овие приказни им се раскажуваат на децата, а тие се идентификуваат со добрите ликови и на тој начин го градат карактерот.

Пр:Врапците цареви

б) Во реалистичните приказни се раскажуваат случки од секојдневниот живот на луѓето.

3. Анегдотата е мала хумористична приказна во која се раскажува некоја смешна случка од животот на позната личност.

4. Гатанката е народна умотворба која се состои од прашање и одговор. Прашањето е метафорично претставување на предметот или појавата која треба да се погоди со одговорот.

5. Пословиците и поговорките се многу слични по својата содржина и форма. Со нив се искажува некоја народна мудрост. Разликата е во тоа што пословицата е двочлен состав (составени се од два дела), а поговорката е едночлен состав (составен од еден дел). Поговорката често претставува дел од пословицата. На пример, може да кажеме: Село гори, како поговорка од целата пословица: Селото гори, бабата се чешла.

Пословици:

'Ако е виното кисело, ама срцето ни е весело.

Бадијала работи, бадијала не седи.

Без татко полојна сирак, без мајка цел сирак.'

Поговорки:

Рани куче да те лае.

Со игла бунар не се копа.

Бара влакно во јајцето.

6. Раскази и романи

Расказите и романите се посовремени епски прозни видови (нив ги нема во народната литература). Тие не се разликуваат во внатрешните својства, туку во големината. Расказите се куси, а романите подолги. Може да се направи аналогија на епските видови во стих и проза: епската песна и расказот се покуси, а епот (епопејата) и романот се подолги.

Според содржината расказите и романите можат да бидат: битови, историски, авантуристички, научнофантастични, психолошки, хумористични итн.[8]

Наводи[уреди]

  1. http://www.etymonline.com/index.php?term=epic
  2. Michael Meyer, The Bedford Introduction to Literature, Bedford/St. Martin's, 2005, p2128. ISBN 0-312-41242-8
  3. 3,0 3,1 3,2 С. Бојковска, Л. Минова-Ѓуркова, Д. Пандев, Ж. Цветковски, Н. Исакова, Б. Пендовски, Македонски јазик и литература: за I година за реформираното гимназиско образование, IV издание, Просветно дело, Скопје, 2008, стр. 174.
  4. 4,0 4,1 Јадранка Владова, Македонски јазик и литература за I година гимназиско образование, Просветен работник, Скопје, 2002, стр. 117.
  5. http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_4182.html
  6. http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_9665.html
  7. http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_6460.html
  8. http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_511.html