Прејди на содржината

Епска народна поезија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Епската народна поезија е дел од народната поезија во која се пее за некој историски или измислен лик, или за некој историски настан.

Епската поезија на балканските народи

[уреди | уреди извор]

Според стихот во кој се испеани, епските народни песни се делат на две групи: гусларски и бугарштици. Првите се испеани во десетерец (краток стих), со цезура по четвртиот слог и без припев. Бугарштиците се испеани во долг стих, најчесто од 15 или 16 слогови, со цезура по седмиот или осмиот слог, (ако стихот е пократок од 15 или подолг од 16 слогови, тогаш цезурата е зад петтиот или шестиот, т.е. зад деветтиот или десеттиот слог) и често со припев зад секој стих, секој втор стих или на неколку стихоа при што припевот се состои од шест, а поретко од пет слога и најчесто не додава ништо ново, туку само го проширува претходниот стих. Гусларските песни го добиле името по тоа што се пееле со гусли, додека името „бугарштици“ потекнува или од глаголот „бугарити“ кој означува тажно пеење или од carmen vulgare што означува народна песна. Постои дилема за тоа кои од нив се постари: бугарштиците се запишани порано и порано излегле од употреба, па тоа наведува на заклучокот дека тие се постари; но, судејќи по другите својства, се чини дека пократкиот стих е постар, зашто во гусларските песни често се употребува генитив наместо акузатив, вокатив наместо номинатив, номинатив наместо другите падежи, често се користи деминутив или удвоен предлог, или некој збор од претходниот стих се повторува во следниот; овие својства не ги бара подолгиот стих, но се среќаваат и во него, а од тоа се заклучува дека бугарштиците биле под влијание на пократкиот стих. Инаку, гусларските песни се побројни од бугарштиците, а според тематиката се делат на повеќе циклуси: неисториски, преткосовски, косовски, песни за Крале Марко, ајдучки, ускочки итн. Вук Караџиќ, пак, ги поделил епските песни на три циклуси: песни од постаро време, песни од средното време и песни од поново време.[1]

Иако не е познато кога се создадени, нема сомнение дека потеклото на епските народни песни е многу старо: во некои од нив се препознава духот на паганските времиња, некои се создадени за време на средновековните владетели, додека некои потекнуваат од времето на Османлиското царство, а некои се создадени во ајдучките дружини. Убавината на епската народна песна се состои во нивната посебна тематика и во уметничката градба. Така, во нив доминира херојската трагедија, т.е. пораката дека сјајот на овој свет се мери низ страдањето и умирањето, а вредноста на човекот се изразува низ верноста кон својот род и низ борбата за слобода. Оттука, убавината на хуманизмот во народната песна е запишана со крв и со тага. Притоа, опишувањето на трагичните настани барале говор полн со возбуда, па затоа дури и во епската поезија е застапен силно изразен лиризам.[2]

Сепак, поради усното кажување, често се среќава недоработеност и расипување на стихот, така што целокупната епска народна поезија не е со подеднаков квалитет, т.е. во многу случаи, првобитната поетска замисла не отишла подалеку од стереотипна и схематична скица. Меѓутоа, во своите најдобри творби, епската народна песна се одликува со виртуозна композиција и со извонредни сликарски и музички квалитети карактеристични за совршените поетски градби. Во нив, прикажувањето на настаните и личностите се врши во драмска форма (со монолог или дијалог) или со епска форма (со раскажување), а најчесто на двата начина истовремено. Често, во опишувањето предност добива час настанот час личноста: во некои случаи, во центарот на песната е настанот; во други случаи, настаните и лицата служат само за да се истакне една личност; понекога, како се појавуваат двајца главни лика (двајцата домашни или еден домашен, а еден непријателски); а во некои песни, главната улога ја играат многу луѓе.[3]

Сликарските ефекти во епските песни се постигнати со помош на градацијата и контрастот, но тоа се остварува на различни начини - некогаш, контрастот е потчинет на градацијата, некогаш обратно, а другпат тие се во рамнотежа. Исто така, често, овие два сликарски ефекти се комбинирани со други ефекти, кои понекогаш дури имаат и предност во однос на градацијата и контрастот. Така, во епскиет песни често се среќаваат: словенската и обичната антитеза, хиперболата, компарацијата, метафората, персонификацијата, итн. Понекогаш, овие сликарски описи заземаат големи делови од песните и можат да постај како посебни целини, а некогаш се работи за мали делови од песните, еден или два-три стиха, или само неколку збора. Музичките ефекти во епските песни произлегуваат од виртуозната употреба на римата и од мелодичниот распоред на самогласките и согласките. Притоа, римите не се појавуваат редовно, ниту пак на точно одредени места, но токму поради тоа оставаат силен впечаток. Истовремено, употребата на самогласките и согласките предизвикува ненадминато играње со звукот, како што се случајот со употребата на „р“ во песната „Смртта на Крале Марко“ (Смрт Марка Краљевића), употребата на „а“ во „Смртта на мајката на Југовиќи“ (Смрт мајке Југовића), употребата на „е“ во „Стариот Вујадин“ (Стари Вујадин), итн.[4]

Собирачи на епски народни песни

[уреди | уреди извор]

Најстарите запишани епски народни песни потекнуваат од 16 век во делата на Петар Хекторовиќ (од кои е една е за „Крале Марко и брат му Андријаш“. Во 17 век, Јурај Бараковиќ и Петар Зрински оставиле записи за книжевната народна практика со која се опевуваат херојските дела на Крале Марко, Милош Обилиќ и др. Првите песни испеани во десетерец се запишани во XVIII век: еден запис на непознат Германец од околу 1730 година, две песни во делото „Разговор угоден“ на Качиќ од 1756 година, песната „Хасанагиница“ објавена во Фортисовата книга „Пат во Далмација“ од 1774 година и една песна објавена во делото „Сатир“ на Рељковиќ од 1779 година. Вистинскиот подем во воскреснувањето и поширокото претставување на народната (усна) книжевност започнал во XIX век, со Вук Стефановиќ-Караџиќ, кој пак под влијание на браќата Грим, собрал и објавил значителен дел од српската народна проза и поезија. По него, народни творби објавувале и Сима Милутиновиќ („Пјеванија црногорска и херцеговачка“, 1837), Петар Петровиќ Његош („Огледало српско“, 1845), Богољуб Петрановиќ „Српске народне пјесме из Босне и Херцеговине“, 1867, 1879) и други. Во 1814-1815 година, со посредство на Јернеј Копитар, со српските епски народни песни се запознал Јакоб Грим кој бил воодушевен од нив, пишувајќи дека „нашите народни германски песни пред нив би требало да се скријат“ и „дека би можеле да се споредат со шпанските јуначки песни, но и нив ги надминуваат“. Според Јакоб Грим, „од Хомеровите епови наваму, во цела Европа нема ниедна појава која толку јасно би можела да нè извести за суштината и настанокот на епот како српските народни песни“. Исто така, и Гете бил воодушевен од српските епски песни при што некои од нив ги превел на германски јазик. Најпосле, од овие песни биле воодушевени и Пушкин, Ламартин, Мицкјевич, Мериме, Џон Локхарт итн.[5]

Босанска епска народна поезија

[уреди | уреди извор]

Собирачката активност на босанските народни песни започнала во 1774 година, кога за време на своето патување низ Далмација, италијанскиот биолог и патописец Алберто Фортис ја запишал песната „Хасанагиница“, која ја објавил две години подоцна во својата книга, и тоа оригиналниот текст заедно со италијанскиот превод. Неговиот превод го прочитал Гете, кој ја препеал песната и ја објавил во Хердеровата збирка „Народни песни“ (германски: Volkslieder) од 1788 година. Во 1799 година, Волтер Скот ја превел песната на англиски, јазик, додека Шарл Нодје (во 1821) и Проспер Мериме (во 1827) ја препеале на француски јазик. Најголема заслуга во собирањето и објавувањето на народните песни од Босна имаат Вук Караџиќ, како и Иван Фрањо Јукиќ и фра Грга Мартиќ. Првата голема збирка која содржи само муслимански народни песни од Босна се појавила во 1888 година во Сараево, со наслов „Народни песни на Мухамеданците во Босна и Херцеговина“ (Narodne pjesne Muhamedovaca u Bosni i Hercegovini). Книгата ја уредил високиот советник во тогашната Земска влада за Босна и Херцеговина, Коста Херман (Kosta Hörmann), кој следната година објавил уште една збирка. Притоа, двете негови книги (со обем од 1 276 страници) содржат 75 епски песни со околу 50 000 стихови. Големиот успех на двете збирки го поттикнал да подготви и трета книга која била објавена дури во 1966 година (во скратен облик) со наслов „Народни песни на Муслиманите во Босна и Херцеговина“ (Narodne pjesme Muslimana u Bosni i Hercegovini), а во редакција на Џенана Бутуровиќ. Ова издание на Земскиот музеј во Сараево било испечатено во илјада примероци со намера да послужи претежно во научни цели. Во Архивот за словенска филологија, Ватрослав Јагиќ во основа позитивно ја оценил собирачката активност на Коста Херман, но му забележал што икавските песни ги преточил во иекавско наречје, оштетувајќи ја автентичноста на песните.[6]

Во 1898 година, во издание на Матица хрватска, се појавила уште една книга со босански епски песни со наслов „Јуначки песни (мухамедовски)“ со обем од 672 страници, чиј уредник бил Лука Марјановиќ. Подоцна, во 1899 година била објавена уште една таква збирка со обем од 736 страници. За разлика од Херман, Марјановиќ дава детален опис на народните пејачи од кои ги презел песните од кои особено го истакнал Мехмед Колак-Колаковиќ од Орашац, кој во текот на 1886-1887 година престојувал во Загреб на трошок на Матицата хрватска. Марјановиќ нагласува дека, иако по јазикот и распоредот муслиманските народни песни се исти како другите јуначки песни, сепак тие имаат и посебни одлики: во прв ред, со ретки исклучоци, повеќето муслимански народни песни се полни со романтицизам, зашто повеќето мотиви во нив (битките, двобоите, свадбите, грабнувањето на девојките, откупувањето на заробените јунаци, одмаздата за извршеното насилство итн.) се поврзани со девојките и жените. Интересно е тоа што многу муслимански народни песни ги пееле народните пејачи кои биле католици од Далмација и Босна и Херцеговина, а за тоа сведочи и присуството на икавскиот говор во овие песни.[7]

Покрај останатите јунаци, посебно место во босанските (муслимански) епски песни има Алија Ѓерзелез, главниот јунак од централна Босна, кој живеел кон крајот на 15. и првата половина на 16. век. Исто така, често се пее и за Мустај-бег лички, најпопуларниот јунак од Краина, кој бил управник на Лика и Крбава. Особено интересен лик во муслиманските епски песни е Тале Личанин, познат по атрибутот Будалетинката Тале, кој се истакнува не само со храброста, туку и со своите посебни сфаќања. Така, тој поседува некои особини од класичните ликови на народната поезија (на пример, Крале Марко), а неговото потсмевање на раскошот потсетува на ликот Терзит од ХомероватаИлијада“. Иако неговата надворешноста е неугледна и необична, тој е таков поради длабокото филозофско убедување, а не заради формата. Имено, тој го брани најблагородниот хуманизам, залагајќи се за почитување на луѓето според нивната вредност, а не според положбата и имотот.[8]

Исто како и другите народни песни, така и муслиманските имаат историска позадина, изразувајќи ја поделеноста на луѓето кои живееле во различни држави: Венецијанската Република, Австро-Унгарија и Отоманското Царство. Ваквата поделеност е многу често, но сепак во некои песни се пее и за пријателството меѓу луѓето од одделните царства и вери. Слично на тоа, во некои песни се опишува побратимството меѓу јунаците, кои никогаш не го прекршуваат дадениот збор, како и посестримството меѓу јунаците и некоја девојка. Посебна одлика на муслиманските народни песни е стремежот на народниот пејач за детално опишување на надворешниот изглед на главниот јунак, заедно со неговата воена опрема, облеката и коњот, при што во описот преовладува златото како главниот прикажана украсен елемент. На пример, во песната „Филип Маџарин и дебелиот Халил“, облеката на Халил е опишана во 38 стихови, а потоа народниот пејач посветува дури 55 стихови за да го опише неговото оружје. Во продолжение, особено силно се опишани некои моменти од боевите во кои е изразена трагиката на погинувањето на воините. Покрај тоа, во песните се среќаваат и описи на пејзажите на околината во која се случува дејствието, а во описите на убавиците се присутни и богати лирски елементи.[9]

Македонската епска народна поезија

[уреди | уреди извор]

Иако во македонското народно творештво доминира лирската поезија, сепак и епската песна зазема значајно место. Едно од поважните обележја на македонската епска поезија е совпаѓањето на уметничката со историската вистина, т.е. со богат поетски јазик, народниот творец ги толкувал поважните историски настани и ликови. Македонските епски песни најчесто се испеани во десетосложен стих, а поретко и во осумсложен стих (ајдутските и комитските). Во зависност од времето и настаните што се обработуваат, македонската епска поезија може да се подели во неколку групи:[10]

  • митолошко-религиозни песни - тие се најстари народни песни и во нив се пее за натприродните сили и суштества (духови, змејови, самовили) или за ликовите од христијанството (Богородица, Христос, светците, ангелите итн.); но, иако ликовите се фантастични, тие се опеани со реалистични својства.
  • историски песни - опфаќаат мотиви од средниот век и во нив се пее за страдањето на народот за време на турското ропство, како и за отпорот против поробувачот.
  • јуначки песни - иако не претставуваат целосен и заокружен епос, сепак сочинуваат прилично развиен состав од поголем број песни во кои народниот пејач со својата творечка фантазија го трансформирал родољубивото чувство во јуначки ликови; во рамките на оваа група, најзначаен е циклусот песни посветени на Крале Марко, а освен него, како главни ликови во македонските јуначки песни се јавуваат: Болен Дојчин, Момчил војвода, Јанкула војвода, Релјо Шестокрило и низа детски ликови - Дете Татулиџе, Секула Детенце, Дете Голомеше итн.; во македонските јуначки песни доминираат деталните описи, развиеното епско дејствие, честите повторувања и дијалози; овие песни се одликуваат со типизирана композиција и со богата стилско-изразна фактиура.
  • ајдутски песни - тие се јавиле како одраз на ајдучкото движење како израз на народниот протест против социјалната неправда; во нив преовладуваат борбените мотиви, но исто така се застапени и мотиви од семејниот живот на ајдуците, верното другарство итн.; главни ликови во овие песни се: Иљо Малешсвски, Сирма војвода од Тресонче, Кузман Капидан, Страхил страшен војвода, Мануш војвода, Јане Плетикоса, Чавдар војвода итн.; ајдутските песни се одликуваат со изразена поетичност, со пореалистично прикажување на ликовите и настаните, со умерена употреба на хиперболата, поеластична композиција, разновидна творечка постапка, како и значајна застапеност на женските ликови и на лирските елементи; во оваа група спаѓа песната за Кузман Капидан која е најдолгата македонска народна песна, составена од 1 142 стиха.
  • револуционерно-комитски песни - претежно се создадени кон крајот на XIX век, за време на македонската национална преродба; во многуте ликови на македонските револуционери доминираат песните за Гоце Делчев, а чести ликови се и: Питу Гули, Јане Сандански, Александар Турунџев, Даме Груев итн.; за разлика од јуначките песни, овие се одликуваат со пократка форма, со мошне чести дијалози и со крајно едноставна композиција.
  • партизански песни - тие се најновиот вид македонски епски народни песни во кое се опејува народноослободителната борба.

Македонски народни песни

[уреди | уреди извор]

Митолошко-религиозни песни

[уреди | уреди извор]

Историски песни

[уреди | уреди извор]

Јуначки песни

[уреди | уреди извор]

Ајдутски песни

[уреди | уреди извор]

Револуционерно-комитски песни

[уреди | уреди извор]

Партизански песни

[уреди | уреди извор]
  • Листај се, горо, шумај се
  • Силна ми војска идеше
  • Таму горе во планина
  • Гледај ме мило либе
  • Ајде ќе те прашам
  • Абер дојде од Тетово
  • Таму ле, мајко, близу Битола
  • Што ми е мило ем драго
  • А бре Македонче
  • Темен се облак зададе
  1. В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 485-486.
  2. Војислав Ђурић, „Лепота народног стиха“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 5.
  3. Војислав Ђурић, „Лепота народног стиха“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 6-7.
  4. Војислав Ђурић, „Лепота народног стиха“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 8-10.
  5. В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 491-493.
  6. Nasko Frndić, „Od junaštva i od vojevanja...“, во: Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. VII-IX.
  7. Nasko Frndić, „Od junaštva i od vojevanja...“, во: Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. IX-X.
  8. Nasko Frndić, „Od junaštva i od vojevanja...“, во: Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. XII-XIII.
  9. Nasko Frndić, „Od junaštva i od vojevanja...“, во: Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. XIII-XXII.
  10. Томе Саздов, „Предговор“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 5-8.