Гатанка
Гатанка — краток жанр на усното народно творештво. Тоа е двочлен израз составен од прашање и одговор. Денес служи за забава, но во минатото, покрај забавна, имала и педагошка функција, а во уште подалечното минато имала и обреден и иницијациски карактер.[1]
Потекло
[уреди | уреди извор]Дека гатанката имала обреден карактер потврдува фактот што се кажувала во одредено време и при одредени дејности, а дека имала и иницијациски карактер потврдува фактот што момчето и девојката, дури откако ќе одгатнеле одреден број гатанки, се сметале за зрели личности што можат да оформат дом и семејство. Гатанката може да се однесува за предмети и појави од непосредната човекова околина, деловите на човечкото тело, алатите за работа и слично:
Кусо дебело на сите газ видело (праг)
Чичо стиска, стрина писка, далеку се чуе (гајди)
Сè во куќа изгоре, а куќата остана (луле)
Гола е, а цел свет го облекува (игла).
Покрај нејзината универзална димензија, подложна е на влијанија и модификација од страна на локалната средина. Може да се појави и во форма на гатанка-пословица: Коски нема, коски крши (јазик).[2]
Како фолклорна творба, гатанката се гради најчесто така што во неа се фиксира делумен опис на некој предмет (исто така, појава или мисла) што треба да се открие врз основа на скриените, недоречени особености на предметот. На пример: „Мало грненце, слатко варивце“ (костен) или „Кожата црна, срцето бело“ (костен). Всушност, гатанката претставува добро составена метафора, како што ја дефинира Аристотел. И Хегел во своите „Лекции по естетика“ ја разгледува гатанката заедно со метафората и со алегоријата. Меѓутоа, метафората не е секогаш задолжително присутна во гатанката, зашто има и гатанки кои се изградени директно како прашање-одговор, како шега или како аритметичка гатанка. Се смета дека гатанките имаат многу старо потекло, зашто во нив често се изразени примитивните претстави за природните појави, а во нив се среќаваат и митолошки и религиозни претстави. Се смета дека најголем дел од македонските гатанки се позајмени или создадени под непосредно влијание од другите народи (Грците, Турците и другите источни народи).[3]
Структура и видови
[уреди | уреди извор]Гатанките се одликуваат со богати композициски форми и со богата поетика. Обично, гатанката претставува двочлена изрека чиј предмет се гради врз неговите функционални или квалитативни својства при што се избираат најтипичните белези. Најчесто, гатанките се формираат така што скриениот предмет (одгатката) се заменува со некој друг сличен предмет („Студена змија на гуша виси“ — ѓердан) или поим или тоа се прави описно („Вар варосан, ѕид ѕидосан, ни дупка, ни проѕирка“ — јајце). Поголемиот дел од гатанките се градат врз метафора или со помош на епитет (сив сокол, зелена ливада итн.), а некои гатанки во себе кријат и метоними, споредби и антитези („Кожата црна, срцето бело“ — костен). За поетиката на гатанката е многу значајна и ритмичката страна и присуството на римата, особено на крајот, како на пример: „Сив којн висна, бело небо стисна“ (вршник), но има и гатанки со римување по редот на зборовите, како и гатанки со внатрешни рими, како што е следнава: „Иво се вози на девет нози, сам бог се чуди како се вози“ (пајак). Најчесто, гатанкиет се градат во слободен стих, иако некои се метрички рамномерни (на пример, во десетерец). Од останатиет звучни повторувања, за гатанката е својствена и алитерацијата, како во следниов пример: „Викба Вида од висока рида, чу Трена, се загна по четири зрна“ (теле и крава).[4]
Фондот на објавените македонски гатанки надминува две илјади. Првите 104 гатанки се објавени во Зборникот на Миладиновци. И. С. Јастребов објавил во својот зборник 275 гатанки од Македонија. Сите други македонски гатанки се објавени во разни списанија, а најмногу (близу 1 400) во познатиот Зборник на народни умотворенија, објавен во Софија. Најважни собирачи на македонски гатанки се Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, И. А. Чачаров, Васил Икономов и други. Притоа, објавените гатанки најчесто потекнуваат од Вардарска Македонија, а најмалку ги има од Егејска Македонија. Меѓутоа, освен то ашто биле собирани, македонските гатанки се недоволно проучувани. Велешанецот Димитар Матов кој во Зборникот на народни умотворенија објавил 135 гатанки од Велес, прв укажал на нивното значење, ги проучувал и ги подредил по азбучниот ред на одгатките и со тоа дал придонес во класификацијата на гатанките.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Драгица Божинова, „Господ — Бог во паремиите на некои балкански народи“, „Македонски фолклор“, XXIV/48, Скопје, 1991, стр. 31-39.
- ↑ Боне Величковски, „Кратките жанрови и детскиот фолклор во Куманово и Кумановско“, Фолклорот и етнологијата во Куманово и Кумановско, Скопје и Куманово, 2000, стр. 255-289.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 13.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 14.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 15.