Смртта на мајката на Југовиќи

Од Википедија — слободната енциклопедија

Смртта на мајката на Југовиќи (српски: Смрт мајке Југовиһа) е српска епска (јуначка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Откако деветте браќа Југовиќ и нивниот татко, старецот Југ-Богдан заминале во Косовската битка, мајката го моли Бога да ѝ даде очи соколови и лебедови крила за да појде на Косово и да ги види своите синови и мажот. Господ ја послушува нејзината молитва и таа одлетува на Косово, наоѓајќи ги сите десетмина мртви. Покрај нив се нивните копја, на копјата стојат девет соколи, а околу нив девет коњи и девет лавови. Тогаш, соколите, коњите и лавовите започнуваат да пискаат и да вреват, но мајката издржува и не пушта ниту солза, туку ги зема нив и се враќа во дворецот. Оддалеку ја здогледуваат деветте снаи, кои веднаш почнуваат да плачат, заедно со деветте деца-сирачиња, но повторно, мајката се воздржува и не пушта ниту солза.

Изутрината, во дворецот долетуваат два крвави гаврана, кои во клуновите носат една рака, со златна бурма на прстот. Мајката ја превртува раката и ја прашува снаата, прашувајќи ја, дали ја познава раката. Снаата одговара дека, според бурмата, може да препознае дека тоа е раката на својот маж, Дамјан. Тогаш, мајката ја зема раката во прегратка и тивко ја прашува, каде растела, а каде била растргната, истовремено одговарајќи си самата на себе дека раката растела во нејзината прегратка, а дека била растргната на Косово. Во тој миг, нејзиното срце не издржува и таа умира од жал за своите девет синови и за својот маж.[1] [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 64-66.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 166-168.