Алегорија е стилска фигура со која метафоричното т.е. преносното значење на мислата се реализира во целосна слика, со сите придружни детали. Во поезијата понекогаш тоа е цела песна. Алегоријата поимите ги пренесува како поединечни метафори кои дејствуваат заедно и создаваат комплексна метафора. Оваа стилска фигура често се дефинира и како продолжена метафора. Тоа значи дека алегоријата се создава кога метафората се протега низ целата мисла т.е. низ сите делови кои се содржани во истата.
Карактеристика на алегоријата е тоа што таа не го менува самото значење на зборовите, туку предметот за чие објаснување се користат тие. Најмногу доаѓа до израз во басните, кои во целина се една алегорија.