Делбата на Јакшиќи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Делбата на Јакшиќи (српски: Диоба ЈакшиҺа) е српска епска песна (бугарштица).

Содржина[уреди | уреди извор]

Прва верзија[уреди | уреди извор]

Месечината ја кара ѕвездата Деница, бидејќи три дена скитала некаде, а таа одговара дека била во Белград, гледајќи како браќата Димитар и Богдан Јакшиќ го делат татковото наследство. Браќата лесно се договориле околу поделбата: Димитар ја зел земјата Каравлашка и земјата Карабогданска и целиот Банат, сè до Дунав; Богдан ги зел Срем, Посавина и Србија до Ужице, Димитар го зел долниот дел од градот, а Богдан горниот дел. Сепак, браќата се скарале за ситна работа, т.е. Димитар го сакал за себе коњот и соколот, но Богдан не ги давал. Изутрината, Димитар го јавнал коњот, го зел соколот и заминал на лов, а на својата жена Анѓелија ѝ кажал да го отруе брат му.

Анѓелија не сакала да направи такво злосторство, туку отишла во подрумот, ја наполнала златната чаша со вино и му го однесла на деверот Богдан, молејќи го да му ги даде коњот и соколот на брат му Димитар. Богдан се сожалил на неа и се согласил. За тоа време, Димитар цел ден ловел по шумата, но ништо не уловил. Вечерта, пристигнал крај едно езеро и таму го пуштил соколот да фати една птица, но таа му го распарчила десното крило. Димитрие запливал во езерото да го извади соколот и притоа го прашал, како му е без едното крило, а соколот му одговорил дека се чувствува како брат кој го изгубил својот брат. Тогаш, Димитар се сетил дека ѝ наредил на жена си да го отруе брат му, па набрзина се упатил кон Белград. Кога стигнал до мостот, неговиот коњ си ги скршил предните нозе, па Димитар продолжил пеш. Дома, ја прашал жена си, дали го отрула неговиот брат, но таа му кажала дека не само што не го отрула, туку успеала да ги смири.[1]

Втора верзија[уреди | уреди извор]

Постои и друга верзија на истата песна, во која се кажува дека браќата Јакшиќи сложно се поделиле, но се скарале за коњот и за соколот. Поради тоа, Митар Јакшиќ заминал во лов, а на сопругата ѝ порачал да го покани неговиот брат Стјепан на ручек и да го отруе. Таа го поканила деверот, но наместо да го отруе, му ја кажала вистината, велејќи дека подобро нека коњот ги скрши нозете и соколот нека летне во планината отколку таа да си го отруе деверот. Во тој миг, Митар повикал од планината, порачувајќи ѝ на сопругата да не го труе деверот, зашто коњот ги скршил нозете, а соколот побегнал. Тогаш, таа му кажала дека не го отрула Стјепан и така Митар се вратил дома, каде ја пофалил сопругата, по што направиле веселба.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 95-97.
  2. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 44-45.