Портрет на уметникот во младоста

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Портрет на уметникот во младоста (англиски: A Portrait of the Artist As a Young Man) - роман на ирскиот писател Џејмс Џојс од 1916 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од пет глави во кои е опишано созревањето на главниот лик, Стивен Дедалус.

Прва глава[уреди | уреди извор]

Романот започнува со описот на идилична случка во која таткото му чита приказна на својот мал син, почнувајќи го раскажувањето со зборовите: „Многу одамна, во добрите стари времиња...“ Во најраните спомени на Стивен се врежани и вукото Чарлс и госпоѓата Данте. Потоа, Стивен се запишува во езуитскиот колеџ Клонгоус во кој децата се воспитуваат строго и во духот на католичката вера. Еден ден, тој се разболува и додека лежи во болницата ги здогледува луѓето кои ја оплакуваат смртта на ирскиот политичар Сјуарт Чарлс Парнел. За Божиќ, Стивен оди дома, каде за време на вечерата се води жестока расправа за политиката и за католичките свештеници во Ирска. По враќањето во колеџот, Стивен е неправедно казнет од воспитувачот кого го пријавува кај ректорот.[1]

Втора глава[уреди | уреди извор]

Стивен го поминува летниот распуст во безгрижни игри и во дружбата со вујкото Чарлс, но поради финансиските проблеми на татко му, тој не го продолжува школувањето во Клонгоус. Потоа, семејството се сели во Даблин, каде Стивен се вљубува и почнува да пишува поезија. Сепак, тој го продолжува школувањето во колеџот Белведер, каде за време на школската прослава ја игра главната улога во театарската претстава. Еден ден, тој го придружува татко му при посетата на Блекрок каде на лицитација го продава имотот. Во тој период, Стивен ги заработува своите први пари од пишувањето состави. Тој е веќе адолесцент и, под притисокот на сексуалните желби, почнува да ги посетува проститутките во градот.[2]

Трета глава[уреди | уреди извор]

Стивен е растргнат меѓу своите сексуални потреби и сознанието дека прави страшен грев и поради тоа многу страда. Истовремено, тој ги забележува промените во своето однесување и чувствува дека е различен од своите школски другари и отуѓен од светот. За време на предавањето во колеџот по повод празникот на св. Франциско Ксаверски, Стивен е силно потресен од описот на пеколот и на страдањата на грешниците и запаѓа во агонија. Поради тоа, тој оди во блиската капела за да ги исповеда своите гревови.[3]

Четврта глава[уреди | уреди извор]

Стивен запаѓа во голема побожност и во секој поглед се труди да се однесува потполно во согласност со строгите верски принципи. Поради безгрешното однесување тој добива покана да стане свештеник-езуит, но тој ја одбива понудата и се запишува на универзитетот. Еден ден, тој оди на морскиот брег, каде истовремено здогледува група езуити и една млада девојка. Тогаш, тој конечно сфаќа дека никогаш нема да стане свештеник, туку ѝ се препушта на радоста на световниот живот.[4]

Петта глава[уреди | уреди извор]

На универзитетот, Стивен уште повеќе созрева оставајќи го детството зад себе. Таму, тој навлегува подлабоко во книжевноста, а исто така, за првпат доаѓа во допир со ирскиот национализам. Сепак, тој и понатаму инсистира на својата посебност и индивидуалност. Така, во една прилика, наспроти сите студенти, тој одбива да се потпише на петицијата за мир во светот. Во тој период, Стивен почнува да гради своја теорија на естетиката, заснована врз учењето на Аристотел и Тома Аквински. Неколку пати ја здогледува девојката што ја сака, но нивните односи се студени, иако тој повторно почнува да пишува песни за неа, десет години по неговата прва песна. Најпосле, Стивен не може повеќе да го трпи притисокот на својата средина и, отуѓен од семејството, татковината и религијата, во него се зацврстува намерата да ја напушти Ирска, велејќи дека не може да му служи на она во што не верува, без оглед дали тоа е домот, татковината или црквата. Една од последните реченици што ги запишува во својот дневник пред заминувањето е следнава: „Јас заминувам за по милионити пат да се соочам со стварноста на искуството и во ковачницата на својата душа да ја исковам сè уште несоздадената свест на својот народ.“[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Џојс започнал да го пишува романот во Даблин, во 1904 година, а го завршил во Трст, во 1914 година.[6] Романот се одликува со силно изразени автобиографски елементи, зашто исто како главниот јунак Стивен Дедалус и самиот Џојс учел во езуитскиот колеџ Клонгоус, по што се префрлил на колеџот Белведер за најпосле да студира на Универзитетот во Даблин. Романот започнува со зборови од бајките што им се раскажуваат на децата, а завршува со смела и арогантна изјава на човекот кој е толку свесен за својата индивидуалност, што му се чини дека може да биде творец на свеста на својата епоха. Притоа, уште од почетокот на делото се забележува јасен пресврт од реализмот кон субјективизмот и натурализмот при што авторот дава претстава на постоењето онака како што го доживува тој. Во тој поглед, романот значително отстапува од вообичаената раскажувачка постапка на т.н. „билдунгсромани“, кои го опишуваат развојот на еден човек од детството до зрелоста.[7] Во него, Џојс целосно го развива својот метод за осветлување на луѓето и животот од внатрешната страна. Уште од првите страници на романот, авторот доследно го дава своето субјективно доживување на светот, изразен во свеста на Стивен Дедалус, кој постепено се еманципира од семејството, татковината и црквата, спротивставувајќи му се на секој наметнат авторитет. Џојс потполно ја остварил целта што си ја поставил во „Портретот на уметникот во младоста“ - ги открил сите можни патишта на нуркање во внатрешноста на човекот и начините на коишто тие можат јазички да се изразат. Но, тој покажал дека постои и граница што не смее да се помине, зашто по неа јазикот го губи своето значењето што е најважно во книжевноста, т.е. престанува да биде комуникативен. Во секој случај, овој роман претставува класично уметничко дело со трајна вредност при што дури Џојс да го напишел само ова дело, тој би го заслужил своето место во англиската и светската книжевност.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 5-60.
  2. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 60-104.
  3. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 105-151.
  4. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 151-179.
  5. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 179-266.
  6. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 266.
  7. Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 267.
  8. Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 270-277.