Канцониерот
Канцониер (италијански: Il Canzoniere) е поетска збирка на италјанскиот поет Франческо Петрарка.
Содржина на Канцониерот
[уреди | уреди извор]Иако Петрарка верувал дека вистинските вредни дела се пишуваат на латински, сепак неговото дело кое било напишано на италијански народен јазик го достигнал литературниот врв.[1] Канцониерот е составен од 317 сонети, но и 29 песни, 4 мадригали и 23 текстови , а покрај љубовните содржи и мал број песни со патриотски, религиозни и филозофско-критички мотиви. Го пишувал повеќе од три децении. Составен е од два дела: „Животот на госпоѓа Лаура“ и „Смртта на госпоѓа Лаура“. Неговата најголема љубов е Лаура, но таа љубов е неотсварлива бидејќи таа е мажена и има повеќе деца. Тој ѝ го посветил сиот живот нејзе, а таа со ништо не му возвратила. Сонетите не се именувани, па затоа во збирката се запишани под редни броеви.
Животот на госпоѓа Лаура
[уреди | уреди извор]Во првиот дел, „Животот на госпоѓа Лаура“ поетот ја опишува својата опседнатост со љубовта. Недостижната љубов е причината која го присилува лирскиот субјект да бега во осамени места, далеку од луѓето кои можеби ќе ја откријат неговата тајна. Изморен од „ладната поза“ пред светот тој се одмара во осаменоста каде може послободно да им се препушти на љубовните чувства[2].:
Со чекор бавен, осамен јас шетам
замислено низ тие пусти места;
со буден поглед гледам толку честа
од човек трага овде да не сретнам.
(Првата строфа од сонет 10)[3]
Но, каде и да оди, колку и да бега, од љубовта и страста не може да избега. Се потсетува на минатото и го благословува моментот кога се вљубил, бидејќи љубовните чувства му ја полнат душата и го прават да се чувствува поблиску до возвишувањето, поблиску до Бога. Тој ја идеализира убавината на саканата Лаура, споредувајќи ја со другите жени и возвишувајќи ја над сите[2].:
Од час во час сред други жени слични
Ми иде Амор, но во Нејзин лик,
и колку тие помалку се лични,
јас повљубен сум толку секој миг.
(Сонет 13)
Убавината на Лаура е надземна, со „коси злати“, „нежен тен“, ангелски од, а нејзините зборови и нејзиниот глас се лек за душата и вљубеното срце. Иако можеби посакува да се оттргне од канџите на недостижната љубов, сфаќа дека тоа не е можно - зашто тешко заздравува оној што еднаш е ранет од стрелата на Амор. Во наредните сонети немирот само се зголемува[2].
Сонет 132:
Ако љубов не е - што ли сега бладам?
Ако е, пак, љубов, Боже! - каква, која?
Добра ли е?... Зошто има смртна боја?
Лоша ли е?... Зошто, тогаш, слатко страдам?
Ако пламнав - зошто солзи, клетви бројам?
Ако злото расте - помага ли јадот?
О, ти жива Смрт! О, тие зла од адот!
Јас се гневам на нив, тие ми се ројат!
Ако, пак, ги барам - не сум прв што кукам.
Ветришта ме гонат, сам во дупнат чамец,
најден сред бран, на ветришта, без весла.
Ако невешт талка и од бранот пука
- тогаш не знам сам во каков паднав мамец:
зиме сиот горам; лете в студ се тресам![3]
Недостижната и никогаш остварена љубов предизвикува противречни чувства. Во борбата меѓу срцето и разумот нема победник. Кој не почувствувал никогаш не може да знае како е да сакаш и да бидеш свесен дека таа љубов нема среќна завршница. Во безизлезот поетот се чувствува како тоне („во дупнат чамец“), сосема загубен и без можност да го најде вистинскиот пат („без весла“). Контрастот „зиме сиот горам; лете в студ се тресам“ точно ја покажува состојбата во која се наоѓа вљубениот - трескавичен безизлез![2]
Овие противречни чувства најсилно се изразени во сонетот 134:
Не, нема мир, ни војна, ниту враг;
се плашам в надеж, стинеам и горам;
се влечам в прав, со облаци се борам;
за сите туѓ, ги барам сите пак.
Во власта нејна злото не го корам.
Ни тоа иде, гневот ѝ е драг;
Амор не убива, но оковот е јак,
сред живот - бескрај само мака творам;
Без очи гледам; нем - за болки зборам
јас барам спас за гибел и за жед,
се мразам сам, го сакам сиот свет.
Од бол сум жив; од плачот насмев творам;
и смрт, и живот, проклетство ги сви,
а виновна си Дона само ти.[3]
Во првата строфа на сонетот се опишани противречни чувства: мир и војна, тлеење и пламен, земја и облаци, осаменост и потреба од луѓе; во кои преку контрастот поетот најсоодветно го изразил својот немир. Но, тој не ја прекорува саканата, иако се чувствува мачно и „оковано“ од љубовта. Во третата строфа со употреба на оксиморон, иако парадоксално, сосема вистинито звучат стиховите „Без очи гледам; нем - за болки зборам“, зашто на ликот му се чита сето страдање и болка, сета противречност на омразата кон себе што дозволил љубовта толку да овладее со него, но и благородното чувство што предивикува да „го сака сиот свет“. Љубовта, односно Лаура (дона - госпоѓа) е таа која го направила толку несреќен, но и среќен истовремено. Љубота е таа, што му ги дава двата правци: „и смрт и живот“, но и двата се „проклети“, зашто животот е преполн со страдање, но и смртта не е олеснување, ако е без Лаура. Иако на крајот од сонетот тој ја посочува Лаура како виновник, тој не ја обвинува, бидејќи љубовта е сепак благородно чувство[2][4].
Смртта на госпоѓа Лаура
[уреди | уреди извор]Иако времето одминувало, Лаура за поетот била најубавата жена. Нејзината земна убавина ја споредува со божествената. Не ги крие своите страсти, својот телесен копнеж по неа. Од една страна ја возвишува и ја сместува на небото, а од друга, ја претставува како обична жена која би сакал да ја допира.
Но, смртта на Лаура го прекинува овој земен копнеж. Со нејзината смрт, возвишените чувства се засилуваат. Тој ја сместува во рајот и едвај успева да се помири со нејзината смрт. Во тие моменти посакува и самиот да умре зашто се чувствува преморен од долгото страдање. Ја посакува смртта како олеснување, како спас.[2]
Сонет 302:
Мислава моја ме крена на пат:
Неа ја барав по земјава сета,
ама ја нема во земскиов кат:
полична, горда ја видов кај шета
в градина рајска, со друшки, на пладне.
Рака ми зеде: „Се надевав — рече —
дека ќе дојдеш во Еденов вечен.
Денот ми сврши пред ноќта да падне...
Болка ти нанесов. Затоа вака
тебе те чекам. А онолку мил
превезов прекрасен беше ти бил.“
Замолкна. Зошто ли повлече рака?
Зборот ѝ беше и тажен, и меден:
- Уште за малку ќе останев в Еден!
Во вториот дел на Канцониерот тој веќе не ја нарекува сурова таа љубов, туку сега Лаура му служи за утеха и ги слуша неговите исповеди. Делото завршува со песна каде тој ја моли Богородица да побара прошка од Господ бидејќи не можел да се откаже од љубовта кон Лаура[4].
Стилот на Петрарка
[уреди | уреди извор]Стилот на Петрарка е многу сликовит, богат со епитети, метафори и контрасти, кои се претежно конвенционални. Косата на Лаура е како злато, устата - трендафил, забите - бисери, лицето - бело, снежно и сл. Метафорите не се многу разнообразни, Лаура е обично сонце, а тој снег што се топи, или таа е оган, а тој восокот. Контрастот, пак, го користи за укажување на своите противречни чувства.[4]
Најсоодветен начин за изразување на чувствата на Петрарка, била малата форма на сонетот. Во него изразот е стегнат, метриката правилна, а мислата организирана во цврста и едноставна целина. Тој толку го усовршил сонетот, што ваквата форма на песна со четири строфи (2 катрени и 2 терцини), и постојана рима (АББА, АББА, ВГД ВГД) е наречена петраркистички сонет.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 'Introduction' to Canzoniere, translated by Anthony Mortimer (London: Penguin, 2002), xiv.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Канцониерот“ од Петрарка на Македонски јазик и литература за средно стручно образование од Билјана Богданоска
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Препев Георги Сталев, „Примери од литературата за прва година“, Просветно дело, 1981, Скопје
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Стојка Бојковска, Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Невена Исакова, Бранко Пендовски; Македонски јазик и литература за II година за реформираното гимназиско образование; Просветно дело, 2009, Скопје
|