Витомир Митевски
| Витомир Митевски | ||
| Роден | 14 октомври 1951
Куманово, НР Македонија, ФНРЈ | |
|---|---|---|
| Националност | Македонец | |
| Народност | Македонец | |
| Занимање | филозоф и класичен филолог | |
Витомир Митевски (роден на 14 октомври 1951 година во Куманово) — македонски филозоф и класичен филолог. Член на МАНУ.
Образование и работен век
[уреди | уреди извор]Во родниот град, тој завршил основно образование и гимназија. Во 1975 година, тој дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Последипломски студии завршил на Филозофскиот факултет во Белград (1983) на тема „Ниче и грчката антика“. Во 1985 година, на истиот факултет, тој дипломирал и класични студии. а докторската дисертација на тема „Поезијата на Прличев и Хомер“ ја одбранил во 1990 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот прв работен ангажман бил како професор по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје (1976-1977), а потоа работел како драматург во Драмскиот театар во Скопје (1977-1980). Во 1986 година стапил на работа на Филозофскиот факултет во Скопје - при Институтот за класична филологија, прво како асистент држел вежби по старогрчки јазик (1986-1990), потоа како доцент (1990-1995), вонреден професор (1995-2000) и редовен професор држи предавања и вежби по античка книжевност (античка епика, филозофија и историографија) и по средновековна/источноримска книжевност, сè до пензионирањето во 2018 година.
Бил секретар на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија (1986-1990) и претседател на Друштвото за класични студии „Жива Антика“ (2002). Бил соорганизатор на повеќе домашни меѓународни научни собири: Научниот собир на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија (1989), Меѓународната конференција Antiquitas viva (Охрид, 2000), Меѓународниот научен собир Класика – Балканистика – Палеославистика (МАНУ, Скопје, 2005). Исто така, учесник е на многу научни собири во земјата и во странство.
Бил основачки уредник на списанието „Театарски гласник“ (Скопје, 1977–1980). Од 1991 година, тој бил одговорен уредник на меѓународното научно списание за класични студии „Жива Антика“.
Остварил студиски патувања во Париз, Франција (1980 и 1986) и во Коломбо, Шри Ланка (1995).
Во 2009 година, тој бил избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Во МАНУ, тој бил ангажиран како Секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука, потоа како Раководител на Центарот за лексикографија, а од 2024 година е избран за Потпретседател на Академијата.
Научна дејност
[уреди | уреди извор]Во областа на филозофијата, тој посебно се занимава со античката филозофија: претсократовци (Хераклит), Платоновото учење за душата, душата и духовниот живот од антиката до раното средновековие, изворното значење на филозофското знаење. Притоа, тој ја застапувал тезата дека античкото учење за душата, посебно за „нега на душата“ е еден од клучните проблеми на филозофијата воопшто. Во тој контекст тој ја развива идејата за базичното влијание на античката филозофија низ вековите како во Византија, така и на Запад и во словенскиот свет.
Во своите истражувања од областа на филозофската антропологија, тој ги обработувал клучните проблеми на човекот како посебен феномен во живиот свет (проблемите на смртност, самотност, неизвесност во променливиот свет и сл.).
Напоредно со ова тој ја проучува античката и византиската книжевност и нивното влијание врз македонската книжевност, посебно во областа на епската поезија (традиционалните епски песни за Марко Крале и поезијата на Григор Прличев).
Тема на негов научен интерес е и македонската апстрактна (филозофска) терминологија во контекстот на кирилометодиевската традиција.
Автор е и на препеви и преводи од старогрчки, византиски грчки и латински јазик при што се залага за поголемо присуство на изворна словенска апстрактна терминологија, особено во преводите на филозофски дела на класиците.
Неговата библиографија содржи над 240 единици, меѓу кои и четириесетина книги.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Хомер и Прличев (Ѓурѓа, 1995)
- Хераклит (Матица македонска, 1997)
- Претсократовци - Почетоци на западната философија (Матица македонска, 1999)
- Нега на душата (Матица македонска, 2000)
- Античка епика: Хелада и Рим (Матица македонска, 2001)
- Античка философија - Хелада и Рим (Аз-буки, 2004)
- Платоновото учење за душата (Матица македонска, 2005)
- Почетоци на западната философија: претсократовци (Матица македонска, 2006)
- Платон (Матица македонска, Филозофски факултет, 2007)
- Хеленизам и Рим (Матица македонска, 2007)
- Аристотел (Матица македонска, 2008)
- Сократ (Матица македонска, 2008)
- Епски теми: античката и македонската епска поезија (Матица македонска, 2008)
- Доцна антика (Матица македонска, 2010)
- Античката философија и Византија (Матица македонска, 2011)
- Душата и духовниот живот во антиката и раното средновековие (Матица македонска, 2012)
- Философијата и средновековието на Запад (Матица македонска, 2013)
- Античката философија и западното нововековие (Матица македонска, 2014)
- Македонската апстрактна терминологија и нејзиното наследство (Матица македонска, 2015)
- Сенката на Марко Крале - Античката, византиската и македонската епска поезија (МАНУ, 2017)
- Преглед на византиската книжевност (Филозофски факултет, 2018)
- Плениците на Сатанаил - Драмски приказ на богомилството во времето на Цар Самуил (Матица македонска, 2018)
- Прличев - Сценски приказ на поетовата судбина (Матица македонска, 2018)
- Античката философија и словенскиот свет (Матица македонска, 2021)
- Византиско - македонски паралели: епска поезија (Матица македонска, 2022)
- Philosophia in statu nascendi - На изворите на философското спознание (Матица македонска, 2023)
- Philosophia perennis - Столбовите на античката мудрост. Кн. 1. (МАНУ, 2023)
- Прличев и епската традиција (Матица македонска, 2025)
Преводи
[уреди | уреди извор]- Дела и дни - Хесиод (Култура, 1996)
- Избор - Аристотел (Матица македонска, 1998)
- Тимај - Платон (Аз-буки, 2005)
- Прирачникот на Епиктет - Флавиј Аријан (Матица македонска, 2008)
- Византиска епска поезија (МАНУ, 2018)
Награди и признанија
[уреди | уреди извор]- 13 Ноември - Награда на Град Скопје (2009)
- Прва награда за најдобро изворно издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми на книга во Скопје (2018)
- Ноемвриска награда на Општина Куманово (2022)
- Родени во 1951 година
- Луѓе од Куманово
- Македонски филозофи
- Македонски филолози
- Македонски универзитетски професори
- Македонски уредници
- Македонски преведувачи
- Македонски академици
- Југословенски филозофи
- Југословенски филолози
- Југословенски уредници
- Академици на МАНУ
- Професори на Филозофскиот факултет - Скопје
- Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје
- Магистри на Белградскиот универзитет
- Доктори на Филозофскиот факултет - Скопје
