Прејди на содржината

Паскал Сотировски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Паскал Сотировски
Роден 23 ноември 1927
Врбен, Кралство СХС
Починал 20 јануари 2003
Париз, Франција
Националност Македонец
Народност Македонец

Паскал Сотировски (Врбен, 23 ноември 1927 - Париз, Франција, 20 јануари 2003 ) — македонски астрофизичар.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Рељефниот портрет на спомен-плочата на Паскал Сотировски во родното село Врбен е донација од македонските скулптори Елена и Дарко Дуковски

Паскал Сотировски е роден во горнореканското село Врбен на 23 ноември 1927 година. Основно училиште завршил во родното село, три години од гимназиското образование завршил во Горен Милановац, а потоа завршил учителска школа во Белград. Непосредно по завршувањето на учителската школа, тој работел како учител во Бела Црква.

Во 1950 година, Сотировски се запишал како редовен студент по физика на Филозофскиот факултет во Скопје, а по дипломирањето во 1956 година, тој работел како професор по физика во гимназијата „Јосип Броз Тито“ сè до 1960 година. По назначувањето за асистент по астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1961 година, тој бил испратен на усовршување по астрофизика на универзитетот Сорбона во Париз. Таму, тој дипломирал астрофизика во 1964 година, а во 1971 година, тој докторирал со најдобра оценка на тема од областа на физиката на Сонцето.

Сотировски станал член на Францускиот национален центар за научни истражувања, како и на Одделението за сончева и планетарна астрономија на Франција. Во 1990 година, тој основал фондација која го носи неговото име и има за цел поддршка на талентираните млади умови од Македонија. Во 1991 година, тој бил избран за надворешен член на МАНУ. Покрај македонски како мајчин јазик, зборувал уште неколку јазици: француски, англиски, руски и германски.

Починал на 20 февруари 2003 година во Париз.[1]

Истражувачка дејност

[уреди | уреди извор]

Паскал Сотировски имал кабинет во опсерваторијата Медон во Париз. Своето истражување галвно го насочил кон проучувањето на Сончевото зрачење, спектроскопијата на Сончевите дамки и Сончевите ерупции, како и влијанието на Сонцето врз Земјата и испуштањето на неутрино. Како плод на неговата истражувачка дејност, тој објавил таблици на спектрите од двоатомски молекули присутни на Сончевата површина. Објавил бројни трудови во престижни списанија ширум светот, а одржал предавања во САД, Јапонија, Русија и Индија.[1]

Истражување на лорандит

[уреди | уреди извор]

Особен интерес Сотировски имал за рудникот Алшар. Во рамки на неговите истражувања на Сончевото јадро и неутриното, односно честичката без маса и полнеж која не Земјата доаѓа со брзина на светлината и за чие движење нема пречка, тој сметал дека е потребна ретката талиумова руда лорандит којашто е застапена во рудникот.[1]

Почесни титули

[уреди | уреди извор]

Во 1998 година, Светскиот македонски конгрес го прогласил Сотировски за македонски сенатор.[2]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]