Горан Калоѓера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Горан Калоѓера
Роден(а)20 март 1951
Дубровник, СФРЈ СФР Југославија, денес  Хрватска
Занимањеславист и македонист

Горан Калоѓера (Дубровник, 20 март 1951) — хрватски славист и македонист, редовен професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека, Хрватска.

Животопис[уреди | уреди извор]

Калоѓера е роден на 20 март 1951 година во Дубровник, Хрватска.[1] Во 1969 година се запишал на Филозофскиот факултет во Загреб на групите: југословенски јазици и книжевности (кроатистика и јужнословенски филологии, компаративна книжевност) и во 1974 година дипломирал на истиот факултет. Во 1976 запишал постдипломски студии од поновата хрватска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Во 1981 година се вработил како асистент на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Педагошкиот факултет во Риека, а во 1982 година започнал со предавањата и семинарите на групата Македонска книжевност и македонски јазик. Во 1982 година се здобил со звањето магистер на науки на Филозофскиот факултет во Загреб со темата: Книжевното дело на Јосип Еуген Томиќ, а во 1985 година докторирал на темата „Македонско -хрватските и хрватскомакедонско-книжевни врски од нивните почетоци до 80-тите Години на XX век“ на Филозофскиот факултет во Риека. Во 1986 година се стекнал со звањето доцент, во 1990 станал вонреден професор, а 1992 ja основал, конципирал и напишал наставната и изведбената програма за новата група Хрватската книжевност во европскиот контекст. Во програмата е застапена и македонската книжевност. Во 1996 година бил избран за редовен професор. Од 1996 до 2000 година бил декан на Филозофскиот факултет во Риека, а во 2000 година бил избран за проректор за настава при Ректоратот на Универзитетот во Риека. Проф. Калоѓера е член на Хрватското филолошко друштво од Риека, на Матица Хрватска од Риека, почесен член на Културното друштво „Илинден“ од Риека и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Како дипломиран компаратист проф. Калоѓера интензивно се занимавал со проучувањето на хрватскомакедонските книжевни допири, притоа се ориентирал главно на XIX век и книжевноста помеѓу двете светски војни со посебен осврт и студии за Рациновиот престој во Хрватска. Исто така ги изучува браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев и Григор Прличев. Има издадено 6 македонистички книги и повеќе од 32 македонистички прилога и над 82 книжевни критики за повеќе автори. Од 2010 година бил почесен конзул на Македонија во конзулатот во Риека, Хрватска.[2][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Goran Kalogjera - Biografija. Архивирано од изворникот на 2007-06-24. Посетено на 2018-07-07.
  2. Украдено македонското знаме во Риека[мртва врска]
  3. Počasni konzul: Goran Kalogjera. Архивирано од изворникот на 2016-08-14. Посетено на 2018-07-07.