Лозје (книга)
„Лозје“ — збирка раскази на македонскиот писател Блаже Конески, првобитно објавена во 1955 година од издавачката куќа „Кочо Рацин“.
Содржина
[уреди | уреди извор]Книгата се состои од 10 раскази:
- Лозје: Двајца студенти од Белград доаѓаат во родниот крај и го посетуваат лозјето на едниот од нив. Едниот од нив е Марко, кој многу го сака својот другар, но наспроти тоа, за време на патувањето, во возот флертува со неговата девојка. Додека лежи на земјата, Марко размислува дали треба да му го признае направениот грев на својот другар.[1]
- Прочка: Празниците Прочка и Бајрам паѓаат во ист ден. На улицата си играат децата, а меѓу нив е и Трајче, кого го викаат Корилче, зашто пред извесно време е дојден во градот. Татко му на Трајче го продал имотот во родното село и отворил дуќан во градот, но набргу го затворил и сега е без работа. Истовремено, Ленче, помалата сестра на Трајче, е тешко болна и изутрината умира. Трајче излегува на улицата, каде децата им се радуваат на празниците. Тој посакува да им се придружи, но чувствува дека не смее да се радува, па се враќа дома, каде ги затекнува домашните натажени. Неговата баба го запазува обичајот наречен амкање на јацето, а Трајче за првпат во животот се соочува со суровоста на смртта.[2]
- Изложба: На изложбата на детски цртежи, еден уметник им ги коментира на двајца студенти и на една девојка цртежите. Откако тие ја напуштаат салата, уметникот останува, а тогаш влегуваат мајка и ќерка. Тие ги бараат наоколу цртежите на девојчето, но тие не се изложени, па разочарани си заминуваат. Уметникот посакува да ги врати назад и да им каже дека токму тој ги отстранил цртежите на девојчето, но сепак, не прави ништо. Воден од чувството на вина, тој повторно ги разгледува цртежите и се убедува дека постапил правилно, зашто тие го немаат потребниот квалитет. Сепак, тој се кае за својата постапка, бидејќи им нанесол болка на девојчето и на неговата мајка.[3]
- Пречек: Мими, убава и богата жена која живее во Техеран, пристига со авионот од Истанбул, а ја чекаат две жени и едно дете при што едната од нив е нејзината постара сестра. Тие ја прекоруваат Мими поради тоа што не донесла никакви подароци. Набргу, Мими пак се качува на авионот со чувство дека е многу уморна.[4]
- Потез: Еден стар шаховски мајстор учествува на полуфиналниот турнир, каде во последниот натпревар мора да победи за да учествува во финалето. Неговиот млад противник му нуди реми, но мајсторот одбива, меѓутоа се наоѓа во безизлена положба. Тој почнал да се игра шах уште во студентските денови, а потоа станал мајстор, но со текот на времето почнал да заостанува и се претворил во просечен шахист. Наеднаш, тој помислува дека има изгледи да победи, но безуспешно се труди да го најде вистинскиот потег кој ќе му донесе победа. Тогаш, тој добива писмо од жената и ќерката, а потоа го предава натпреварот со чувство на рамнодушност.[5]
- Песна: Гајдаџијата Петре е средовечен човек, оженет и со деца, но вљубен во 17-годишната Богданова ќерка. Додека седи во манастирскиот конак, тој копнее по девојчето, а потоа почнува да свири и да пее, постојано гледајќи во неа и тагува поради сознанието дека таа никогаш нема да биде негова.[6]
- Чевли: На еден ученик му се распаѓа чевелот, но нема храброст да побара нови чевли од воспитувачот. Сепак, кога и водачот на скаутскиот одред, Бане, има потреба од нови чевли, ученикот ја користи таа прилика за да ја пријави и својата неволја. Така, тој добива нови чевли и за распустот заминува во селото на својот другар Миќо, каде ја дознава горката вистина – нему, всушност, му ги дале старите чевли на Бане, кој, пак, добил нов пар чевли.[7]
- Љубов: Старецот Соколе Кипро редовно ја посетува берберницата поради тоа што оттаму може да ги набљудува гимназијалките. Еден ден, тој ја забележува убавата девојка Лила и се заљубува во неа, па го наговара студентот Гога да му набави нејзина слика. Кога за летниот распуст Лила си заминува во родниот град во Србија, Соколе е несреќен, но во септември повторно има прилика да ја гледа. Тогаш, Гога го запознава со студентот Крсте кој ја познава Лила и му ветува на Соколе дека ќе му набави слика. Една сабота, Соколе оди во своето лозје и таму ја сонува Лила. Истата ноќ, тој ја здогледува нејзината слика во фотографскиот дуќан, го крши излогот и ја зема сликата, но утредента сфаќа дека на сликата е некоја друга девојка. По неколку дена, низ градот се раширува веста дека Лила се свршила за еден доктор од нејзиниот роден град, а по свадбата таа се испишува од гимназијата и се иселува од градот. Соколе и студентот Крсте остануваат натажени од таа разделба.[8]
- Заклано крувче: Стојан Пискулиев е постар студент и ерген кој есента 1942 година заминува во Софија за да ги продолжи одамна започнатите студии по агрономија, придружен од неговото кумче Орде. Тие се сместуваат на периферијата од Софија кај старецот Иван Костов кој живее со својата немажена ќерка Јана. Еден ден, додека Стојан учи во библиотеката, тој е ненадејно и без причина уапсен и одведен во полициската станица, но набргу е пуштен. Во текот на есента и зимата, Стојан и Иван водат секојдневни разговори, а Стојан го советува старецот за тоа како да ги сади компирите. Еден ден, Стојан случајно дознава дека Јана е заљубена во него. Пролетта, Стојан ја калеми крушата во дворот на Иван, но калемот не се фаќа, а истовремено Иван сфаќа дека Стојан му дал лош совет во врска со компирите. Поради тоа, Старецот почнува да се однесува студено кон станарот, а кога дознава дека Јана е заљубена во него, тој се исплашува од можноста да остане сам и Стојан е принуден да се исели од куќата.[9]
- Крчмите: Кочо се враќа од Софија во Скопје, а патем возот застанува во едно село. Тој изнајмува соба во куќата на една старица и со нејзиниот син Рангел, кој е алкохоличар, ги посетува селските кафеани каде Кочо запознава разни луѓе на кои војната оставила тешки последици. Кочо го остава Рангел во кафеаната и се враќа во својата соба, а ноќта не може да заспие, присеќавајќи се на настаните и луѓето од таа вечер.[10]
Изданија
[уреди | уреди извор]- Издание на Култура од 1967 година: Во 1967 година, книгата била објавена од издавачката куќа „Култура“, како дел од избраните дела на Конески во седум книги. Книгата, со обем од 144 страници, е испечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ (во тврд повез), во тираж од 8 000 примероци. Таа не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN.[11]
- Заедничко издание на издавачките куќи Детска радост, Култура, Македонска книга, Наша книга и Мисла од 1990 година: Во 1990 година, книгата била објавена од неколку издавачки куќи, како лектира за осмо одделение во основните училишта според наставната програма на СР Македонија. Книгата, со обем од 131 страница, е испечатена во НИПРО „Нова Македонија“, ООЗТ Печатница. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“. Корицата и графичко-ликовното уредување ги направил Жарко Туниќ, а автор на илустрациите во книгата е Димче Исаиловски.[12]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Според Веле Смилевски, со збирката „Лозје“ Конески даде важен прилог за македонската книжевност. Во расказите тој успешно ги обединува автентичните животни податоци и едноставниот но содржаен, богат со значења, прозен израз. Во нив се среќаваме со близок, познат свет и со обичниот човек со своите секојдневни тегоби и радости. Во основа, расказите даваат реалистична слика на светот, но авторот проникнува и во внатрешниот живот на главниет ликови при што во речиси сите раскази се пречекорува границата на виденото и видливото со цел да се открие психологијата на ликовите, да се разгрне нивната интима и да се долови емотивниот и мисловниот свет. Расказите се економични во исказот, но слоевити во значењата и претставуваат еден вид студии за човековиот стремеж кон убавината, добрината и среќата. Во нив, сè е во знакот на животот што се живее и животот што се посакува. Поводите за своите раскази Конески ги наоѓа во наизглед безначајни настани, како што е прошетката на двајцата другари во лозјето (во расказот „Лозје“). Речиси сите ликови во збирката во себе носат притаен немир, празнина и болка. Таков е случајот со стариот студент Стојан Пискулиев од расказот „Заклано крувче“, со Петре во расказот „Песна“ или со Соколе од расказот „Љубов“. Честа тема во расказите е и детето и детскиот свет, како во расказот „Прочка“ во кој на денот на празникот умира сестрата на Корилче. Болката на детето е присутна и во расказот „Изложба“ во кој не се изложени цртежите на девојчето. Понекогаш, доживувањето и видувањето на настаните во расказите се граничи со блага иронија и ненаметлив хумор. Во тој погле, највпечатлив пример е расказот „Чевли“, проткаен со автобиографски елементи, но овие елементи се присутни во расказите „Пречек“ и „Крчмите“. Расказот „Потез“ претставува психолошка студија за шаховскиот мајстор кој не може да се помири со тоа дека животот го градел на погрешна основа. Според Смилевски, збирката е дело што лесно се чита и долго се памети зашто во нив се среќава богатиот, сочен и одмерен збор на авторот кој уверливо, на високо уметничко рамниште, преточил дел од секојдневниот живот.[13]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 5-9.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 10-16.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 17-25.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 26-30.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 31-40.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 41-47.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 47-61.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 62-85.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 86-110.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967, стр. 111-142.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Култура, 1967.
- ↑ Блаже Конески, Лозје. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1990.
- ↑ Веле Смилевски, „блаже конески: лозје“, во: Блаже Конески, Лозје. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 125-131.