Прочка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прочка
Прочка
Адам и Ева - Ежен Делакроа. Библиотека на Бурбонската палата
Го празнува(ат)Христијанските земји
Видхристијански
Значењепочеток на велигденскиот пост
Датум7 недели пред Велигден
Обичаиобредно пеење, ритуали
Скопски деца сликани во детска облека за Прочка во 1928 година

Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост. Прочка е подвижен празник, датата му се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

Прочка во Македонија[уреди | уреди извор]

Скопје[уреди | уреди извор]

Во минатото во Скопје често на денот на празникот Прочка се практикувало фотографирање во ателје. Скопските обичаи од кои дел имале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија. По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Крал Петар (денешна Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар) каде што изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети[1]. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна. По Втората светска војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата според сопствената иницијатива и убедување, а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот и на Скопското Кале.[2]

Велес[уреди | уреди извор]

Во Велес традиционално на Прочка се маскираат децата (во минатото и возрасните) и пеат во групи. Се нарекуваат прочкари и ја пеат песната „Оптири лајлам, тра ла лала лајлам“. Тие влегуваат во домовите на велешани за да го најават скорешното доаѓање на пролетта. Маскирани се во дедо, баба, зет, невеста или доктор. Штом ќе ја отпеат песната, ја боцкаат бабата, а таа паѓа и лекарот ја кажува дијагнозата според која бабата е болна од шеќерна болест и за неа лекот е баклава, а наградата за лекарот се парите. Тие се награда од домаќините за посетата на прочкарите. Така е до пладне кога започнува времето за ручек на кои бабата и дедото веќе ги поканиле ќерката и зетот. Од приквечер граѓаните се раздвижуваат низ улиците во градот и почнуваат визитарските посети во домовите на родителите, постарите членови на семејствата и кумовите. Помладите со лимон и портокал во раце, од постарите бараaт прошка велејќи: „Простете ми ако нешто сум згрешил-а“ на што постарите ќе одговарат: „Простено ви е и од нас и од Господа“.

Струмица[уреди | уреди извор]

Карневалски маски од 1933 година во Струмица

Струмица има една од најдолгите традиции кои се изведуваат за време на Прочка. Најпознат е струмичкиот карневал. До 1960 година карневалот се изведувал исклучиво во неговата првобитна функција, односно се изведувал во домот на армасаната (свршената) девојка како дел од обредот на иницијација на идната невеста. Но, од 1960 г. тој почнува да се одржува помасовно и поорганизирано на плоштадот во Струмица и тоа во ноќните часови. На карневалот почнале да учествуваат како поединци, така и организирани групи граѓани од Струмица од сите возрасти, но и граѓани од други градови од Македонија. Од 1990 година, Струмичкиот карневал почнува да се шири и да добива помасовен карактер со учество на карневалски групи и од други балкански земји, со што прераснува во „најатрактивна и најорганизирана традиционална манифестација, не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко“ Во 1994 г. Струмичкиот карневал, т.е. градот Струмица станува член на FECC, Федерацијата на европските карневалски градови и успешно се вклучува во светското семејство на најпознатите карневалски градови, прераснувајќи со тоа во меѓународна традиционална манифестација.[3]

Делчево[уреди | уреди извор]

На повеќе места во Делчевско со поставување на таканаречени „Стреловишта” традиционално се пали смреков оган по повод празникот Поклади. Се верува дека смрековиот оган ги гори злите духови од претходната година.

Амкање[уреди | уреди извор]

Амкањето бил обичај кој се одржувал вечерта на Поклади, кога потесното семејство се собирало дома. Обичајот се спроведувал така што варено нелупено јајце се врзувало на конопен конец и се обесувало на стапче или на сукало. Потоа, децата седнувале крај трпезата или клечеле на колена, а некој од возрасните го нишал јајцето, доближувајќи го кон устата на секое дете, кое викало "ам, ам" и се обидувало со устата да го фати јајцето. Потоа, јајцето се кршело и највозрасниот член на семејството ја вадел варената жолчка и во половините од белката турал малку вода од која сите учесници во амкањето пиеле по некоја капка. Потоа, конецот го палеле за да видат каква ќе биде иднината на семејството: ако конецот горел силно, тоа значело дека годината ќе биде здрава и среќна. На крајот, сите деца меѓусебно се проштевале, а потоа барале прошка од родителите.[4]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Весник „Наша стара Србија“, 1927. Скопље
  2. Пандора Шетловска, сеќавања, теренски истражувања во 1995 г.
  3. ПРАЗНУВАЊЕ НА ПРОШТЕНИ ПОКЛАДИ (ПРОЧКА) ВО СТРУМИЦА И СТРУМИЧКО
  4. "Амкањето јајце за Поклади е адет што исчезнува во Прилеп", Дневник, година XVIII, број 5403, петок, 28 февруари 2014, стр. 11.