Живко Попов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Живко Попов
Живко Попов
Роден(а)јуни 23, 1950(1950-06-23)
Кавадарци, Македонија
ЖивеалиштеСкопје
НационалностМакедонец
ПолињаМедицина, хирургија, урологија
УстановиКлиника за урологија, Клинички центар - Скопје
ОбразованиеМедицински факултет во Скопје, V Париски универзитет „Рене Декарт“
Теза(1990 и 1998 две одбранети докторски дисертации)

Живко Попов (роден на 23 јуни 1950 година во Кавадарци) — македонски хирург, професор и научник од областа на урологијата и медицинските науки. Член на МАНУ.

Образование[уреди | уреди извор]

Основно училиште и гимназија завршил во Битола, а Медицински факултет во Скопје во 1976 година. На Клиниките за хируршки болести (Клиника за урологија) при Медицинскиот факултет во Скопје се вработил во 1977 година. Специјалист-хирургуролог е од 1983 година кога ја завршил четиригодишната специјализација по урологија на Медицинскиот факултет во Скопје, хирург-трансплантолог е од 1986 година кога завршил едногодишна специјализација по трансплантациона хирургија во Универзитетско-клиничкиот центар Хенри Мондор, XII Париски Универзитет, Франција (Проф. Clement Abboue ; Проф. Jean Auvert). На 27.11.1991 година на Медицинскиот факултет при Универзитот Св. Кирил и Методиј во Скопје ја одбранил докторската дисертација од областа на медицинските науки со наслов: Проценка на реактивноста на локорегионалната туморска лимфаденопатија и улогата на лимфаденектомијата во дијагностиката на урогениталниот канцер (ментор Акад.. Б. Бадиев).

Акад. Живко Попов своето образование го продолжил во Париз, при што во 1994 година се здобил со универзитетска диплома за продлабочени студии во хируршките науки (Diplome d’Etudes Approfondies en sciences chirurgicales D.E.A.) на V Париски универзитет Rene Descartes, со писмен испит и јавна одбрана на мемоарот со наслов: Evalutions de la proliferation et de la surxpression de p53 dans le cancer de la vessie: Valeur pronostique. На 10 ноември 1998 година ја одбранил својата втора докторска дисертација во Франција од областа на хируршките науки (опција канцерологија), повторно на престижниот V Париски универзитет Rene Decartes, UFR Cochin Port Royal, теза со наслов: Marqueurs moleculaires du cancer vesical: valeur pronostique (ментор: Проф. D. Chopin). Јавната одбрана на трудот била оценета со највисока оценка од страна на комисијата со која претседавал Претседателот на Француската уролошка асоцијација Проф. Francois Richard.

Клиничка практика[уреди | уреди извор]

Клиничката практика ја извршувал во повеќе универзитетски институции во Р Македонија, СФРЈ и странство. Согласно стручните активности предвидени со програмата и планот за специјализација покрај Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1982 година престојувал три месеци на Институтот за урологија и нефрологија во Белград и Уролошката клиника при Клиничкиот центар во Љубљана. Во пролетта 1985 година заминал на неколкумесечна специјализација во Mayo Clinic, Mayo Medical School, Rochester Минесота, САД (Проф. W. L. Furlow) каде што се запознал со употребата на протези во урологијата, импотенцијата, пенисната хирургија, лимфните дисекции кај урогениталниот канцер, радикалните простатектомии и други големи хируршки процедури. Во текот на 1985/1986 година бил на едногодишна специјализација по трансплантациона хирургија на XIII Париски универзитет во Клиничкиот центар Хенри Мондор, кај познатите професори Јеаn Auvert, Claude Abbou и Dominique Chopin. Во 1986 исто така престојувал четири месеци кај познатиот проф. Maurice Cames во Centre Medico – Chirurgical Foch во Париз заради едукација во полето на уролошката онкологија, посебно радикалните цистопростатектомии и супституцијата на мочниот меур. Од 1992 до 1994 година повторно престојувал на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар и Центарот за хируршки истражувања Хенри Мондор кај професорите К. Абу и Д. Шопин. Во овој период тој извршил двегодишна суплементарна едукација во полето на бубрежното и мултиорганското пресадување, уролошката онкологија, како и научноистражувачка работа во полето на имунологијата на урогениталниот канцер. Неговата суплементарна едукација е богата со повеќе кратки стручни престои со цел да се перфекционираат постоечките или да се воведат нови хируршки процедури во решавањето на уролошката патологија, од кои се издвојуваат: Cornell University, New York (1999); Универзитетскиот клинички центар А.К.Х. Виена, (2000); Универзитетската Елизабетска болница Линц, Австрија, (2003); Универзитет во Тел Авив, Израел Клинички центар Sheeba, (2003); Универзитет во Берн, Швајцарија, (2003 и 2006) и други. Своите академски наименувања ги започнал во 1983 година кога е избран за асистент по предметот хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје; асистент по уролошка хирургија во 1985/1986 година во Универзитетската болница Хопитал Хенри Мондор (Проф. Ј. Ауверт) и Хопитал Фоцх (Проф. М. Цамеѕ) во Париз, Франција. Во 1991 година е избран за доцент, во 1996 година за вонреден професор, а од 2002 година е редовен професор по предметот хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Повеќегодишните стручни и научноистражувачки престои на Клиничките болници во Париз му овозможиле да се здобие и со престижни академски титули на Парискиот универзитет: универзитетски клинички шеф по уролошка хирургија (Chef de Clinique associe aux Universites) при ЦХУ Хенри Мондор, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XIII Val De Marne; универзитетски поканет професор по уролошка хирургија (Professeur Invite des Universites) при ЦХУ Хенри Мондор, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XIII Val De Marne, France.

Работен век[уреди | уреди извор]

Болничките наименувања ги започнал како шеф на отсекот за ендоскопија при Клиниката за урологија, Медицински факултет Скопје (1984–1991 ). Од 1992 до 1995 година бил шеф на Одделението по општа урологија, а од 1995 до 1999 година бил назначен за шеф на Одделот по уролошка онкологија. За директор на Клиниката за урологија бил избран во три мандата (1995–1997; 1999–2002; 2006). Во 1996 година бил назначен за модератор на Хируршките клиники при Клиничкиот центар Скопје, а нивни координативен директор бил во периодот од 1999 до 2002 година.

Научна дејност[уреди | уреди извор]

Акад. Живко Попов објавил над 70 научно-стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.