Зоран Хаџи-Велков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зоран Хаџи-Велков
Роден 1972
Скопје
Националност Македонец
Занимање универзитетски професор

Зоран Хаџи-Велков (Скопје, 1972) – универзитетски професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Зоран Хаџи-Велков е роден во Скопје во 1972 година. На Електротехничкиот факултет во Скопје дипломирал во 1996 година, магистрирал во 2000, а докторирал во 2003 година. На факултетот се вработил веднаш по дипломирањето како помлад асистент, напредувал во асистент во 2001, доцент во 2003, вонреден професор во 2008 и редовен професор во 2013 година.

Во текот на својата академска кариера реализирал научни и студиски престои на повеќе познати универзитети. Во текот на 2001 и 2002 година бил визитинг истражувач во научно-истражувачкиот центар „Watson“ на компанијата IBM во Њујорк, САД. Од октомври 2012 до јануари 2014 година бил визитинг професор на Институтот за дигитални комуникации при Универзитетот „Фридрих Александар“ во Германија. Од јануари 2012 до април 2016 година бил уредник во едно од најпрестижните меѓународни списанија од телекомуникации, IEEE Communications Letters (ИФ: 3,419). Хаџи-Велков бил член на програмските одбори на голем број меѓународни конференции од телекомуникации, вклучувајќи ги и најпрестижните конференции, IEEE ICC и IEEE GLOBECOM. Се јавува и како рецензент на меѓународни научноистражувачки проекти од Европските рамковни програми и други научни фондови. Добитник е на Хумболтовата стипендија за искусни истражувачи, доделена од страна на германската државна научна фондација „Александар фон Хумболт“ како признание за важен придонес во науката. Добитник е на домашната наградата „Десет најдобри научници на УКИМ“ за 2013 година. По препорака на Германската национална академија на науки „Леополдина“, од 2014 година е претставник на Македонија од редот на истакнати научници во научниот сегмент на Берлинскиот процес, кој подготвува препораки за хармонизација на високото образование и науката во државите од Западен Балкан со Европската Унија. Од април 2012 до декември 2015 година, бил претседател на македонскиот огранок на Друштвото за телекомуникации при Меѓународниот институт за електроника и електротехника (ИЕЕЕ). Негова потесна специјалност се теорија на телекомуникации, безжични комуникации, безжичен пренос на енергија, енергетски ефикасни комуникации и кооперативни комуникации.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 50 ГОДИНИ ФАКУЛТЕТ ЗА ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И ИНФОРМАЦИСКИ ТЕХНОЛОГИИ. Скопје: Факултет за електротехника и информациски технологии. 2009. стр. 223. ISBN 978-9989-630-58-3. |access-date= бара |url= (help)
  2. „Зоран Хаџи-Велков“. ФЕИТ. Посетено на 21 март 2021.