Кензо Танге

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кензо Танге
Кензо Танге во 1981 г.
Роден(а)4 септември 1913
Осака
Починал(а)22 март 2005
Токио
НационалностЈапонец
УстановаТокиски универзитет
НаградиПрицкерова награда, RIBA Gold Medal, AIA Gold Medal, Order of Culture, Order of Sacred Treasures
Ателје1946 - Лабораторија „Танге“
1961 - Урбанистичко-архитектска екипа
Kenzo Tange Associates
ЗданијаСпомен-парк на мирот во Хирошима, План за Скопје, Олимписки арени во ТОкио, катедрала „Св. Богородица“

Кензо Танге (јапонски: 丹下健三; Осака, 4 септември 1913Токио, 22 март 2005) — јапонски архитект и добитник на Прицкеровата награда во 1987 година. Со примената на елементи од современата архитектура во комбинација со традиционалната јапонска архитектура, тој конструирал градби на пет континенти и се смета за еден од најдобрите архитекти на 20. век.

На почетокот од својата кариера, Танге бил под влијание на Ле Корбизје, а првата слава ја стекнал во 1949 година кога победил на конкурсот за изработка на планот за градот Хирошима, во чиишто рамки го конструирал Меморијалниот парк на мирот. Во 1950-тите години, како член на групата архитекти позната како Тим 10, тој се стремел кон движењето, коешто подоцна било наречено метаболистичко движење. Кон крајот на 1950-тите, Танге бил и еден од основоположниците на архитектонскиот струкутрализам.

Во подоцнежните години, Танге работел и на развојот на урбанизмот. Покрај изработката на планот за обнова на Хироима, познат е и по изработката на урбанистичките планови за Токио и Скопје.

Животопис[уреди | уреди извор]

Кензо Танге е роден во 1913 година во Сакај, Осака, Јапонија. Детството го поминал во градот Имбару на островот Шикоку. Во 1935 година се запишал на факултетот за архитектура на токискиот универзитет, а за тоа бил поттикнат од средбата со швајцарскиот архитект Ле Корбизје. Во 1946 година станал вонреден професор на универзитетот и отворил својата лабораторија.[1]

Меморијалниот музеј на мирот во Хирошима

Првиот позначаен проект, кој го добил бил проектот за обнова на разурнатата Хирошима, кој го добил победувајќи на конкурсот во 1949 година. Најзначаен дел одпроектот била изградбата на Меморијалниот парк на мирот. Во тој период, Танге главно работел на обнова на разрушената Јапонија, како последица на Втората светска војна.

Во првата половина на 1950-тите Танге, главно работел на обновувањето на Хирошима и во своите проекции во духот на традиционалната јапонска архитектура, се обидувал да воведе елементи карактеристични за современата архитектура. Кон крајот на 1950-тите, кратко бил член на Тимот 10, којшто претставувал група на архитекти, чијашто цел била унапредување на урбанизмот и изработка на современи урбанистички планови.

Црквата Света Марија во Токио

Во 1959 година, Танге докторирал, со труд на тема „Просторна структура во велеград“, со што се стекнал со звањето диплом-инженер. Две години подоцна отворил архитектонско биро, насловено Kenzo Tange + Urtec, кое подоцна го преименувал во Kenzo Tange Associate.

Олимпискиот центар јојоги во Токио

Следниот голем проект на којшто работел бил „План за Токио 1960“. Проектот стекнал светска слава, а со него ја промовирал идејата за проширување на милионската метропола. Во 1964 година бил изграден Олимпискиот центар Јојоги во Токио наменет за Летните олимписки игри, кои истата година се одржале во Токио. Во 1965 била изградена и црквата Света Марија, чијшто план го изработил две години порано.

Во периодот од 1963 до 1974 година, работел како професор на токисикиот универзитет. Бил одличен предавач, па често бил повикуван да одржи предавање и на други светски познати универзитети.

Во 1965 година, Танге бил замолен да го изработи урбанистичкиот план на градот Скопје, кој по земјотресот во 1963 година бил 65% разрушен. Танге се согласил да го изработи планот и добил 60% од средствата предвидени за обновата, додека останатите 40% биле доделени на архитектонскиот тим од СФР Југославија, којшто соучествувал во обновата. Планот за обнова кој го изработил Танге бил налик на оној за Токио од 1960 година.[2] За жал, планот бил само делумно исполнет, а од неговите конструкции биле изградени новата железничка станица и линијата на станбени згради во центарот на градот, познати како „градски ѕид“.

Во 1967 година, бил ангажиран за изработката на урбанистичките планови за населбата Фиеро во Болоња, како и за населбата Либрино во Катанија, во која било планирано дека ќе живеат 60.000 жители. Како последица на тоа, дури и италијанскиот производител на машини за пишување, Olivetti, своето седиште во Токио им го доверил на јапонските архитекти за изработката на нивните планови.

Во пресрет на светската изложба во 1970 година, којашто се одржала во Осака, Танге го изработил планот, во чиишто рамки го констуирал павиљонот во кој се одржала изложбата.

Единствениот проект на којшто работел во САД било проширувањето на уметничкиот музеј во Минеаполис. Музејот бил изграден уште во 1911 година, а по проширувањето во 1975 година.

Појавата на постмодерната архитектура во 1980-тите не му се допаднала на Танге, кој сметал дека таа преотставува само „преодни архитектонски изрази.“[3]

Танге почина на 22 март 2005 година во Токио, по што беше погребан во црквата Света Марија.

Награди[уреди | уреди извор]

За своите дела, Танге добил бројни награди меѓу кои се вбројуваат златниот медал РИБА, наградата АИА на француската академија, како и Прицкеровата награда во 1987 година. Прицкеровата нагарда ја добил за изградбата на Олимпискиот центар Јојоги во Токио, којшто бил опишан како:

„една од најубавите градби на 20. век.“[4]

Мото[уреди | уреди извор]

Во сите проекти на коишто Танге работел, забележливо е присуството на неговото мото:

Архитектурата мора да има нешто што човекот го допира в срце, но паралелно, нејзината основна форма и просторот мора да имаат иста логика. Креативната работа во нашето време е единство на технологијата и хуманоста. Традицијата има улога на катализатор, кој ја забрзува хемиската реакција, но и конечниот резултат веќе не може да се предвиди. Традицијата може да биде дел од делото, но сама по себе не е создавач.

Проекти[уреди | уреди извор]

Современи градби[уреди | уреди извор]

Останати дела[уреди | уреди извор]

  • 1959: Урбанистички план за Бостон (во соработка со студенти од МИТ)
  • 1960: Урбанистички план за Токио.
  • 1965: Урбанистички план за Скопје.
  • 1967: Урбанистички план за населбата Фиера во Болоња.
  • 1970: Урбанистички план за светската изложба во Осака, вклучувајќи го главниот павиљон.
  • 1976: Урбанистички план за планираниот главен град Абуџа.

Планот за Скопје[уреди | уреди извор]

Планот за реконструкција на главниот град Скопје, тогаш дел од СФРЈ по големиот земјотрес бил освоен од архитектонскиот тим на Танге во 1965 година. Проектот бил значаен поради неговото меѓународно влијание, меѓутоа за Танге тоа бил модел случај за урбана реконструкција да се реализираат принципите на модерната архитектура. Тоа е прв пат јапонски архитект да биде поканет од меѓународно тело да учествува во урбан развој од ваков размер..[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Pritzker Prize:Biography“. Архивирано од изворникот на 2010-01-07. Посетено на 2010-07-29.
  2. Kulterman (1970), стр. 282
  3. Guardian obituaries
  4. „The Pritzker Architecture Prize“. Архивирано од изворникот на 2010-11-27. Посетено на 2010-07-29.
  5. Zhongije Lin (2010). Kenzo Tange and the Metabolist Movement. Routledge. стр. 168.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Banham, Reyner (1978). Age of the Masters - A Personal View of Modern Architecture. Architectural Press.
  • Diedfendorf, Hein & Yorifusa (2003). Rebuilding Urban Japan After 1945. Palgrave MacMillan.
  • Doordan, Dennis P (2002). Twentieth Century Architecture. Calmann & King Ltd.
  • Frampton, Kenneth (1990). Modern Architecture a Critical History. Thames and Hudson.
  • Kultermann, Udo (1970). Kenzo Tange. Pall Mall Press.
  • Reynolds, Jonathan M. (2001). Maekawa Kunio and the Emergence of Japanese Modernist Architecture. University of California Press. ISBN 0-520-21495-1.
  • Stewart, David B (2002). The Making of a Modern Japanese Architecture, From the Founders to Shinohara and Isozaki. Kodansha International.
  • Spring 2005, "Do_co,mo.mo Japan: the 100 selection", The Japan Architect, No57

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Кензо Танге, биографија. archINFORM (англиски)
  • Kenzo Tange - Reconstruction plan for Skopje. tumblr.com (англиски)