Љубен Лапе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Љубен Лапе
Љубен Лапе

Љубен Лапе (Прилеп, 11 октомври 1910 - Скопје, 24 ноември 1985) бил македонски историчар и универзитетски професор.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Потекнувал од сиромашно, но родољубиво семејство. Студиите ги завршил во Белград. Се вклучува во прогресивната студентска и работничка младина, која го продолжи недовршеното дело на илинденските борци.

По Ослободувањето станува наставник, педагог и страствен истражувач на историјата на својот народ. Љубен Лапе ги заорува првите бразди и по себе остава длабоки траги во разгранувањето на целокупното македонско историско минато. Неговите студенти од првите генерации го нарекуваат „македонски Херодот”, „Татко на македонската историја”. Љубен Лапе се истакнува во својата работа во повеќе правци: како организатор на наставата и научните институции, наставен педагог, истражувач и автор. По ослободувањето во 1945 година, Лапе ја извршувал функцијата заменик-министер за образование во македонската Влада и интензивно работел на подготовка на програми и деловници за основно и за средно образование.

Основоположник е на Филозофскиот факултет (1946), на Катедрата и семинарот по историја (1948), Архивот на Македонија, Друштвото на историчарите и други институции. До крајот на својот живот се грижи за збогатување на историскиот книжен и архивски фонд на Република Македонија, постојано продлабочувајќи ги научните сознанија за да им ги пренесе на своите студенти. Како автор има напишано бројни научни трудови, разни студии, статии, реферати и монографии. Зад себе остави документирани зборници, автор е на „Историјата на Македонија во XVIII, XIX, XX век”, „Пере Тошев во спомените на своите современици”, „Еден глас за сета Македонија”, „Димитар Поп Ѓорѓиев-Беровски” и др.

Тој е добитник на високи републички признанија и награди: „Климент Охридски”, „Гоце Делчев”, „Деветти септември”. Одликуван е со „Орден на трудот II ред”, „Орден на Републиката со златен венец” (1978) и многу други признанија и е долгогодишен член на МАНУ.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (на македонски) Годишен зборник (24-25 издание). Скопје: Филозофски факултет - УКИМ. 1972.