Едвард Кардељ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едвард Кардељ
Едвард Кардељ

Едвард Кардељ (1910 - 1979) - југословенски политичар и народен херој на Југославија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Едвард Кардељ е роден на 27 јануари 1910 година во Љубљана, во работничко семејство. Татко му бил кројач и член на Социјалдемократската партија, а мајка му работничка во фабрика. По завршетокот на граѓанската школа, се запишал на учителска школа, која ја завршил во 1929 година. Член на СКОЈ станал 1926 година, а во 1928 и член на КПЈ. Како учител никогаш не работел, бидејќи по матурата бил повеќепати апсен поради комунистичките делувања. Во 1930 година бил осуден од Судот за државна заштита, на затворска казна во траење од две години, која ја одлежал во Забели кај Пожаревац.

Во работничкото движење се активирал рано. Работел илегално како противник на шестојануарската диктатура. Заради политичките активности и како публицист често бил апсен и прогонуван. Во 1934 заминал илегално во странство и до Втората светска војна се занимавал со публицистика. Меѓудругото ја објавил политичко-историската „Развитокот на словенечкото национално прашање“, која излегла 1939 година под псевдонимот „Сперанс“, но цензурата заради антифашистичките тенденции ја запленила.

Во 1941 бил еден од основачите на Ослободителниот фронт во Словенија и потпретседател на неговиот извршен одбор. На второто заседание на АВНОЈ во Јајце е избран во Претседателството на АВНОЈ и именуван за потпретседател на Националниот комитет за ослободување на Југославија. Тој е еден од творците на историските одлуки донесени на заседанието на АВНОЈ во Јајце.

По војната, Кардељ бил еден од најважните личности во СФРЈ и поседувал чин генерал-потполковник во ЈНА. Во 1978 тешко се разболел и починал во клиничкиот центар на 10 февруари 1979 во Љубљана. Погребан е во алејата на великаните во Љубљана.

Најзначајни дела на Кардељ се:

  • Патот на нова Југославија, Белград, 1960.
  • За основите на општественото и политичко уредување, Загреб, 1970.
  • Проблемите на нашата социјалистичка изградба, Белград, 1972.