Сашо Џероски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сашо Џероски
Лични податоци
Роден(а) 31 мај 1968
Охрид
Националност Македонец
Установа Факултет за електротехника и информатика Љубљана

Сашо Џероски (Охрид, 31 мај 1968) — македонски научник, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за технички науки од 2015 година.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Сашо Џероски е роден во Охрид на 31 мај 1968 година. Основно училиште завршува во с. Драслајца, Струшко, а средно училиште во Струга (првите две години) и Охрид (трета година) каде што со предвремено полагање на испити, за три години со одличен успех го завршува четиригодишното средно насочено образование (математика и информатика) во 1985 година. Во основното и средното училиште учествувал на натпревари од различни области при што освоил бројни награди на регионално, републичко и сојузно ниво, а во јули 1985 и бронзен медал на XXV Меѓународна математичка олимпијада во Хелсинки, Финска. Од ноември 1985 образованието го продолжил во Љубљана, каде што на Факултетот за електротехника и информатика студирал информатички и компјутерски науки, дипломирал во 1989 и магистрирал во 1991 година. Како дотогаш најмлад кандидат на факултетот докторирал во 1995 година. За време на своите докторски студии Сашо Џероски престојувал 9 месеци на Тјуринговиот институт во Глазгов, Шкотска каде што заедно со д-р Сти¬вен Маглтон, работел на подрачјето на индуктивно логично програмирање, т.е. релациско учење и податочно рударење над комплексни податоци во формализмот на логика од прв ред. Една од централните теми на дисертацијата на Џероски е пресметковната комплексност на алгоритмите за ИЛП, додека другата централна тематика го засега подрачјето на компјутерско откривање на природни закони (во науката) со фокус пред сѐ на автоматизираното моделирање на динамички системи со диференцијални равенки. За својата дисертација, Џероски во 1996 ја добил наградата „Златен медал на Јожеф Штефан“ што се доделува за најдобра и во светски рамки највидна (најцитирана) дисертација од областа на природните и техничките науки во Словенија.[1]

Кариера[уреди | уреди извор]

Во рамки на својата научно-истражувачка кариера Сашо Џероски остварил постдокторски истражувања во Институтот Фраунхофер во Германија и Ираклион, Грција, а по враќањето на Институтот „Јожеф Штефан“ станал научен соработник и носител и координатор на повеќе домашни и меѓународни проекти. Се хабилитирал во педагошки назив на Универзитетот во Љубљана и предава на Политехника Нова Горица, а во 2004 станал вонреден професор и дополнително се вработил на Меѓународната подипломска школа „Јожеф Штефан“. Предава на подипломски (магистерски и докторски) студии на теми тесно поврзани со неговите истражувања (анализа на комплексни и структурирани податоци, автоматизирано моделирање на динамички системи, откривање на знаење од еколошки податоци). Во 2006 станал научен советник на Институтот „Јожеф Штефан“. Во 2005 Џероски ја започнал својата научна соработка со Македонија, конкретно со Институтот за информатика на ПМФ, УКИМ. Во периодот 2005-2009 соработувал на неколку проекти од подрачјето на екологијата, каде методи за податочно рударење употребува на проблеми од областа на заштита на животната средина и природното наследство (и на Република Македонија). Во 2010 е избран за редовен професор на Универзитетот во Љубљана. Дополнително се вработува и како научен советник на Центарот на одличност за интегрирани пристапи кон хемијата и биологијата на протеините. Во периодот 2008–2014 соработува на повеќе проекти на тема моделирање на динамички системи. Меѓу нив е најзначаен проектот „SUMO: Supermodeling by combining imperfect models“, кој го координира МАНУ.[1]

Трудови[уреди | уреди извор]

Сашо Џероски има објавено голем број трудови[2], монографии, објавуван е во конференциски зборници.

Монографии[3][уреди | уреди извор]

  • Džeroski S., Goethals B., and Panov P., editors. Inductive Databases and Constraint-based Data Mining. Springer, New York, 2010.
  • Džeroski S., and Todorovski L., editors. Computational Discovery of Scientific Knowledge: Introduction, Techniques, and Applications in Environmental and Life Sciences. (LNCS, 4660) Springer, Berlin, 2007. DOI: 10.1007/978-3-540-73920-3
  • Džeroski, S., and Lavrac, N. editors. Relational Data Mining. Springer, Berlin, 2001.
  • Džeroski S., and Cussens, J. editors. Learning Language in Logic. (LNAI, 1925) Springer, Berlin, 2000.
  • Lavrac N., and Dzeroski S.Inductive Logic Programming: Techniques and Applications. Ellis Horwood, Chichester, 1994.

Конференциски зборници[3][уреди | уреди извор]

  • Džeroski S., Panov P., Kocev D., and Todorovski L., editors. Proceedings of the Seventeenth International Conference on Discovery Science. (LNCS 8777) Springer, Berlin, 2014.
  • Džeroski S., and Struyf J. editors. Knowledge Discovery in Inductive Databases, Fifth International Workshop: Revised Selected and Invited Papers. (LNCS 4747) Springer, Berlin, 2007.
  • Bratko, I., and Džeroski S., editors. Machine Learning: Proceedings of the Sixteenth International Conference on Machine Learning, Bled, Slovenia, 1999 Morgan Kaufmann, San Francisco, 1999.
  • Džeroski S., and Flach, P., editors. Inductive Logic Programming: Proceedings of the Ninth International Workshop, Bled, Slovenia, 1999. (LNAI 1634) Springer, Berlin, 1999.
  • Lavrač, N., and Džeroski S.,editors. Inductive Logic Programming: Proceedings of the Seventh International Workshop, Prague, Czech Republic, 1997. (LNAI 1297) Springer, Berlin, 1997.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „д-р Сашо Џероски“. МАНУ. Посетено на 16 декември 2019.
  2. Библиографија на Сашо Џероски
  3. 3,0 3,1 Сашо Џероски на семрежната страница на Институтот Јожеф Штефан

Надворешни врски[уреди | уреди извор]