Борис Патон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Борис Евгениевич Патон
Борис Евгениевич Патон
Роден(а)11 март 1918(1918-03-11)
Киев, Украина
Занимањеинженер, научник во подрачјето на заварувањето, металургијата и технологијата на метали

Борис Евгениевич Патон (роден на 27 ноември 1918 година во Киев) е истакнат, светски познат и признат научник во подрачјето на заварувањето, металургијата и технологијата на метали. Тој е автор на бројни научни придонеси во природните и техничките науки и на врвни технологии создадени врз нив. Својствена му е исклучителната способност за согледување на идните текови на развојот на науката, со што одигрува пресудна улога во одредени етапи на научно-техничкиот развој на својата земја и пошироко. Акад. Б. Е. Патон е долгогодишен претседател на Националната академија на науките на Украина, којашто, под негово раководство, израснува во еден од најголемите научноистражувачки центри во Источна Европа, афирмиран во целиот свет.

Образование и работен век[уреди | уреди извор]

Студиите ги завршил во 1941 година на Киевскиот индустриски институт при Националниот технички универзитет на Украина. Почнувајќи од 1942 година, неговата дејност е нераскинливо поврзана со Националната академија на науките на Украина. Во неа, во Институтот за електрозаварување „Евгениј Оскарович Патон“, тој го измина патот од помлад научен соработник до директор. Институтот „Евгениј Оскарович Патон“, во текот на својот повеќе од 50-годишен развиток, се издигнува до моќен, светски познат научнотехнички комплекс, во чии рамки влегуваат: научно-истражувачки институт, конструкторско-технолошки и екпериментални оддели, три опитни заводи, иноваторски, научно-инженерски и атестни центри. Под раководство на акад. Борис Евгениевич Патон и со негово непосредно учество, во Институтот се реализирани продлабочени истражувања и се добиени значајни резултати во развивање на нови технологии за нераскинливо спојување и обработка на метали и неметали во различни услови и средини.

Научна дејност[уреди | уреди извор]

Фундаменталните истражувања на акад. Б. Е. Патон и неговите ученици во подрачјето на заемното дејство на заварувачките извори на загревање со растопениот метал го поставија фундаментот на кој се создава нова гранка во металургијата - специјална електрометалургија. Со тоа е овозможено леење на особено чисти специјални челици и легури, обоени метали и добивање на единствени композитни материјали. Создадени се перспективи за развој на нови конструкциски и функционални материјали на дваесет и првиот век. Акад. Патон дал голем придонес во создавањето на нови типови на заварени конструкции, индустриско заварување на магистрални цевководи, разервоари за нафта од големи габарити, облоги на високи печки, високи конструкции на кули. Акад. Патон прв ги започнал и развил истражувањата за искористување на заварувачките процеси во космичката технологија и е неспорно признаен водач во тоа подрачје. Во сферата на научниот интерес на акад. Патон е и потрагата по оригинални медицински технологии и разработка на уникатни примероци на медицинската техника и инструментите. Под негово раководство соработниците од Институтот, како и научници од подрачјето на медицината создале нови начини на спојување (заварување) на меките ткива на човекот и животните, денес широко користени во хируршката практика. Од самиот почеток, главна насока во организаторската дејност на акад. Патон како претседател на Академијата е ориентирање на институтите при Академијата кон рамномерно и континуално развивање на фундаменталните истражувања и врз основа на нив, создавање на нови технологии со широка индустриска примена. Акад. Патон им посветува непрекинато внимание на комплексноста и приоритетот на научните истражувања во позначајните проблеми во природните, техничките и хуманитарните науки. Неговата иницијатива за максимално вклучување на научни установи во решавање на локалните производствени и еколошки проблеми резултира во создавање на седум регионални научни центри при Академијата, кои ја опфаќаат Украина во целост. Неговите стремежи научните достигнувања да се постават во служба на економијата, индустријата и земјоделството, доведуваат до комплексни фундаментални истражувања, со активно учество на институтите при Академијата во научно-техничките програми. Нова страница во широката дејност на акад. Патон се отвора во годините на независноста на Украина. Во својство на член на Советот на Претседателот на Украина по прашања на науката и научно-техничката политика, акад. Борис Евгениевич внесува голем личен придонес во адаптацијата на Националната академија на науките и на целата наука на Украина кон условите на пазарната економија. Како претседател на Комитетот за државни награди на Украина во подрачјето на науката и техниката, тој неуморно се грижи за авторитетот и престижот на научниот труд. Големо значење им придава и на иноваторската дејност и на формирањето и развојот на првите технолошки паркови во Украина и со особен интерес се грижи за научниот подмладок. Акад. Борис Евгениевич внесува голем труд во одржувањето и развојот на меѓународната научна соработка на Академијата, во економското поврзување на нејзините институти со партнери од странство. Оваа соработка се остварува со широко учество на научниците од Академијата во реализација на меѓународни научни проекти, организирање на заеднички лаборатории и производствени капацитети, широка размена на информации и склучување на бројни лиценцни договори. Акад. Патон се јавува како еден од основоположниците и, во текот на десет години непрекинато, претседател на Меѓународната асоцијација на академиите на науките, која ги обединува националните академии на науките и редица водечки научни центри. Акад. Б. Е. Патон е почесен претседател на Меѓународната инженерска академија, член на Светската академија на уметноста и науката и почесен член на Римскиот клуб. Тој е редовен член на Руската академија на науките, надворешен член на Шведската кралска академија на инженерските науки, Националната академија на науките на Индија, како и академии на науки и научно-технички друштва во многу други земји.

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Пожртвуваниот и богат труд на акад. Патон е обележен со бројни научни и државни признанија и награди. Тој е награден со Златни медали М. В. Ломоносов и С. И. Вавилов, Златен медал „JI. Лозан“ на Асоцијацијата на металурзи на Италија, Орден за заслуги за татковината, Златен медал В. Г. Шухов на Сојузот на инженери и научно-техничко општество на Русија, Златен медал на Светската организација за интелектуална сопственост, Сребрен медал „Ајнштајн“ на УНЕСКО. Акад. Патон има особено големи заслуги за развојот на науката во Македонија. Како повеќедецениски претседател на Националната академија на Украина и директор на Институтот за електрозаварување, тој е иницијатор и учесник во бројни заеднички научни проекти, публикации, размена на научници, како и годишни научни собири организирани од двете академии. Може слободно да се рече дека благодарејќи им на иницијативите и ангажираноста на акад. Патон, нашата Академија во последните години развива мошне интензивна и плодна соработка со Националната академија на науките на Украина и со други научни институции од оваа земја. За почесен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година.