Вера Битракова-Грозданова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вера Битракова-Грозданова
Родена 19 јули 1939
Охрид,  Македонија
Националност Македонка
Занимање археолог, историчар на уметност
Сопружник Цветан Грозданов

Вера Битракова-Грозданова (родена на 19 јули 1939 година во Охрид) — македонски професор и научник од областа на археологијата и историјата на уметноста. Член на МАНУ.

Образование и работен век[уреди | уреди извор]

Во родниот град Охрид го завршува гимназиското образование. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирала во 1963 година, на Отсекот за археологија. Од 1963 до 1972 година работи како кустос во Народниот Музеј во Охрид, прво во одделот за нумизматика, а потоа во одделението за античка археологија. Од 1972 до 1975 година работи како кустос по римска археологија во Археолошкиот Музеј (Музеј на Македонија) во Скопје. Во 1972 ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија на тема Ranokriščаnski spomenici Ohridske regije. Во 1984 година на Филозофскиот факултет во Загреб одбранет е докторат на тема Spomenici helenističkog razdoblja na tlu SR Makedonije (кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ). Од 1975 г. до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија. Ги предава предметите: историја на уметноста на старите народи, класична археологија и античка археологија на Балканот. Од 1978 до 1997 година предава историја на уметноста на старите народи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Студиски престои реализирала во Париз, Франција, во 1967 и во 1993 година, на Институтот за уметност и археологија (Institut d’art et d’archeologie – Universités de Paris), и на Факултетот во Безансон (Faculté des letters et sciences humaines-Beasançon); во 1979 година во Германија, како гостин на Институтот за стара историја и археологија, при Берлинската академија (Zentralinsitut fur Alte Gechichte und Archaologie Akademie der Wissenchaften der DDR); во 1980 во Бугарија, како гостин на Историскиот факултет во Софија, на Траколошкото одделение; во 1980 во Албанија, како гостин на Албанската академија на науките (Académie des Sciences d’Albanie – Institut d’archаéologie). Во Грција има подолг престој во 1968/69 година како стипендист на Грчката влада, а во 1982 како гостин на Министерството за култура. Главно работи во Француската школа на Атина (Ецоле франçаисе д’Атхèнес), во Националната и во Генадион библиотеката; во 1999 година престојува во Атина како гостин на Француската археолошка школа (Ецоле Франçаисе д’Атхèнес).

Археолошки истражувања[уреди | уреди извор]

Учествувала во повеќе археолошки ископувања; Данило кај Шибеник (1959–1962), Мулине на островот Углјан (1959), во Стоби (1963, 1974), во Скупи (1971) во Тетово (1979), во Дебреште кај Прилеп (1965), во Охрид на поликонхалната црква на Плаошник (1960–1963). Акад. Вера Битракова-Грозданова реализирала и повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самоилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – Св. Никола (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – Св. Мартинија, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово: на наоѓалиштето „Дупка“ (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008); во с. Октиси, римска печка (2008). Во периодот 1998–2002 година е член на Одборот за возобновувањето на црквата Св. Климент – Св. Пантелејмон, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и член на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкцијата на светиот објект, а од 2007 година е научен раководител на ископувањата на Плаошник и член на Одборот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид.

Научна дејност, награди и признанија[уреди | уреди извор]

Акад. Вера Битракова-Грозданова е автор на повеќе од 100 научни трудови; учесник е на многубројни меѓународни научни собири и добиник е на повеќе научни и општествени признанија. Акад. Вера Битракова Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија: на наградата „Гоце Делчев“ како врвно републичко признание за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“, на престижната европска награда Herder-Preise, доделена од Универзитетот од Виена според фондацијата Alfred Toepfer Stiftung F. V. S., за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ за достигнувања во областа на културата. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2009 година.