Тешкото (песна)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето


Тешкото е песна на Блаже Конески (19211993) македонски академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

За песната[уреди | уреди извор]

Повод да ја напише песната „Тешкото“, една од најубавите песни на Конески, а секако и воопшто напишани на македонски јазик, му дало орото „Тешкото“, што поетот за прв пат видел како се игра во Прилеп 1942 г. без музика, (според сведоштво на самиот автор). Песната ја напишал 1946, а ја објавил 1948, во збирката песни „Земјата и љубовта“. Орото „Тешкото“ го играле печалбарите од мијачкиот крај, во мигови на разделба со своите најблиски, или за Петровден, кога се враќале во родниот крај заради свадбите на своите блиски роднини. Ниедно друго оро од нашата богата фолклорна ризница, не го отсликува така мачното минато, длабоката тага и копнежот за слобода на Македонците.

Осумдесетте стихови од песната „Тешкото“ се распоредени во десет строфи, а секоја од строфите има по осум стиха. Сите стихови имаат по дванаесет слога, освен завршниот (осмиот) стих од секоја строфа, кој има пет слога. Сите стихови се римувани, а римата е вкрстена (првиот со третиот, вториот со четвртиот стих). Песната има строг ритам, кој ѝ дава посебен белег, а застапен е амфибрахот (трисложна ритмичка целина, кај која акцентот паѓа на вториот слог).

(О – теш-ко)-(то!- Зур-ли)- (штом –ди-во)- (ќе –пис-нат), /12
(Штом – та-пан) -( ќе – грм-не) –(со – под-зе)-(мен – е-кот),/12
(Во- гра-ди)-(ве –зош-то) –(жал –лу-та) –(ме –стис-ка),/12
(Во –о-чи)-(ве—зо-што)—(на-ви-ру)-(ва –ре-ка)... /12
(- / - ) (- / - ) (- / - ) (- / - )

Вака би изгледал шематскиот приказ на четирите трисложни ритмички целини од секој стих, при што ненагласените слогови би ги бележеле со цртичка (-), а нагласените (акцентираните) со коса црта (/). И овде исклучок прават последните (осмите) стихови од строфите, кај кои среќаваме амфибрах и јамб: (да - не - пу)-( шти - вик). /5 или: ( стег-на-ти)-(от - ред), а шематски вака би изгледало: (- / -) (- /)

Песната започнува со апострофа, со болниот крик на поетот : О тешкото!... и бурата од емоции што кај него ги предизвикуваат писокот на зурлите и ритамот на тапанот, кој „грмнува со подземен екот“. Поетот, во градите чувствува како „жал лута“ го „стиска“, а во очите му „навирува река“, а тој се обидува да ги сокрие солзите, превземајќи низа активности, кои ги реди без употреба на сврзници, при што употребил асиндет:

„...да превијам раце, да прекријам лик -

та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.“

Во наредните две строфи, поетот го слика орото следејќи го ритамот на тапанот. На чело на орото се фаќаат старците, со замислен поглед, достоинствени, воздржани, загрижени и со „влага“ во очите, а „ првиот чекор по меката трева / е мирен и бавен, со задржана тага...“ Но, кога „ ’рзнува“ тапанот, во нивниот поглед светнува „молнија“ и „ напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред...“ Како се забрзува ритамот на тапанот,„ До старците момци се фаќаат скокум;“ Тие се млади , полетни , полни со енергија... со себе носат нови идеи и бунтовни мисли. Користејќи се со анафора, Конески ја прикажува нестрпливоста, енергичноста и непомирливоста на младите: не издржа срце - сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен во око,

не издржа младост што сака да летне!

За поврзаноста на орото со „ земјава наша“ , поетот говори во четвртата строфа. Во него, со „исконска сила“ се вткаени „на реките зборот“, завивањето на ветерот,шепотот на зрелите житjа и мирисот на летните вечери. Поетот користејќи полисиндет, а во следните пет стиха и персонификација, ја зголемува напнатоста во песната: „и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветер и страшен

и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.“

Во орото „Тешкото“ е вткаена „душата“ на народот... за тоа поетот говори во петтата строфа. Болката од вековните ропства е испреплетена со мечтите за „радосна челад, за слободен свет“.

Во стиховите од наредните три строфи,поетот пее за симболиката на орото. Гледајќи ги фатени еден до друг таткото и синот, до дедото внукот, со наведени глави, пред неговите очи од „маглата матна“ испливува синџир од робје, чија свирка е „на прангите ѕвекот“. Поетот го обзема огромна тага, преживувајќи ги сликите од вековното ропство, па поставува реторски прашања:

„кој збор ќе ми најде за вашата стрв?

Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?“

Осмата строфа,поетот ја завршува со констатација дека орото е синџир од робја од „калеши моми и невести ред“, што ги грабнал „насилникот клет“.

Орото е „синџир од робја“, сè дури народот не излегол во „листена гора“, па со „јадот од векови собран“, поведува борба за конечна слобода. Орото во деветата строфа се претвара во „бујно, бунтовничко оро“, кое се лула „низ крвје и оган“. Во последната строфа, Конески се пренесува во сегашноста. Кога по нашите села, во слобода повторно ќе го види орото, тој чувствува „жалба“ и не е чудно „солза да потече врела“. Во последните стихови, поетот Конески му се обраќа на својот народ и му предвидува светла иднина:

„Од вековно ропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој! “

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]