Тиквешки зборник

Од Википедија — слободната енциклопедија

Тиквешкиот зборник пронајден во селото Мрзен Ораовец, Тиквешко, претставува ракописен текст од XVI век, а се чува во Софиската народна библиотека под бр. 677. Ракописот претставува зборник со смесена содржина и содржи разни по тематика книжевни дела. Меѓу овие дела се наоѓаат и расказот за крчмарката Теофана, апокрифниот циклус за старозаветниот патријарх Аврам, словот за Самсон, новозаветниот апокриф „Видение Павлово“, еден од петте преписи на Солунската легенда, Слово заради страшниот суд, делови од Разумникот, Филологот итн. Од зборникот се зачувани 123 листови. Притоа, освен за историчарите на литературата, Тиквешкиот зборник е мошне интересен и за оние кои се занимаваат со историјата на нашиот јазик. Во него, на пример, наоѓаме траги од македонскиот народен говор (аналитичко образување на компаративот кај придавките, распаѓање на падежниот систем и сл.) што недвосмислено укажува дека зборникот е пишуван на македонски терен од пишувач Македонец. За овој зборник Вера Антиќ одбрани докторска теза, а Димитар Пандев - магистерски труд.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Речник на старата македонска книжевност, Ѓорѓи Поп-Атанасов, Скопје, 1989, стр.279