Прејди на содржината

Науме Радически

Од Википедија — слободната енциклопедија
Науме Радически
Роден 18 мај 1953
Мешеишта, Охридско, НР Македонија СР Македонија
Починал 7 мај 2014
Скопје, Македонија Македонија
Занимање писател и професор

Науме Радически (18 мај 1953, Мешеишта, Охридско - 7 мај 2014, Скопје) — македонски писател, критичар, есеистичар, преведувач, редовен професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет во Скопје, истражувач на македонската книжевна и културна историја, прв главен уредник на списанието „Македоника"[1] и член на Друштвото на писателите на Македонија.[2]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Радически е роден на 18 мај 1953 година во охридското Мешеишта. Во 1975 година, завршил студии по историја на југословенските литератури на Фило­лош­киот факултет во Скопје, а на Филозоф­скиот факултет студирал историја на уметноста со архео­ло­гија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работел близу три и пол децении, магистрирал во 1981 и докторирал во 1990 година, а потоа бил редовен професор по современи јужно­словенски литератури. Уметничката, кри­ти­чарската и научноистражувачката актива на Радически е разновид­на: поезија, литературна и ликовна критика, лите­ра­турна историја, есеистика итн. Одделни негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литера­турната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преве­ду­вал од други јужнословенски литератури. Учествувал на голем број македонистички, славистички и балканолошки научни собири во Македонија и во странство. Учест­ву­вал во уредувањето на весници и списа­нија, како Литературен збор, Стожер, МИТ, а бил главен уредник на списанието Маке­до­ника од неговото основање. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија.

Бил добитник на наградата на Културно-просветната заедница на Македонија, на наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ и на државната награда „Гоце Делчев“ за 2007 година, за книгата „Литературна раскрсница“.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
Критичко-есеистички и научно-истражувачки трудови
  • Критички интерпретации на младата македонска книжевност (1983),
  • Релации и континуитет (1996),
  • Метаморфози (1999),
  • Време без збор (2000),
  • Патишта и крстопати низ јужнословенските кни­жевности (2004, ја добил наградата на ДПМ „Димитар Митрев“),
  • Литературна раскрсница (2006, за која ја добил државната награда „Гоце Делчев“),
  • Аналитички рефлексии (2007),
  • Литературните погледи на Димитар Митрев (2009),
  • Пред алфа и пред делта – прилози за македонската другојазична литература (2011),
  • Словенска алка (2012),
  • Миладиновци (2012),
  • Македонски литературен потсетник, книга 1 (2013).

Бил составувач на некои избори од македон­ската лите­ра­­тура, како Дванаесет векови македонска книжевност (1997) итн.

Поезија
  • Постоења и мотиви (1975),
  • Светол тажен вик (1984),
  • Контрасти (1992, за која ја добил наградата на Културно-просветна­та заедница на Македонија),
  • Преображение човеково (2001),
  • Астрални проекции (2008, 2012; редок настан во македонската книжевност поетска книга да биде преобјавена)

Радически во својата повеќегодишна истражувачка, културолошка и книжевна дејност, која зафаќа период од над триесет години, дал исклучително значаен придонес во откривањето, разјаснувањето и афирмирањето на македонските културни вредности, македонските културни дејци и книжевни творци во 20 век и воопшто на поновата македонска културна историја. Речиси сиот овој период го посветил на истражување и афирмирање на присуството, односно на застапеноста на Македонија во другите јужнословенски литератури и посебно на дејноста и творештвото на Македонците кои создавале во други јазични средини, односно на македонските дводомни писатели. Резултат на таквата истражувачка и творечка активност на Радически е трудот Пред алфа и пред делта, со поднаслов: Прилози за македонската другојазична литера­ту­ра, објавен во 2011 година од страна на издавачот „Македоника литера“ – Скопје. Овој труд на проф. д-р Науме Радически претставува најкомплетниот, најкомплексниот и најсеоп­фатниот труд во македонската книжевност што ја третираа оваа проблематика, односно што ги открива, проучува и афирмира македонските книжевни автори кои создавале на други јазици. Оваа книга на д-р Науме Радически е првата која открива и соопштува толку многу имиња кои припаѓаат на категоријата македонски творци кои создаваат во други национални и јазични средини, а кои нераскинливо се поврзани со македонската национална и културна средина. Радически бил учесник на речиси сите позначајни научни собири во јужнословенските, па и воопшто во словенските земји, афирмирајќи ја истовремено и македонската книжевност и култура. Трудовите од тие научни собири му се објавувани во зборници, списанија и други стручни или културолошки публикации на јазиците во тие земји. И преку нив, исто така, ги промовира и афирмира македонската книжевност, култура, културна историја и книжевно наследство. Библиографијата на проф. д-р Науме Радически содржи повеќе од 680 библиографски единици – научни, стручни, критичко-есеистички и други трудови. Тоа е импозантен број библиографски единици со исклучително значење за промоцијата и афирмацијата на вредностите на македонската книжевност и култура. Починал во Скопје на 7 мај 2014 година.[3]

  1. Нов број на списанието „Македоника“[мртва врска]
  2. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 220.
  3. http://kajgana.com/pochina-pisatelot-naume-radicheski. Архивирано од изворникот на 2016-03-11. Посетено на 2015-07-12. Надворешна врска во |title= (help)