Мешеишта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мешеиштa
Мешеиштa се наоѓа во Македонија
Мешеиштa
Мешеиштa (Македонија)
Координати 41°14′18″ СГШ 20°46′36″ ИГД / 
Општина Coat of arms of Debarca Municipality.svg Општина Дебарца
Население 779 жит.
Пошт. бр. 6342
Повик. бр. 046
Надм. височина 752 м
Слава Петровден
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“

Мешеишта е село во Општина Дебарца. Селото се наоѓа на петнаесетина километри оддалеченост од Охрид и Струга. Според пописот од 2002 година, селото имало население од 779 жители.

Грб на поранешната Општина Мешеишта.
Карта на општина Дебарца со селските атари.

Географиja и местоположба[уреди]

Атарот на селото Мешеишта е лоциран во просторот на Охридско-Струшката котлина. Селото претставува административен дел на Општината Дебарца (според новата територијална поделба), иако тоа не припаѓа на географската област Дебарца. Се простира во подножјето на огранците на Плаќенска планина, која заедно со огранците на планината Караорман го одделува од областа Дебарца. Вкупната површина на селото изнесува 2.437,1 ха. Селото се наоѓа на надморска височина од 752 м. и во негова непосредна близина се наоѓаат висовите Орлово Гнездо (1126 м.), Стојанец (1130 м.) и Корита (1271 м.). Рамничарскиот дел на атарот му припаѓа на просторот Велјо Поле. Гранично административни простори на мешеишкиот атар се атарите на селата Волино, Требеништа и Ливоишта од јужната страна, Сирула од источната страна, Злести и Ботун од северната страна, и Климештани, Корошишта и Ливада од западната страна.

Сообраќајни врски[уреди]

Сообраќајните врски се поволни имајќи го предвид фактот што селото се протега на регионалниот пат што ги поврзува Охрид и Струга, и, преку Кичево и Скопје, со меѓународниот пат кон останатиот дел од светот.

Релјеф[уреди]

Котлинскиот простор на Мешеишта е ограден со планински страни и висови. Самата надморска височина (752 м.) покажува дека се наоѓа во планински простор кој претставува јужна огранка на Шарскиот планински систем. Тоа значи дека се работи за младо копно. Настанокот се врзува за олиго-миоценски движења познати како Алпска орогенеза, а му припаѓаат на јужното Алпско орогено стебло. Оклоните планини се издигнати од синклиналната Тетис. Така издигнатите простори подлегнале на процесот на раседување. Долж таквите раседи се спушта и Охридската котлина во која е лоциран атарот на селото Мешеишта. Раседните линии во котлината се простираат по источната страна од Љубаништа кон Косел, по западната страна е Струшко-Старовскиот расед и низ централниот дел е Копарничко-Наумовскиот расед. Во непосредна близина на источната раседна линија, која се простира медитерански, се наоѓа оваа населба, со што зазема положба на изразена сеизмичност. Тоа не е одделно од сеизмичноста на Охридската котлина која што е и денес активна, но микролокацијата на Мешеишта зборува за нужност од водење сметка за овој геотектонски елемент.

По спуштањето, басенот влегол во езерска фаза во која постоеле два залива на неогеното езеро. Наслагите на езерските седименти во овие заливи се од плиоценска старост, а постојат и плеистоценски седименти. Просторот на Мешеишта бил дел на езерскиот залив, односно езерото го покривало овој простор во плиоцен и плеистоцен. По исполнувањето со вода настанал стадиум на интензивна ерозија на брановите. Абразивните подови и тераси, се забележани на различни висoчини од 720 до 1080 м. кб., што зборува дека овој простор бил под влијание на овие егзотени процеси.

Од флувно-денудационите појави треба да се истакнат планините. Тие настанале со таложење на наносниот материјал од преминот на планина во котлина. Вакви појави се присутни на четири места во непосредна близина на Мешеишта. Скорешната ерозија, во облик на урвини и буици, во голема мера е санирана 1960-тите години, преку пошумување на голите планински простори со црн бор, така што тие не се појави од континуелен карактер на овој простор.

Историja[уреди]

Мешеишта се одликува со богата историја. Најстариот археолошки локалитет во околината на селото е месноста Св. Илија, каде што се пронајдени остатоци од постарото железно време (XII-XI п.н.е.). На ова место се наоѓа мала, еднокорабна манастирска црква, која е посветена на св. пророк Илија.

Според некои сознанија, старото име на Мешеишта било Дабово. Иако не постојат посебни истражувања за потеклото на денешното име на селото, најверојатно тоа е изведено од турскиот збор за даб - „меше“, што оди во прилог на претпоставката за старото име. Инаку, името на селото за прв пат се сретнува во турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., и тоа како Мешевиште.[1]

За време на турското ропство, Мешеишта ја делело судбината на останатите македонски села. На пример, забележано е дека во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета (од 400 души) на Билјал Баланца, која го опљачкало селото, убивајќи неколку селани.[2] Жителите на Мешеишта активно учествувале во подготовките на Илинденското востание, под водството на војводата Никола П. Русински, кој уште во 1901 год. го користел во селото како база за организирање на револуционерната активност во струшкиот крај. Притоа, забележано е дека учителот Гурко Савинов бил секретар на комитетот во Мешеишта.[3] За време на Првата светска војна, Мешеишта било окупирано од бугарската војска. Жителите на Мешеишта, исто така, учествувале во Народно-ослоботилната војна, при што селото било ослободено на 29 август 1944 год.[4]

Економија[уреди]

Уште во дамнешни времиња, Мешеишта имало големо стопанско значење за охридскиот крај. Така, во турските документи е запишано дека уште во 1491 год., во селото имало 6 воденици во посед на вакуфите.[5] Исто така, во турскиот попис од 1582 год. е забележано дека селото било најголем производител на ‘рж во Охридската каза, со род од 1000 товари (150 тони). Исто така, во селото имало 312 свињи, со што тоа било на второ место во Охридската каза.[6]

Денес, најзастапени стопански гранки во Мешеишта се: земјоделството (пченица, грав, пченка, пиперки, домати итн.), лозарството и овоштарството (јаболка, круши, сливи итн.). Во селото работи приватното претпријатие Мелница и пекарница „Илинче“, кое е основано во 1990 год. и денес покрива околу 40% од пазарот во охридско-струшкиот регион.[7]

Демографија[уреди]

Според податоците од турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., Мешеишта имало 56 христијански семејства, 3 самци, т.е. 283 христијански жители и 12 муслимански семејства и 1 самец, т.е 61 муслиман, односно вкупно 344 жители. Со тоа, Мешеишта било едно од поголемите села т.е. тоа било седмо по големина во целата Охридска нахија (која ги вклучувала и струшките села).[8] Подоцна, во извештајот што австрискиот вице-конзул Крал го испратил во Виена во 1898 год. се вели дека Мешеишта имало 914 жители, сите Македонци, со што тоа било второ по големина село во охридско.[9]

Притоа, во овој попис се споменати и конкретни жители од селото: Така, во него е забележано дека 9 христијански баштини (имоти) преминале во турски раце, и тоа баштината на Неделко преминала во Дервиш Солак, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Ѓорѓо преминала кај Дервиш Хусеин, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Радослав кај спахијата Кучи; баштината на Пејо кај јаничарот Хизир, апотоа кај јаничарот Сулејман; баштината на Петко прво преминала кај Михаил Величко, а потоа кај јаничарот Мустафа; баштината на Димитри преминала прво кај јаничарот Сејди, а потоа кај Синан гуламшахи (царски слуга), додека Добре, син на Петко, приграбил две баштини од селото.[10]

Општествени институции[уреди]

Зачетоците на образованието во Мешеишта датираат во 1889-1890 год., кога е отворено егзархиско училиште[11] и, оттогаш, во селото постојано се изведувала настава. Подоцна, во периодот 1912-1915 год., во селото работело српско школо со две паралелки и двајца учитела.[12] Наставата на мајчин јазик започнала да се изведува по Втората светска војна, при што прв учител бил Михаило Пљакоски од Охрид.

Денес, во Мешеишта работи подрачното училиште во состав на ОУ Дебрца од с. Белчишта. Во подрачното училиште во Мешеишта се изведува настава од I-IX одделение. Има 6 училници, 1 канцеларија, кабинет по информатика. Дворот е асфалтиран, и има одбележани спортски терени, така што учениците имаат можност за реализирање на часовите по физичко и здравствено образование. Инаку, училишната зграда е солидна, реновирана со донација на УСАИД, МОН и Општина Дебарца во 2008 год.[13]

Администрација и политика[уреди]

Во минатото, Мешеишта претставувало административен дел од општините Охрид и Струга, додека со територијалната поделба од 1996 год., селото стана седиште на новоформираната општина Мешеишта. Подоцна, во 2004 год. општината Мешеишта е укината, т.е. присоединета кон општината Дебарца.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди]

Во центарот на селото има споменик на паднатите борци од Илинденската епоха и од Народно-ослободителната војна. Во Мешеишта се наоѓа големата црква Св. Петар и Павле, чии царски двери датираат од XVII век, а се изработени од непознат зограф, кој веројатно е автор и на иконата на архангел Михаил.[15] Во близина на селото се наоѓа малата, еднокорабна црква Св. Илија.

Редовни настани[уреди]

Како селска слава на Мешеишта е големиот празник Петровден. Исто така, во црквичката Св. Илија се слави празникот Илинден, а во селото се слават и другите позначајни верски празници.

Култура и спорт[уреди]

Во селото дејствува културно-уметничкото друштво Св. апостоли Петар и Павле. Исто така, почнувајќи од 1975 год., секоја година се одржува турнирот во мал фудбал „Петровден“ - Мешеишта.[16]

Иселеништво[уреди]

Печалбарството во Мешеишта започнало во втората половина на XIX век.

Наводи[уреди]

  1. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1985, стр. 28-30.
  2. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 157.
  3. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 197-198.
  4. „Мешеишта“, Славеј, училиштен весник на ОУ „Дебрца“ с. Белчишта-Охрид, бр. 10, 2008, стр. 2.
  5. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 94.
  6. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 82-90.
  7. Мелница и пекарница Илинче
  8. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 28-30.
  9. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 161-162.
  10. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 42-46.
  11. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 170.
  12. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 281.
  13. ОУ Дебрца - с. Белчишта
  14. Васил Калески, „Реалните факти на Петковски“, Утрински весник, бр. 1551, понеделник, 16 октомври 2006.
  15. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 322.
  16. По 37-ми пат турнир во мал фудбал „Петровден 2011“, Ohrid press, 9.6.2011.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]