Мраморец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мраморец
Поглед на Мраморец.jpg

Панорама на селото Мраморец

Мраморец is located in Македонија
Мраморец
Местоположба на Мраморец во Македонија
Координати 41°22′51″N 20°52′31″E / 41.38083° СГШ; 20.87528° ИГД / 41.38083; 20.87528Координати: 41°22′51″N 20°52′31″E / 41.38083° СГШ; 20.87528° ИГД / 41.38083; 20.87528
Регион Дебарца
Општина Coat of arms of Debarca Municipality.svg Дебарца
Пошт. бр. 6430
Повик. бр. 046
Надм. вис. 1030 м
Commons-logo.svg Мраморец на Ризницата

Мраморец е село во Општина Дебарца, оддалечено околу 9 км од патот Кичево - Охрид.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Мраморец своето име го добило по местото Мрамор.[1]

Географија[уреди | уреди извор]

Мраморец се наоѓа во областа Горна Дебарца, сместено на падините на Илинска Планина, на надморска височина од 1030 метри.[2] Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и е оддалечено 9 километри од магистралниот пат Охрид-Скопје, 36 километри јужно од Кичево и 44 километри северно од Охрид. Атарот на селото зафаќа простор од 18,6 квадратни километри, а во него преовладуваат шумите (1.045 хектари), обработливото земјиште зафаќа 589 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 50 хектари.[3]

Историja[уреди | уреди извор]

Типична архитектура во Мраморец

Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта/Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор). Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот Санџак од 1582 год., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители.[4] Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село. Така, според француски извори, во 1873 год., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители.[5] Австрискиот конзул Крал во 1898 год., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители.[6] Во 1900 год., во Мраморец живееле 500 жители[7], а слични се и податоците од 1905 год., според кои селото броело 536 жители.[8]


Пред и за време на Илинденското востание, селото дало активен придонес во борбите против турската војска. Така, на 25 мај 1902 год., војводите Ташко Арсов и Никола Петров Русински дејствувале во селото, каде што го убиле селскиот полјак - Шабан од Песочан.[9] Во март 1903 год., во околината на селото (во месноста Опаленик) дејствувале комитски чети, кои учествувале во познатата Издеглавска афера, при што на 17 и 18 март 1903 год., турската војска ги опседнала сите села во Горна Дебарца.[10] За време на оваа афера, 14 жители на селото биле осудени на робија во Дијар Бекир, Мала Азија и од нив само четворица се вратиле назад, тоа биле Симјан, Јове, Мицко и Војдан.[11]

За време на Илинденското востание постоела мраморечка чета под команда на војводата Смиле Војданов, а во околината на селото дејствувале неколку комитски чети, кои на 2 август 1903 год. го нападнале селото Издеглавје.[12] [13] Во текот на август, во околината на Мраморец се воделе големи битки меѓу комитските чети и турската војска, а во знак на одмазда, на 15 септември 1903 год., турската војска го запалила селото и изгореле сите 84 куќи во селото, при што убиле 14 жители на селото:

  • Спасе Василев, Хр. Матев, Трајче Димитров, Голаб Максимов, Ст. Тасев, Гркинка Сотирова, Крстаница Стојчева, Кофил Павлев, Јанаќија Николова, Стојан Иванов, Здраве Христов, Настов, Стојан Матев и Серафим Крстев.

За тоа време, жителите на селото се криеле во шумите околу селото, а на 25 септември 1903 год. била објавена амнестија, по што селаните повторно се вратиле во своите домови. По објавената амнестија, на 28 септември 1903 год., комитите започнале да го собираат оружјето, кое се закопувало во тајни складишта во буките меѓу селата Мраморец и Белица, при што во селото биле собрани 52 пушки. Во април 1905 год., по наредба на Христо Узунов, војводата Ташко Арсов се вратил во Мраморец, каде со помош на селаните го откопале складот со оружјето и муницијата.[14]

Во текот на балканските војни мраморчани биле мобилизирани во редовите на бугарската војска, при што 22 жители на селото земале учество во редовите на македоно-одринското оплечение, тоа биле:

  • Ѓенко Андонов, Стојан Андреев, Спасе Божинов, Марко Велев, Мицко Велев, Костадин Гаврилов, Сиљан Ѓоргиев, Михаил Грозданов, Никола Дамјанов, Иван Дериволов, Стефан Димитров, Матеј , Миле Настев, Стојан Настов, Ѓорги Недев, Никодим, Григор Николов, Димитар Сиљанов, Божин Спасов, Крсте Стојанов, Цветко Стојанов и Трајко Јаков.[15]
Запаленото село Мраморец од страна на балистите, 1943 година.
Споменик на НОБ во Мраморец.

Во Втората светска војна, селото бил зафатено од борбените дејствија, при што два пати било запалено до темел од балистите. Исто така, селото дало неколку партизани, а во спомен на 13 селани кои загинале во текот на 1943 и 1944 год., на 2 август 1969 година, во близина на селската црква е подигнат споменик.

Економија[уреди | уреди извор]

Имајќи предвид дека Мраморец е типично планинско село, во минатото неговите жители се занимавале претежно со сточарство, одгледувајќи ситен добиток (овци и кози). Така, според некои кажувања, во златните години на селото (пред Втората светска војна), во него имало неколку илјади грла ситен добиток. Исто така, на планинските падини, селаните саделе житни култури (овес, ‘рж, леќа итн.), како и грашести растенија. За своите потреби, селаните произведувале млечни производи, волна, коноп итн. Благодарение на многуте извори и потоци, селото имало дваесет воденици.

Традиционална архитектура во Мраморец

Дури до средината на 1960-тите години, селаните живееле во автархични, натурални стопанства, задоволувајќи ги речиси сите свои потреби од сопствено производство. Најчесто, селаните оделе на пазар во Кичево, а поретко во Охрид и Струга. Помеѓу двете светски војни, голем дел од жителите оделе на печалба во Белград, во Софија, во Аргентина и во САД.

Наспроти сиромаштијата и големата заостанатост, Мраморец се одликува со тоа што е второто село во Дебарца (по Песочан) што добило струја. Имено, уште во 1956/7 год., селото имало мини-хидроцентрала, раководена од рускиот инженер Ервин Петрович, која со помош на една малечка турбина произведувала доволно струја за осветлување на домовите. Истата година, во селото била изградена и пилана, во која што биле вработени 20-25 селани, кои произведувале коцки за поплочување, паркет, бочви, штички за гајби итн. Пиланата работела до 1966 година.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Мраморец живееле 500 жители, сите Македонци.[16] Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мраморец имало 536 Македонци, егзархисти.[17]

Мраморец е чисто македонско село и во минатото имало околу 120 куќи, а во 1951 година, селото имало 675 жители. Но, во средината на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, жителите почнале масовно да се иселуваат во Скопје (околу 100 семејства), во Охрид (околу 40 семејства), во Битола (околу 30 семејства), во Струга (околу 25 семејства) и во Кичево (околу 10 семејства). Пресудна улога во иселувањето на жителите имало укинувањето на железничката пруга. Така, денес, селото е речиси празно, со само неколку постојани жители:според пописот на населението од 2002 год., селото имало 91 живеалиште, и само 6 домаќинства со 8 жители.[18]

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[19] [20]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 500[16] 536[17] 657 609 346 132 60 19 15 8

Родови[уреди | уреди извор]

Мраморец е чисто православно село. Денешното село е основано пред 220 години, од доселеници од разни краишта, како: Туин, Железник, Закамен и други места. Има и сосема иселени родови, за кои не може да се утврди дали се доселени или староседелци (од старото село Белче).[21]

Родови во Мраморец се:

  • Милошевци (3 к.) и Пејчиновци (5 к.), кои потекнуваат од заеднички предок, а основачот на родот е доселен од селото Туин, Кичевско. Во Милошевци ја знаат следната генеологија: Вељан (жив на 62 год. во 1980 година) Деспот-Стојан-Симун-Деспот-Милош кој се доселил во селото;
  • Миајлевци (2 к.), а основач на родот бил свештеник; овој род потекнува од истото место како Милошевци и Пејчиновци (селото Туин);
  • Тутунаровци (1 к.), доселени се од некое село во Демирхисарско (Железник); на овој род му припаѓал Марко Тутунар, кој бил кмет на селото и поради тоа ја имал најубавата земја; овој род е многу смален поради иселувањето;
  • Матевци (8 к.) и Пејовци (6 к.) имаат заедничко место на старина, а тоа е опустошениот град Закамен во Струшка Малесија;
  • Младеновци (3 к.) потекнуваат од предок со потекло од некое село во околината на Параќин; според некои основачот на родот е доселен како заробеник по задушувањето на востанието во Србија, во 1813 година, а според други, Младен залутал во селото како сточар и потоа мраморчани го примиле кај нив, му дале земја и го ожениле за некоја од локалните девојки. Се знае следната генеологија: Китан (жив на 77 год. во 2018 година) Паун-Никола-Ристе-?-Младен кој дошол од Параќин.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1948 година, родови во Мраморец се:

  • Староседелци:
  • Перовци или Поповци (4 куќи) - порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало, а ги слават Св. Атанасиј и Митровден;
  • Милошевци (13 куќи) - порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало и го слават Митровден;
  • Николовци (4 куќи) - порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
  • Јанчевци (6 куќи) - порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
  • Коломановци (2 куќи) - порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, го слават Св. Никола;
  • Настовци (5 куќи) - куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола;
  • Пејчиновци (23 куќи) - од селото Белче; Пејчин се иселил во кичевското село Туин, но по 70 години, неговите потомци се вратиле во Мраморец; куќите им се во Горно Маало, а го слават Митровден;
  • Нејковци (2 куќи) - од селото Белче; Нејко заедно со Пејчин се иселил во Туин, но потоа и тие се вратиле во Мраморец; куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола.
  • Доселеници:
  • Севдовци (14 куќи) - доселени се во 1846 година од селото Лешани; во Мраморец дошол дедото на Ристе (жив на 72 години во 1948 година,) заедно со неговиот брат Наум; Во Лешани се доселиле од Белица, Копачка, а во Белица се доселени од околината на Параќин; денес се познати под името Младеновци;
  • Матевци (18 куќи) и Пејовци (10 куќи) - потекнуваат од ист предок, доселени се од раселениот град Закамен, Малесија но населението на овие два рода не знаат точно каде се наоѓа Закамен, „дали одавде, али оданде Дрим“;
  • Недевци (11 куќи) - доселени се во 1878 година, од раселеното село Тројани.[1]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 од 1996, селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот од 1952-1955 селото влегувало во рамките на Општина Сливово. Во Општина Сливово, покрај селото Мраморец, влегувале и селата Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 селото се наоѓало во рамките на Општина Сливово, во која покрај село Мраморец припаѓале и селата Арбиново, Сливово и Турје.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборно место бр. 1330 според Државната изборна комисија, кое е сместено во с.Мраморец с.Мраморец.[22]

На референдумот во 2018 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 2 гласачи.

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во Мраморец, уште во 1905 год., постоело бугарско егзархиско основно училиште, во кое учеле 36 ученици.[23] Исто така, меѓу двете светски војни, во селото имало мало училиште, во кое учениците учеле до четврто одделение. По Втората светска војна, во 1948/9 год. е изградено ново училиште, кое работело до почетокот на 1978 год. Денес, во близина на селото, на надморска височина од 1 145 метри, има РТВ предавател.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

До територијалната поделба од 2004 год., Мраморец припаѓало на општината Охрид, а оттогаш е дел од општината Дебарца. Инаку, една улица во скопската населба Влае 2 (дел од општината Карпош) го носи името „Мраморец“.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

За време на прославата на празникот Илинден, на 2 август 2008 год., во селото се одржа поетската манифестација Родословни извори, со учество на неколку познати македонски поети. Во рамките на поетското читање беше доделено признанието Почесна водарка.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата Св. Никола во Мраморец
Старата црквичка во Мраморец
Црквата Св. Никола во месноста Белче покрај Мраморец

Во источниот дел на Мраморец се наоѓа селската црква Св. Никола, која се градела од 1846 до 1886 год., а целосно е завршена во 1909 год. Црквата е со големи димензии, изградена е од кршен и делкан камен, со седумстрана апсида на исток (целата од бигор), со слепи аркади на местото каде што се наоѓала една мала постара црквичка чија старост не е утврдена. До летото 2011 година, црквата се одликувала со сиромашен фрескопис и иконопис, но тогаш, таа била целосно насликана со фрески. Автор на фреските е битолскиот уметник Стефан Малбашиќ, а црквата биле преосветена на 16 септември 2012 година. Според каноните на светата православна црква, храмот бил преосветен на света архијерејска литургија, на која чиноначалствувал Неговото Високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протојерејот Игор Никовски и свештеникот Душан Јорданоски[24]. Исто така, во црквата се наоѓа владички престол и амвон, изработен во резба во 1861 год., од страна на Јаким Тодоров од селото Гари, од познатиот копаничарски род Огњановци. Југоисточно од апсидалниот дел на црквата, на само два метри се наоѓаат остатоци од истоимена постара црквичка, градена од камен, со полукружна апсида. Во црквичката може да се забележат неколку стари, но потполно уништени, икони.[25]

На неколку километри пред селото, во месноста Белче, постои мала црквичка (изградена во 1982 год.), која исто така се вика Св. Никола, подигната на темелите на црква од првата половина на XVII век. Веднаш до црквичката се наоѓаат остатоци од стари надгробни споменици.

Во непосредна близина на селската црква се наоѓа едноставен споменик на 13 жители кои загинале за време на Втората светска војна. Во однос на природните карактеристики, селото се наоѓа опкружено со планини и непрегледна дабова и букова шума (во повисоките предели), со безброј благи планински ливади и многу извори и поточиња. Попознати локалитети во околината на селото се: Рамништа, Рамнигос, Мрамор, Присој, Острец, Нишалка, Граишта, Утогла, Белче, Опаленик, Волчоречиште, Црвени Клајнци, Темни Дол, Кутлиње, Селиште, Јаор, Плевење, Сама Бука, Старцине, Скакало, Лештишта, Јачмишта, Гина Падина, Друмон итн.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Традиционална селска слава во Мраморец е празникот Св. Никола летен, кој се празнува на 2 јуни, на денот на Св. Маченик Талалеј. Исто така, во селото се славеле и големите христијански празници - Св. Никола и Водици. Најпосле, секоја година, селото го слави и националниот празник Илинден.

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година:[1]

  • од Перовци или Поповци има иселеници во: Софија, Бугарија (три семејства, од 1903 година), во Демир Хисар (едно семејство, од 1938 година), во битолското село Логоварди (едно семејство, од 1943 година) и во прилепското село Славеј (едно семејство, од 1944 година);
  • од Милошевци има иселеници во: Козица, Копачка (едно семејство, од 1924 година, како домазет) и во Скопје (едно семејство, од 1946 година);
  • од Николовци има иселеници во: Големо Црско или во Мало Црско ( како домазет од 1920 година);
  • од Јанчевци има иселеници во: Софија (едно семејство, од 1919 година), во Струга (едно семејство, од 1939 година) и во Криволак, Тиквеш (едно семејство, од 1943 година);
  • од Настовци има иселеници во: Битола (едно семејство, од 1928 година);
  • од Пејчиновци има иселеници во: Софија (три семејства, од 1880 година), во Видин, Бугарија (едно семејство, од 1903 година), во САД (едно семејство, од 1906 година), во Кичево (едно семејство, од 1928 година), во Демир Хисар (едно семејство, од 1942 година) и во Логоварди (едно семејство, од 1943 година);
  • од Матевци има иселеници во: Разград, Бугарија (едно семејство, од 1880 година) и во Битола (едно семејство, од 1920 година);
  • од Пејовци има иселеници во: Аргентина (две семејства, од 1920 година);
  • од Недевци има иселеници во: Софија (едно семејство, од 1903 година) и во Битола (две семејства, едното од 1920, а другото од 1925 година).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 . Архив МАНУ Фонд „ Бранислав Русиќ “ АЕ 89/1. „ Дебарца “ Мраморец. 
  2. Митко Панов, Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски и аграрни обележја (прво издание), Скопје, 1998, стр. 202.
  3. Митко Панов, Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски и аграрни обележја (прво издание), Скопје, 1998, стр. 202.
  4. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 30.
  5. Етнографија на вилаетите Одрин, Манастир и Солун, Куриер Д'Ориент, Истанбул, 1878 (Ethnographie des Vilayets d'Andrinople, de Monastir et de Salonique, Courrier D'Orient, Constantinople, 1878).
  6. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987,стр. 160-163.
  7. Васил Канчов, Македонија. Етнографија и статистика, Бугарско книжевно друштво, Софија, 1900, стр. 253 (В. Кѫнчовъ, Македония. Етнография и статистика, Българското книжовно дружество, София, 1900).
  8. Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Париз, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
  9. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 21
  10. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 25-27
  11. Томо Чалоски, Роднокрајски записи (www.emigration.gov.mk/turizam/mramorec.htm)
  12. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 227-228.
  13. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 30
  14. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 33-36, 79.
  15. Македоно-одринското опълчение 1912 – 1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006.. 
  16. 16,0 16,1 Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  17. 17,0 17,1 Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162 – 163.
  18. Државен завод за статистика, Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, книга X, стр. 20
  19. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  20. Митко Панов, Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски и аграрни обележја (прво издание), Скопје, 1998, стр. 202.
  21. Ф., Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Srpska akademija nauka i umetnosti. ISBN 8670251582. OCLC 27418468. http://worldcat.org/oclc/27418468. 
  22. mojotizbor.mk (PDF) https://mojotizbor.mk/files/izbiracki-mesta/ie5-debarca.pdf. конс. 2018-12-22.  Missing or empty |title= (помош)
  23. Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Парис, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
  24. † ПРЕОСВЕТУВАЊЕ НА ХРАМОТ „СВ. НИКОЛА“ ВО С. МРАМОРЕЦ, ОХРИД
  25. Гоце Ангеличин - Жура, Христијански храмови и свети места во Охридско, Охрид, 2007
  26. Друштво на писателите на Македонија
  27. Педагошки факултет „Св. Климент Охрдски“ - Скопје
  28. Друштво на писателите на Македонија

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]