Брежани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Брежани
Brezani-RM.JPG

Поглед кон селото

Брежани is located in Македонија
Брежани
Местоположба на Брежани во Македонија
Координати 41°16′18″N 20°57′42″E / 41.27167° СГШ; 20.96167° ИГД / 41.27167; 20.96167Координати: 41°16′18″N 20°57′42″E / 41.27167° СГШ; 20.96167° ИГД / 41.27167; 20.96167
Општина Coat of arms of Debarca Municipality.svg Дебарца
Население 31 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 1083 м
Слава Мала Богородица
Мреж. место Брежани
Брежани на општинската карта
Брежани во Општина Дебарца.svg

Атарот на Брежани во рамките на општината
Commons-logo.svg Брежани на Ризницата


Брежани — село во Општина Дебарца, во околината на градот Охрид.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Брежани се наоѓа на 25 километри воздушна линија од Охрид помеѓу планинските масиви Илинска Планина и Мазатар на надморска височина од 985 метри[1]. Со магистралниот пат Охрид - Скопје се поврзува кај селото Ботун. Од Ботун патот врви низ селата Белчишта, Лешани и Велмеј. Се ноѓа на 6 км.јужно од селото Велмеј. Од градот Охрид е оддалечено 32 километри[2]. Сместено е во крајниот југоисточен дел на областа Дебарца вово горниот тек на Брежанска река[3]. Во долината на Брежанска Река се редат извор до извор, поради што народот вели дека Брежани има добра земја, здрава вода и убав свет[4]. Илинска Планина источно од Брежани се поврзува со Плакенска Планина, при што тие претставуваат единствен планински венец кој се протега во меридијански правец север - југ. Кај Брежани се наоѓа преминот (превојот) помеѓу областите Дебарца и Железник (Демир Хисар), поради што во минатото на овој простор активно бил развиен сообраќајот[5].

Атарот на селото Брежани граничи со атарите на следните села: од север и североисток Велмеј и Големо Илино, од исток и југоисток Мало Илино, Базерник и Слоештица, од југ Плаќе, Речица и Куратица.

Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Селиште, Илинска црква, Бигла, Јаоречка црква, Рамни газ, Влашко село, Попова нива, Старо село, Папи, Речка, итн. Селото е со куќи од збиен тип и има 3 маала кои се делат по родовите Василевска или Долна, Белевска и Цветковска маала.[3]

Историja[уреди | уреди извор]

Брежани е доста старо село. Најпрвин селото се наоѓало во месноста Селиште, 2 километри над селото, а за време на турското владеење селаните од тоа место пред околу 170 години го основале селото на денешната местоположба[6]. Дел од жителите на тоа постаро село се населиле и во селото Велмеј. Во атарот на Брежани, постои и месноста Старо Село, на која селаните често ископувале и пронаоѓале остатоци од ѕидини и ќупови[7].

Брежани во Илинденското востание[уреди | уреди извор]

Населението од Брежани активно учествувало во текот на Илинденското востание па поради тоа Турците го запалиле селото, и ги запалиле сите 98 куќи во селото, при што Стојан Степанов Десаноски, Стеван Петрев Миленкоски и Саве Совранов Терзијоски биле одведени во Дијарбекир, и не се вратиле. Како комити во четите на Смиле Војданов и Дејан Димитров, учествувале следните брежанци и брежанки: Стојан Ѓакоски, Танаско Ѓакоски, Алексо Десаноски, Стамена Димоска, Деспот Јанчески, Томе Кавтаноски, Сандре Кршароски, Стојан Лозаноски, Миладин Мирчески, Миладин Наумоски, Недан Смилески, Паун Смилески, Ѓино Спасески, Ристо Станкоски, Стаменка Стеваноска, Деспот Стојчески, Миладин Суклоски, Никодин Суклоски, Бимбил Трпчески, Никола Малинкоски, Ристо Љапчески и Вељан Лозаноски.[8]

Брежани од Балканските војни, па до НОБ[уреди | уреди извор]

Во 1912 година Македонија подпаднала под Србија, при што немало разлика од турското ропство и новата окупација, поради тоа што биле големи противници на србските интереси, и што не се прифаќале за Срби од селото Брежани по предавство кое го извршил Ристо Попоски од Лешани, кај Манастирот „Си Свети“ од страна на србските власти биле убиени брежанците: Ристо Лапче, Димитрија Нејкоски и Вељан Лозаноски. А учителот Никола Јанев Малинкоски бил отруен од страна на србските власти. Во време на војните помеѓу Бугарија и Србија, во србската војска биле присилно мобилизирани доста брежанци, при што во војните како србски војници загинале: Божин Милошески, Павле Кадиоски, Ѓоргија Налески, Танаско Танаскоски, Војдин Тренески, Саве Салтироски, Трајче Канделески, Трајче Угриноски, Десан Десаноски, Бојко Степаноски, Војдин Танаскоски, Насто Османоски, Ѓино Лозаноски, Лозан Лозаноски и Танаско Апостолоски. Меѓу двете светски војни србските закони биле многу строги и спроведувани под посебни околности. Кога бил убиен кралот Александар во 1934 годима, биле забранети сите веселби на свадби, крштевки и други празници, а по наредба на командирот на жандармериската станица во Брежани била прогласена жалост со шест месеци. Ситер што биле забележани дека го рушат тој ред биле казнувани со тепање, тепање и затворање имало и за пеење комитски песни, така за такви песни бил малтретиран Танаско Ѓакоски (илинденец).[8]

Брежани во НОБ и потоа[уреди | уреди извор]

Со нападот на Југославија, на шести април 1941 година, од страна на Германија, и нејзините сојузници Италија и Бугарија ја окупирале Македонија, при што Македонија отпрва била поделена помеѓу Бугарија и Германија. Единствено Брежани од цела Дебарца подпаднала под Бугарија, така што регулирала војници од Брежани да служат во Стара Загора, Самоков, Пловдив, Софија, Сливен, Серес, Драма, Кавала и на други места, така што од Брежани заминале:

  1. Димитрија С. Нејкоски во 57 полк, во Серес и Драма.
  2. Стојко М. Суклоски во 57 полк, во Серес и Драма.
  3. Миладин М. Миладиноски во VIII дивиз. полк во Стара Загора.
  4. Марко С. Маркоски во VIII дивиз. полк во Стара Загора.
  5. Ѓино С. Стојаноски во IX дивиз. полк, Самоков.
  6. Методија М. Момироски во II тунџеска дивизија, Пловдив.
  7. Димко Б. Степаноски во II тунџеска дивизија, Пловдив.
  8. Науме В. Трпески во II тунџеска дивизија, Пловдив.
  9. Стојан К. Дукоски во VI полк, во Софија.

Во редовите на партизанските одреди во 1941 година се нашол регрутиран Симјан Суклоски. Меѓутоа Симјан истата година загинал, во Љубовија, кај Титово Ужице.

Наредната 1942 година, од Брежани во Бугарија биле испратени да служат следните лица:

Божин Г. Вељаноски, Богдан Ѓ. Бимбилоски, Бојко Р. Наумоски, Крсте В. Кршароски, Крсте Коруноски, Милан Ѓ. Тренески, Ристо С. Апостолоски и Ванѓел Ј. Јанески. Сите овие биле распоредени во местата каде што служеле и другите брежанци, некои пак и во други единици: XIII рилски полк, во I полк на 48 дивизија, итн.

После завршувањето на војната во просторот на територијата на селото Брежани крстареа десеткувани балистички банди. Тие не можеа да најдат закрила кај мирното население во Брежани, па дење морале да се кријат по брежанските гори, а ноќе се појавувале и сееле страв, напаѓајки ги сточарските објекти во местата Слива и Јаорец. Жртва на нивната разбеснетост беше стариот седумдесет годишен брежанец Андон Трпески. Како одмазда за убиството на стариот Андон, брежанци фатиле еден балист по име Бајрам и го однеле во селото каде народот го каменувал. Како него завршиле и многу други балисти, а потоа почнал помирен живот.[8]

Демографија[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брежани имало 560 жители, сите Македонци.[9]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брежани имало 640 жители, Македонци егзархисти.[10]

Огромен број од жителите на Брежани се иселиле за што сведочи постојаниот и драстичен пад на бројот на населението на селото. Во 1961 година во Брежани живееле 547 жители, додека во 1994 само 56 жители, сите Македонци[11].

Според пописот од 2002 година, селото брои 31 жител, сите Македонци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:[13]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 560[9] 640[10] 742 742 547 425 198 54 56 31

Родови[уреди | уреди извор]

Брежани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско население

Родови во Брежани се: Василевци (20 к.), Белевци (16 к.) и Цветковци (16 к.) сите родови се староседелски кои живееле во месноста Селиште, а во минатото сите родови имале многу поголем број на куќи од сегашниот, но се смалиле поради иселување. Во родот Белевци( старо име Трпчевци) ја знаат следната генеологија Никола (жив на 50 год. во 1980) Мицко-Ристо-Србин-Стрезо основачот на родот, кој преминал од месноста Селиште во денешното село.[5]


Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Брежани се:

Староседелци: Сукловци (29 к.) се делат на Соколевци и Станковци; Белевци (18 к.) се делат на Трпчевци и Поповци; Терзијовци (11 к.); Угриновци (1 к.) еден дел од родот се вика Бошковци, кој е изумрен по машка линија, се имаат селено во Житоше, прилепско и вратено назад; Струмовци (13 к.); Крстевци (25 к.); Лаловци (8 к.) и Дамјановци (5 к.).

Доселенички родови: Десановци (12 к.) и Цветковци (18 к.) доселени се од раселеното село Јаорец.[14]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Цркви
  • Црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа на северниот дел од селото. Таа е еднокорабна градба. Градена е од кршен камен, венец од бигор, со полукружна апсида. Црквата потекнува од 19 век. Во поново време е преправана, само апсидалниот дел е остаток од постарата градба. Треба да се нагласи дека и постарата градба е обновена врз постар објект. За тоа зборуваат постарите средновековни гробни конструкции што се наоѓаат во дворот, посебно кон исток. Однадвор црквата е малтерисана, а внатрешноста е со полуоблест свод. Постариот живопис не е сочуван. Апсидалниот дел е единствен што е зачуван оригинален дел од постарата црква. Влезот е од јужната страна, како и ѕвоното. Во внатрешноста постои иконостас со постари пресликани икони.

По кажување на Стојан Спироски, жител на ова село, црквата била изградена по сон на неговата сопруга Љуба, а со градба се започнало во 1991 година, а била живописана во 1998 година. Иконостасот бил направен од страна на Цветко Маркоски, а иконите се дело на Ристе Никески. Денес оваа црква претставува вистински манастир со придружни објекти и трпезарија.

  • На 4 - 5 километри северно од Брежани во месноста Јаорец се наоѓаат остатоци од стара црква со димензии 6 х 3,5 м. и разурнат иконостас со икона на која е претставена Св. Богородица со Христос. Црквата е запуштена во непознато време, а денес овој локалитет, како и видливите стари средновековни гробишта, е обраснат со трева. Овој локалитет е познат како Црквиште.
Други религиозни објекти
  • Јужно од црквата Свети Петар и Павел, на околу 20 м. се наоѓаат две мали капели, едната посветена на Св. Петка, а другата на Св. Петар и Павел. Според кажувањето на постарите жители на ова село, на ова место од памтивек луѓето палеле свеќи, а некогаш на ова место имало Лекојта вода.
  • Исто така јужно од овие капели, на околу триесетина метри, се наоѓа култно место на кое што жителите од селото палат свеќи, а местото се вика Свети Спас.
  • Во средишниот дел на с. Брежани се наоѓа локалитетот Св. Никола. На ова место е изградена правоаголна градба, без апсида, без живопис и иконопис.
  • Локалитетот Манастириште. Северозападно, на 5 км. од селото Брежани, десно од меѓуселскиот пат Брежани – Велмеј кај Јаоречка река, едно стотина метри над месноста Николичина Ливада се наоѓа локалитетот Манастириште. Тој зафаќа 1 ха. во неговата средина се забележува основа на зграда ориентирана исток – запад, т.е. црква, а на северниот и јужниот крај од нивата се забележуваат урнатини од повеќе згради. Во Брежани и во Велмеј е проширено преданието дека во оваа манастирска црква бил погребан царот Самоил, па во 1935 – 1939 година овој простор го преорале диви копачи, барајќи злато. Тоа барање не било без основа зашто во Јаорец еден брежанец нашол златна змија, но не знаејќи што е, некои му ја украле.
  • Локалитет Писан Камен. Овој локалитет се наоѓа во Горни Јаорец. На една карпа има неколку знаци со црвена боја, а на висина од 2 м. од земјата на неа е испишана буквата П и под неа има крст. Преданието на ова место е сврзано со златото на Цар Самоил.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[15]
  • Брежанско Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Во селото, населба од неолитското време.

Во Брежани од 1986 постои фудбалскиот клуб Мазатар кој и ден денес работи.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во поодамнешно време во ниското полско село Горно Средоречие се иселиле родовите Марковци, Миленковци и Божиноски. По Втората светска војна започнал масовен бран на иселувања при што околу 50 куќи се иселиле во Охрид, околу 40 куќи во селото Трновци во околината на Битола, 6 куќи во демирхисарското село Суво Дол и Битола[16].

Брежанци во Австралија во чест на празникот Св. Атанасиј Велики

Во Голден стар Ресепшион селското друштво "Брежани - охридско" секоја година го прославува големиот православен празник Свети Атанасиј Велики. На игранката присуствуваат голем број иселеници од Брежани и многу други гости од охридскиот крај.


Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948:

  • од Сукловци има иселеници во Суводол (една фамилија, од 1928 година)
  • од Струмовци иселеници има во Суводол (три фамилии, од 1938 година)
  • од Крстевци иселеници има во Суводол (три фамилии, од 1934 година)
  • од Цветковци иселеници има во Америка (една фамилија, од 1903 година) и во Суводол (една фамилија, од 1938 година, а од таму се иселиле во Црновец.)

Родот Ламбовци (4 к.) се иселил во селото Железнец, Железник во 1791 година. Родовите Налевци (4 к.), Јаневци (2 к.) и Таневци (1 к.) се иселиле во селото Суводол, Железник, првите два рода во 1821 година, а третиот во 1925 година.

Според податоците од 1988 година иселеници од Брежани има во: Охрид (164 семејства), Трновци (36 семејства), Австралија (20 семејства), Суводол (10 семејства), Битола (9 семејства), Скопје (7 семејства), Сопотница (5 семејства), Белград, Подмоље, Свето Тодори и во Прилеп (по 3 семејства), Велмеј и Ботун (по 2 семејства), а во Куприја (Србија), Шабац, Кавадарци, Дебар, Велгошти, Струмица, Сараево, Нови Сад, Црна Гора и во Бугарија (по 1 семејство).[8]

Песна за Брежани[уреди | уреди извор]

Под Илинска планина и Мазатар во Дебрца славна е Брежани колку се песни испеани а малку се зборови кажани Реф: Горе на брегот високо манастир внебо се издигнал Петар и Павел пресветли народот денес се насобрал Петровден да ни поможи Со молитва благослов побарав За здравје со среќа и берикет Во храмот свеќа запалив Петровден да ни поможит Брежанци да дојдат од печалба Со песни и ора сплотени Да славиме цел ден и векови Јаорец стада заблеале Водите бистри надошле Брежани мое најубаво Птиците вгора запеале.

Личности[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.38
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.38
  3. 3,0 3,1 Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.272
  4. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.272
  5. 5,0 5,1 Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.273
  6. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.272
  7. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.272
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Степаноски, Наум (1988). Брежани. Охрид. 
  9. 9,0 9,1 Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  10. 10,0 10,1 Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
  11. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.38
  12. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  13. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  14. . Архив МАНУ Фонд „ Бранислав Русиќ “ АЕ 89/1. „ Дебарца “ Брежани. 
  15. Археолошка карта на Република Македонија, Том 2, 1996, издание наМАНУ, Скопје, Македонија.
  16. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.273
  17. 17,0 17,1 17,2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. 
  18. 18,0 18,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. 
  19. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. 
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 20,5 20,6 20,7 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]