Оздолени

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Оздолени
Викиекспедиција Дебарца 199.jpg

Поглед на селото Оздолени

Оздолени is located in Македонија
Оздолени
Местоположба на Оздолени во Македонија
Координати 41°19′54″N 20°51′1″E / 41.33167° N; 20.85028° E / 41.33167; 20.85028Координати: 41°19′54″N 20°51′1″E / 41.33167° N; 20.85028° E / 41.33167; 20.85028
Регион Logo of Southwestern Region, North Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Debarca Municipality.svg Дебрца
Област Дебрца
Население 47[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6344
Повик. бр. 046
Шифра на КО 19032
Надм. вис. 1.055 м
Слава Ѓурѓовден
Оздолени на општинската карта
Оздолени во Општина Дебарца.svg

Атарот на Оздолени во рамките на општината
Commons-logo.svg Оздолени на Ризницата


Оздолени — село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Според искажувањата на постарите луѓе, селото Оздолени, името го добило според тоа што жителите на ова село се дојдени одоздола, односно од старата локација која се наоѓала на Брест.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Оздолени се наоѓа во Средна Дебрца, на 33 километри северно од градот Охрид, на 4 километри источно од магистралниот пат Охрид-Кичево-Скопје. Селото е сместено на 1.055 метри надморска височина, на западното подножје на Илинска Планина.

Од северната, источната и јужната страна е заградено со ридовите Бошков Рид (1.020 м.), Грагорец (1.111 м.), Љутики (1.150 м.) и Манчев Рид (910 м.), а од западната страна се простира Оздоленското Поле. Околни села се Слатино и Слатински Чифлик на север и североисток, Издеглавје на запад, Сошани на југоисток, Белчишта на југозапад, и Прострање на исток.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Кај постарите луѓе од селото Оздолени постои предание, кое се пренесувало од колено на колено дека селото порано се наоѓало на Брест. Се мисли дури и дека селото Издеглавје се наоѓало на таа локација, но по некое време се оделило и се преместило на Селиште, што се наоѓа северно од селото Издеглавје. Кога се случило тоа не се знае. Во пописниот дефтер од 1582 година се спомнува под името Издолени со 27 христијански семејства. На денешната локација селото го основале родовите Богдановци, Смилевци, Шишковци и Трпчевци кои дошле од Брест, тие некогаш чинеле еден род, но со тек на време се одродиле. За време на Илинденското востание селото дало многу борци, а како последица на аферата во Арбиново, за Дијарбекир биле заточени повеќе селани.

Селото дало активен придонес и во текот на Втората светска војна, па така постоела група од селани кои го организирале народот тоа биле: Љубе Смилески, Илија Гиноски, Темелко Стојаноски, Трајче Николески, Саве Николески, Најденко Богданоски, Тодор Тодороски, Ристо Смилески и Петре Петрески- Рапо од Слатински Чифлик.[2] Од ова село во НОБ загинале: Ристо Шулески, Ванко Шулески и Јонче Стојаноски (во борбите со балистите кај Кленоец); Ристо Донески (загина во борбите со балистите кај Зајас) и Ѓоргија Тодороски (се разболе на Сремски Фронт и умре во Нови Сад).

Во XIX век, Оздолени се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Оздолени имало 200 жители, сите Македонци христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Оздолени имало 216 жители.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото Оздолени живееле 47 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 200 216 417 462 409 325 187 95 79 47
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1978 година, родови во селото се:[9]

Родови во селото Оздолени се следните: Шишковци (6 к.) и Богдановци (4 к.), потекнуваат од ист предок, Трпчевци (11 к.) и Смилевци (3 к.), наведените 4 рода се староседелски кои живееле во раселеното село Брест; Гавриловци (5 к.), Марковци (2 к.) , потекнуваат од заеднички предок, кој дошол од некое село во околината на Пешкопеја, порано се викале Зенговци, го знаат следното родословие:, Јордан (жив на 56 г. во 1980 година) Ѓорѓија-Стеван-Гаврил-Сиљан-Зенго, кој се доселил околу 1800 година; Гроздановци (1 к.), доселени се однекаде.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Оздолени се:

  • Староседелци: Ѓорговци или Зенговци (19 к.), се делат на Гавриловци и Струмовци; Богдановци (12 к.), се делат на Смилевци, Шишковци и Танасковци; Јолевци (3 к.); Шулевци (9 к.); Неловци (1 к.) познати се како и Гроздановци и Трпчевци (6 к.).
  • Доселеници: Мијовци (8 к.), доселени се од некое село во мијачкиот крај, куќа купиле од Танасковци и се населиле.
  • Роми: Демировци (1 к.), доселени се во 1941 година од селото Белчишта.[3]

Според поновите истражувања правени од Димитар Смилески, како родови од селото Оздолени се забележуваат:

  • Богдановци, Смилевци, Шишковци и Трпчевци, кои се сметаат за староседелци, и основачи на селото Оздолени;
  • Богоевци и Гиновци. тие се одвоиле од својот матичен род во селото Мешеишта, Шајновци. Нивно постаро потекло било од селото Големо Илино во демирхисарско. Они се сметаат во најстарите доселеници во селото. Бранислав Русиќ пограшно ги сметал како деленици од староседелските родови;
  • Гавриловци, Ѓорговци и Марковци. Наведените родови во селото се доселиле некаде кон средината на XVIII век од денес раселениот град Закамен во струшка Малесија.
  • Мијовци (Глигуровци, Тодоровци и Доневци). тие во селото Оздолени се доселени од некое село во мијачкиот крај. Точното место каде живееле е непознато.
  • Шулевци (Настовци, Стојановци, Герасимовци, Мојсовци и Пројковци) доселени се многу одамна. Како место од каде се доселиле се знае некогашното село Катуница, кое постоело помеѓу Белчишта и Оздолени. Одредени членови на родот наведуваат дека уште постаро место на потекло е селото Пустец во Мала Преспа (денес во Албанија).
  • Гроздановци (Неделковци или Неловци) за нив се знае дека се доселени од мијачкиот крај. Поточно од некое место на планината Јама. На таа планина постоеле селата Лопушник и Лутово.[2]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Оздолени, се наоѓале и селата Издеглавје, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото Оздолени се наоѓало во некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборното место бр. 1326 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на задружен дом. Во ова изборно место е опфатено и селото Слатински Чифлик.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 30 гласачи.[11]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на црквата „Св. Ѓорѓи“ заедно со селските гробишта на влезот во селото Оздолени
Цркви[12]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Оздолени[уреди | уреди извор]

Починати во Оздолени

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Култура[уреди | уреди извор]

Во ова село се снимаше телевизиската серија „Итар Пејо“.

Спорт[уреди | уреди извор]

Кога се зборува за спорт во Оздолени пред сѐ се мисли на фудбалот како најпопуларен спорт. Фудбалот започнал да се игра помеѓу двете светски војни. Секаде каде што настапувал тимот на Оздолени, имал играчи од селото Оздолени, како и нешто од соседните помали села Сошани и Слатински Чифлик. Во првата генерација фудбалери кои играле за Оздолени може да се вбројат: Ристо Пројкоски, Војне Струмоски, Благоја Тодороски, Аргил Спироски, Анѓеле Маркоски, Наум Маркоски, Јордан Стојаноски, Саве Николески, Ѓорче Ристески, Ѓоре Ристески, Љубе Ристески, Бошко Богоески, Славе Богданоски и Димо Шишкоски. Втората генерација фудбалери во Оздолени ја сочинуваа воглавно следните младинци: Тефко Грозданоски, Насте Стојаноски, Милан Ѓоргоски, Петре Шишкоски, Зарко Струмоски, Љубе Симјаноски, Миле Тодороски, Никола Китески, Круме Китески, Душан Иљоски и Иван Иљоски.[2]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во поодамнешно време во селото Осој отишол родот Ширговци, постари иселеници од Оздолени има и во селото Лактиње, таму е родот Балазовци; Лулевци се иселиле во Издеглавје; Ратајковци од Оздолени се иселиле во Слатински Чифлик, па од таму во Слатино; Неделковци се иселиле во Железнец, Железник, во Оздолени припаѓале на родот Гроздановци; Ориѓани се иселиле во Сопотница, Железник околу 1870 година, во Оздолени припаѓале на родот Вељановци (Пупановци); Сиљановци се иселиле во Манастирско Доленци, кичевско; Ѓорговци се иселиле во Кадино Село, прилепско околу 1878 година кога се одвоиле од матичниот род Ѓорговци во Оздолени; Оздоленовци во постаро време се иселиле во Охрид.[2]

Од 1950-тите години оздоленци се отидени по градовите. Иселеници има во Охрид, Скопје, Кичево, Струга, Гевгелија, Ресен, Тетово, Битола, Струмица, и др.[2]

Надвор од Македонија највеќе се иселени во Австралија, а други се иселени во Белград, Бугарија, Франција, Германија, Холандија, САД, Швајцарија, Аргентина, Канада.

Од 1961 до 1991 година од селото се отселени преку 300 луѓе.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948:

  • од Ѓорговци иселеници има во: Кадино Село, прилепско (една фамилија, од 1878 година) и во Сопотско, Преспа (една фамилија, од 1903 година)
  • од Богдановци иселеници има во: САД (една фамилија, од 1908 година), Бугарија (една фамилија, од 1918 година) и во Белчишта (од 1925 година, како домазет)
  • од Јолевци иселеници има во: Врбјани (од 1919 година, се иселил Вељан Јолески како домазет кај Ќемаловци)
  • од Шулевци иселеници има во: Охрид (една фамилија, од 1925 година)
  • од Трпчевци иселеници има во: Бугарија (пет фамилии, од 1903 година)
  • од Мијовци иселеници има во: Аргентина (една фамилија, од 1908 година).[3]

Неделковци (4 к.) се иселени во селото Железнец, Железник во 1741 година, Ориѓани (6 к.) се иселени во селото Сопотница, Железник во 1870 година.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 октомври 2016.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Смилески, Димитар (2008). Оздолени, Слатински Чифлик и Сошани. Охрид.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Русиќ, Бранислав. Дебрца-Оздолени. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  9. Ф., Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.
  10. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  13. 13,0 13,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  14. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македониј.
  15. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  16. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  17. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]