Теодосиј Синаитски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теодосиј Синаитски
Роден околу 1780
Дојран, Османлиска империја
Починал околу 1843
Дојран, Османлиска империја

Теодосиј Синаитски (1780 - 1843) — македонски преродбеник.[1][2].

Животопис[уреди | уреди извор]

Тој е роден во Дојран во втората половина на XVIII век. Учел во грчки училишта во Цариград. Родното име му било Теохар Гогов. По враќањето во Дојран се оженил и бил ракоположен за свештеник. Попадијата рано му починала и тогаш почнал да ги посетува македонските манастири, а во 1828 година се нашол во Синај - во манастирот „Света Катерина“ каде се замонашил под името Теодосиј, а по манастирот бил наречен Синаитски. Синаитскиот манастир со векови ги привлекувал Македонците што копнееле за духовни христијански подвизи и за аскетска просвета. Уште во XI век таму престојувала цела македонска колонија, која ја развила старата македонска книжевност. Таму се најдени македонски глаголски споменици - Синајскиот псалтир и Синајскиот требник. Во таа средина Теодосиј станал дури и архимандрит на тој манастир. Таму почнал да ја учи словенската писменост и да преведува молитви од грчки на македонски, испраќајќи им ги овие преводи на своите синови во Дојран.

Во 1831 година тој престојувал во Солун, каде служел во црквата „Свети Мина“ на македонски јазик. Истовремено ја извршувал и службата и собирал милостиња за својот манастир низ Македонија. Тогаш се запознал со Кирил Пејчиновиќ, со Јордан Хаџи-Константинов - Џинот и со други преродбеници. Силно сознава дека на неговиот македонски народ му е потребна македонска, а не неразбирлива грчка книга, па одлучил да отвори македонска печатница во Солун 1838 година. Во првите три години во неговата печатница биле отпечатени три книги. Неговата печатница изгорела во голем пожар, кој бил подметнат, и бил уништен голем дел од солунската чаршија. Набргу по несреќата, со матрејална помош од Кирил Пејчиновиќ, печатницата била обновена и продолжила да печати нови книги, но потоа уште еднаш била изгорена. По вториот пожар Теодосиј во своето родно место Дојран станал воденичар. Таму го дочекал и крајот на својот живот некаде во почетокот на педесеттите години од XIX век.

Печатницата на Теодосиј[уреди | уреди извор]

Во печатницата на Теодосиј се печатени книгите: „Началное учение со молитви утренија“ ова е еден вид буквар напишан од Анатолиј Зографски, кој е роден од Лазарополе. „Крако е описание на дванаесет атонски манастири во Света Гора“ претставува водич по Атон и дава опис на манастирите. Автор на втората книга е Даскал Камче од село Ваташа, Кавадаречко. Четврта книга е „Утешение грешним“ од Кирил Пејчиновиќ. Петта е „Книга за научение трих јазиков славјаноболгарскиј и греческија и карамалицкој“. Во таа книга се дадени зборови и реченици во три колони на македонски, грчки и турски. Научните истражувања утврдиле, дека македонскиот и грчкиот текст се препечатени од познатиот Четиријазичник на молско-полскиот даскал Данаил, а турскиот го дал приредувачот на книгата. Книгите печатени во печатницата на Теодосиј Синаитски значеле голем придонес за ширењето на сознанието за потребата на говорниот македонски јазик, значеле победа на нашиот народен јазик над мртвиот старомакедонски и над туѓиот грчки јазик.

Предисловие (кон „Утешение грешним“)[уреди | уреди извор]

„Мнозина на старо време сакаха да остават некое вечно по своја смерт, ради да се спомни нихно име вечно, по свој народ: едни царови, други благородни мужи но не сподобиха се. Оти: все что сотрориха, или направиха, сето тлено е суетно на кое што беше радение нихно, да создадат некој град многонародни, или некој образ идолски, или некој столб велики, или некоја мудрост мирскаја и ради сије не сподбиха се да се спомни нихно име вечно; всето изгуби се и името нихно со мудроста нихна, оти беше раденето нихно все на мирољубие и не имаха смисла нихна ради душевное спасение, како да спасат некој человек от расторен ум сиреч: от гордост да го приведат на смирение, од среброљубие на милостиња, от завист на љубов.

И заради това остана радението нихно погубено и во всуета.

Глагољу и ради человеци богу избрани и православнија вери љубители: како непрестајно ревност имајат да помогнат на православните христијани, едни учители со поучение, друзи милостивии со помошт, таквија человеци истина велим: оти сегде сут у спомен и у похваление и у всегдашно ублажение. И како тука на овој век споменот им ест вечер, тако и Господ наредуе им венци нотсипаниј, и сут наследници во царство небесное. Блажен ест от љубочитатели христијани и твој человек преподобниј јеромонах Кирил что обретаетсја во монастир светаго Анастасија, ктитор бист кнез Лазар серпскиј, за овој отец глагољу, аште не бил он помогнал, не би била потправена и типографија наша, оти беше изгорела, и сега надееме на бога оти нели толко ја оправихме, има бог и за повише. Но овој блажениј человек со толку труд и со божественаја ревност за христински љубов зеде и приведе оваја книжица, глаголемаја: Утешение грешним; како седе и собра слово от божественое писание, от евангелие, от ветхаја завет от псалтир, и от книги глаголемија Илија Минијат, и от други примернини историјами да приведе ги со толкование на прости јазик болгарскиј Долнија Мисии скопскиј и тетовскиј.

Да ја читат и простио народ да ублажеат на таков православниј учител, оти можат да познајат от сие учение и не можат да речат, пошто не можеме да познаеме оти ест по славјански или по росискии јазик, еве кључ что отворует сердцето ваше; не кључ от злато или от сребро, но, кључ од железо и чилик, что да не се вии, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро, но железото со чилик не се вие, кога да ест отворот сиреч откључот од злато, или од сребро, та да не може ковчегот сиреч сердцето мое да отвори что ми ест таков отвор (кључ), нека ест од чилик и железо та да отвори ковчегот та да не ест от сребро и злато и да не може да отвори седцето на простиот человек, еве љубезнии и православнии христијани со оваа книжница что поучаво преподобнии отец Кирил не можете да речете оти не можеме да познаеме еве все се познават од начало до конец.

И кога ќе чатите во таа книжница, да хвалите и да благодарите бога оти е дал таков учител во време наше и да молите па на бога и господа нашего Исуса Христа и на Пречистија матер јего да будеме вси православни наследници со всеми благоугодившиму богу и да славиме име всветое его оца и сина и светаго духа амин.„[3]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. ДАРМ, Бугарски генерален конзулат (БГК) - Солун 1896-1915, мф. Бр. 4278, Но. 181, 20 февруари 1904.
  2. Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов и солунскиот валија Хасан Фехми паша во почетокот на 1904 година имале разговор, при што валијата постојано се оплакувал од Македонците и го прашал Шопов: „Дали Македонците уште бујствуваат во Бугарија?“ На тоа Шопов одговорил: „Како да не бујствуваат паша ефенди, кога денес поголем дел од македонското население е во Бугарија, поголемиот дел од жителите на Софија се Македонци; голем дел од офицерите во армијата се Македонци; голем дел од видните чиновници се Македонци; целата македонска интелигенција од Македонија е во Бугарија. Македонска е и толпата по улиците“. По оваа валијата констатирал дека Македонците играат важна улога во Бугарија. На што Шопов додал „многу важна паша ефенди, поважна отсекогаш. Улогата на Македонците во судбината и животот на Бугарите во општо секогаш била важна“. За поткрепување на изнесеното, Шопов го потенцирал придонесот што го дале Македонците на културен план за Бугарите. Во тој контекст ги наведува: отец Паисиј како автор на првата бугарска историја; Кирил Пејчиновиќ и неговото дело кое наводно е на бугарски јазик; Теодосиј Синаитски кој ја отворил првата бугарска печатница во Солун и го испечатил првиот бугарски буквар; потоа Неофит кој го отворил првото бугарско училиште во Габрово поради што се сметал за патријарх на бугарското училиште. Посебен впечаток остава фактот дека за ниту еден од нив не се вели дека е Бугарин, туку се потенцира дека тие се Македонци по род. Истовремено А. Шопов, потенцирал дека Македонците дале значаен придонес и за бугарското црковно прашање. На повторната констатација од страна на валијата дека Македонците принеле значајни заслуги за бугарскиот народ, следи образложение: „не само за бугарскиот, туку и за грчкиот... во време на грчкото востание...“ На крај од разговорот Шопов истакнал: Така што гледате паша ефенди какава улога играле секогаш Македонците во животот на бугарскиот народ. Уште поважна играат сега. Ако работата е за оплакување, ние од Бугарија имаме повеќе право од Вас (Турците б.н) да се оплакуваме од Македонците, зошто тие ни ја презедоа нашата сила, тие ни ги зедоа најдобрите места и служби, тие ни ги презедоа финансиите и градовите, тие ни ја презедоа војската и нашите министерства, тие ни ја презедоа трговијата, тие презедоа речиси сè во Бугарија... Избавете не од нив заради Бога.
  3. Преглед на македонската книжевност од XIX век, Георги Старделов, Култура, Скопје,1963, стр.23-25