Васил Иљоски
Васил Иљоски | |
---|---|
портрет на Васил Иљоски. | |
Роден/а | Васил Иљоски 20 декември 1902 Крушево, Македонија |
Починат/а | 1 ноември 1995 Скопје, Македонија | (возр. 92)
Занимање | писател, професор, есеист. |
Народност | Македонец |
Апсолвент на | Филозофски факултет во Скопје |
Жанр | драма |
Значајни награди | Авној, 11 Октомври |
Деца | Мирослав Иљоски |
Васил Иљоски (Крушево, 20 декември 1902 - Скопје, 1 ноември 1995) — македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и истакнат педагошки работник.[1] Иљоски бил член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија.[2]
Животопис
[уреди | уреди извор]Васил Иљоски е роден во Крушево, во 1902 година. Основното образование го завршил во градот Куманово. За тоа време тој му помагал на својот татко во нивната семејна столарска работилница. И покрај тоа што тој работел како занаетчија во раните години од животот, Васил не станал занаетчија. Тој продолжил со своето образование и се запишал во кумановската гимназија, а потоа се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето, Иљоски работел како суплент во кумановската гимназија, но набрзо бил преместен - повеќе од казна - поради извесни обиди низ книжевните текстови да проговори на македонски јазик.
По ослободувањето, Васил Иљоски извршувал неколку раководни функции во просветата: бил директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа работел и се пензионирал како професор во Вишата педагошка академија во Скопје.[1][3]
Васил Иљоски уште како ученик пројавувал интересирање за книжевноста. Од тоа време датираат неговите први обиди и самиот да пишува, како член на литературната дружина во гимназијата. Особено силен впечаток му оставил сценскиот збор, па така и првиот јавен настап на Васил Иљоски во книжевноста бил направен со еден драмски текст по име „По матурата“. Тоа била едночинка, во која на одредени места прозвучил македонскиот јазик. Самиот автор учествувал како глумец при поставувањето на овој текст на сцената, подготвен од школската аматерска дружина. Со оваа претстава, користејќи една екскурзија, членовите на дружината гостувале и во неколку други места.[1]
Охрабрен од првиот успех, Иљоски уште поактивно започнал да твори. Со хумористичниот драмски текст „Бура поради електриката“, кој бил изведен на сцена со глумечко учество на авторот, ги измамил и првите печатени пофалби во локалната периодика. Тие биле скромни, но и достатен поттик за нови творечки усилби.[1]
Некаде во 1926 година, Иљоски ја започнал работата над своето прво посериозно драмско дело со првично име „Бежанка“. По две години, текстот веќе бил подготвен за изведба на сцената на "Скопскиот народен театар", но овој пат со ново име - „Ленче Кумановче“. Драмата била напишана и изведена на кумановски дијалект, а нејзината премиера се одржала на 16 јуни 1928 година. Таа побудила голем интерес кај публиката, но набрзо била симната од репертоарот поради интервенцијата на властите, кои не можеле да дозволат од сцената на народниот театар да прозвучи македонски збор. Токму поради тоа, младиот професор по книжевност ја загубил и својата служба во Куманово.[1] Драмата „Ленче Кумановче“ била повторно поставена на сцената на Српскиот кралски театар во Скопје дури во сезоната 1936/1937 година.[4]
Тоа е, всушност, истата драма која денес се нарекува "Бегалка", според првичниот наслов. Во јазична смисла, денес е популарна сосема новата варијанта, односно денешниот популарен текст е изведуван на литературен македонски јазик, со извесни дијалектизми, што на текстот му даваат специфичен колорит.[1]
По преживеаните перипетии со оваа драма, Васил Иљоски во периодот пред избувнувањето на Втората светска војна, напишал уште неколку драмски текстови, како: „Нагазил човекот“ („Нагазио човек“), „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“. Овие три текстови била напишани на српски јазик со намера да ги избегне проблемите со власта. Комедијата во 3 чина „Нагазил човекот“, уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. Драмата „Биро за безработни“, сепак, не била изведена на сцена, иако се наоѓала на репертоарот на театарот во Скопје за сезоната 1939-1940 година. Причината за нејзиното неизведување се криела во „нескриените политички алузии“, во нејзината социјална тема, која би исфрлила на површина извесни, за властите многу непријатни, вистини и проблеми.[1][4]
По Втората светска војна, Иљоски бил еден од членовите на комисијата формирана при Министерството за народна просвета со цел да ги подготват македонската азбука и правопис. Исто така, тој биле еден од основачите и првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 година) и на МАНУ.[4][5]
Бил член на редакцијата на списанието за литература, култура и уметност „Современост“.
Творештво
[уреди | уреди извор]- „Ленче Кумановче“ односно „Бегалка“ (пиеса, 1926) [6]
- „Чорбаџи Теодос“ (комедија, 1937) [7]
- „Ученичка авантура“ (1939)
- „Биро за безработни“
- „Пиши, Панче“ (пиеска, 1947)
- „Два спрема еден“ (1952)
- „Чест“ (драма, 1953) [8]
- „Кузман Капидан“ (1954)
- „Син и татко“ (1955)
- „Допирни точки“ (1959)
- „Окрвавен камен“ (1968)
- „Свадба“ (комедија, 1976)
- „Смрт за живот“ (1988)
Исто така, Иљоски е автор и на повеќе литературно-историски текстови за Кирил и Методиј, Григор Прличев, Крсте Петков Мисирков, Коста Рацин, како и на есеи за театарот.[9][10]
Интегрално неговото творештво било објавено во тритомниот Избор (1978) во кој се објавени: "Бегалка", "Чорбаџи Теодос", "Чест", "Кузман Капидан" (прв том); "Млади синови", "Окрвавен камен", "Два спрема еден", "Допирни точки", "Свадба" (втор том); научни и есеистички трудови (трет том). По повод стогодишнината од неговото раѓање, на 24 декември 2002 година, во МАНУ бил одржан свечен собир, од кој подоцна била издадена публикација,[11] а за неговото творештво е анализирано и во бројни други трудови и книги.[12]
Сепак, наспроти значењето на Иљоски за македонската книжевност, од непознати причини, ниту едно негово дело не било вклучено во книгите објавени во рамките на проектот на владата на Македонија под наслов: "130 тома македонска книжевност", за што протестирале синот на Иљоски, писателот Димитар Башевски и други интелектуалци, а МАНУ испратила писмо до министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.[13]
Награди и признанија
[уреди | уреди извор]Васил Иљоски бил добитник набројни книжевни и државни награди, како што се:
- АВНОЈ
- „11 Октомври“
- „Кочо Рацин“, за книжевен опус на ИО „Мисла“.
Во чест на неговите заслуги за развојот на македонскиот литературен јазик, македонската книжевност и македонската култура, воопшто, на 5 декември 2013 година, во Скопје била поставена спомен-плоча на куќата во која живеел и творел Иљоски, која се наоѓа во центарот на Скопје, на улицата „Владимир Полежиновски“ бр. 12. Идеен творец на плочата бил неговиот син Мирослав Иљоски, а неа ја изработил вајарот Дарко Дуковски.[5] Исто така, една улица во населбата Речани во Велес го носи името "Васил Иљоски". Улицата која води кон плоштадот во главниот град Скопје е преименувана во Васил Иљоски во текот на 2022 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Сталев, Георги (1995). Нада Манојловиќ (уред.). Литература. Скопје: Просветни дело. стр. 118–124.
- ↑ Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 101 - 102.
- ↑ "Васил Иљоски", Македонска нација, 16 ноември 2011.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 "Васил Иљоски", Македонска нација, среда, 16 ноември 2011.
- ↑ 5,0 5,1 "Откриена спомен-плоча за Васил Иљоски", Дневник, година XVII, број 5334, петок, 6 декември 2013, стр. 21.
- ↑ „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-02-15. Посетено на 2010-02-26.
- ↑ „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-05-21. Посетено на 2010-02-26.
- ↑ „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-07-22. Посетено на 2010-02-26.
- ↑ „Васил Иљоски“, Македонска нација, среда, 16 ноември 2011.
- ↑ Васил Тоциновски, „"Книжевно-историски текстови за македонската книжевност на Васил Иљоски“
- ↑ Матеја Матевски, "Васил Иљоски: свечен собир по повод стогодишнината од раѓањето на Васил Иљоски", Скопје, 24. XII 2002, МАНУ, Скопје, 2003.
- ↑ Нада Момироска, Васил Иљоски: творечка особеност и литературно-драматуршка еволуција, Наша книга, Скопје, 1977.
- ↑ „"Ивица Боцевски литературен џелат?!", МАКТЕЛ, недела, 4 август 2013“. Архивирано од изворникот на 2013-08-07. Посетено на 2013-12-08.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Васил Иљоски“ на Ризницата ? |
- Драмата „Чест“ Архивирано на 16 февруари 2012 г.
- Пиесата „Бегалка“ Архивирано на 30 октомври 2012 г.
- Драмата „Чорбаџи Теодос“ Архивирано на 3 септември 2013 г.
- „'Ленче Кумановче': Пиеса за широките народни маси“ Архивирано на 1 декември 2007 г., Утрински весник, 16.10.2005.
|