Дијалекти на македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Macedonian language in old cyrillic .svg
„Слогница речовска“

Македонистика
Знаковен јазик
Историја
Книжевност
Регулаторно тело
Дијалекти
Граматика:

Правопис и правоговор:

Дијалектите на македонскиот јазик се вариации на стандардниот литературен јазик. Македонскиот јазик брои околу 27 дијалекти поделени во три главни групи. Главната граница помеѓу двата блокови источните и западните дијалекти е планината Скопска Црна Гора, продолжува со реката Вардар па сѐ до Егејското Море (или Бело Море). Главна особина за западните дијалекти е побавниот тоналитет на дијалектите, употребата на тројниот член и акцентот паѓа на третиот слог од крајот на зборот. Заедничка особина за источните дијалекти е побрзиот тоналитет на зборување, кратење на зборовите и променлива позиција на акцентот. Дијалектите се зборуваат на сета територија на Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија (Беломорска Македонија), Мала Преспа и Голо Брдо и Јужна Србија. Македонскиот јазик, со сите негови дијалекти има над 3 милиони зборувачи.

Дијалекти[уреди]

Makedonski dijalekti-prilagodeno.png
Дијалектичка поделба на македонскиот јазик[1]
Северно наречје
  Долнополошки и горански
  Скопскоцрногорски
  Кумановско-кратовски
Западно/Северозападно наречје
  Централни
  Горнополошки
  Рекански
  Малорекански (Галички)
  Дебарски
  Дримколски / Голобрдски
  Вевчанско-радошки
  Горнопреспански / Охридски
  Долнопреспански
Источно наречје
  Тиквешки
  Штипско-Кочански
  Струмички
  Малешевско-пирински
Југоисточно наречје
  Корчански (Горички)
  Костурски
  Нестрамски
  Солунско-воденски
  Сер-Драма-Лагадин-Неврокопски

Северно наречје

  • Западна група:
  1. Долнополошки дијалект
  2. Скопскоцрногорски дијалект
  3. Горански дијалект
  • Источна група:
  1. Кумановски дијалект
  2. Кратовски дијалект
  3. Кривопаланечки дијалект
  4. Овчеполски дијалект

Западно наречје:

  • Централна група:
  1. Прилепско-битолски дијалект[2]
  2. Кичевско-поречки дијалект[3]
  3. Скопско-велешки дијалект
  • Западна и северозападна група:
  1. Горнополошки дијалект
  2. Рекански дијалект
  3. Галички дијалект[4]
  4. Дебарски дијалект
  5. Дримколско-голобрдски дијалект
  6. Вевчанско-радошки дијалект[5]
  7. Струшки дијалект
  8. Охридски дијалект
  9. Горнопреспански дијалект
  10. Долнопреспански дијалект

Источно и јужно наречје

  • Источна група:
  1. Тиквешко-мариовски дијалект
  2. Штипско-Кочански дијалект
  3. Струмички дијалект
  4. Малешевско-пирински дијалект [6]
  • Југозападна група[7]:
  1. Нестрамско-костенарски дијалект
  2. Корчански дијалект
  3. Костурски дијалект
  • Југоисточна група:
  1. Солунско-воденски дијалект [8]
  2. Сер-Драма-Лагадин-Неврокопски дијалект[9]

Географска распространетост[уреди]

Дијалектите на македонскиот јазик се карактеризираат по местоположбата на регионот во кој се зборуваат. Македонската јазична територија го опфаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа сливот на реките Вардар и Струма и долниот тек на реката Места.

Запад[уреди]

На запад, македонската јазична територија граничи со албанскиот јазик. Поголемиот дел од таа јазична граница се совпаѓа со државната граница меѓу Македонија и Албанија, а на географски план неа ја претставуваат планинскиот венец Кораб - Дешат - Јабланица, откаде се спушта на југозападниот дел на Охридското Езеро. По должината на оваа граница, на албанска страна остануваат триесетина населени места со македонско население, во долината на реката Дрим, западно од Дебар, и во областа позната како Голо Брдо и три села на брегот на Охридското Езеро околу градот Подградец. Од јужниот брег на езерото, јазичната граница завртува на југоисток и преку планината Галичица излегува на југозападниот брег на Преспанското Езеро, а оттаму продолжува на југ и преку планината Мокра Гора излегува на Грамос, југозападно од Костур. На овој дел од границата, на албанска страна, остануваат десетина села на западниот брег на Преспанското Езеро и три села источно од Корча, Република Албанија.

На македонско - албанското јазично пограничје, на потесен ареал живее мешано македонско и албанско население. Оваа област ја опфаќа територијата на правецот Скопје - Тетово - Гостивар - Дебар - Струга - Подградец - Корча. Во овој дел населението главно е двојазично.

Југ[уреди]

На југ, македонскиот јазик граничи со грчкиот јазик, на сиот простор од планината Грамос па сѐ до реката Места во Тракија. Според Божидар Видоески и повеќе други лингвисти, јазичната граница навлегува многу подлабоко на југ од денешната државна граница меѓу Македонија и Грција. Така, македонскиот јазик може да се слушне сѐ до линијата Грамос - Бер - Солун. Од Солун таа продолжува на исток и преку областа Богданско (каде се наоѓаат многу познатите, во дијалектологијата села Сухо и Висока) излегува на реката Места, малку посевероисточно од градот Драма.

Во ареалот на македонско - грчката јазична граница, на поширок простор во Егејска Македонија, живее мешано македонско и грчко население. Во северозападниот дел од денешна Грција, покрај македонско, живее и грчко, албанско и влашко население. Тука населението во голем процент е тријазично.

Исток[уреди]

На исток, македонскиот јазик граничи со бугарскиот јазик. Според македонските лингвисти, оваа граница ја претставува планинскиот венец Доспат - Рила. Од Рила границата свртува на северозапад, малку посеверно од Благоевград (Горна Џумаја) и излегува на државната граница меѓу Македонија и Бугарија. Официјалната позиција на Бугарија е дека во рамките на нејзината територија не се зборува македонски јазик, а на бугарските лингвисти дека во суштина, македонскиот е самиот по себе, дијалект на бугарскиот јазик. Според повеќе меѓународни извори, македонскиот јазик се зборува во Бугарија, но не се даваат конкретни податоци за бројот на зборувачите, ниту пак за нивната припадност кон определен дијалект на македонскиот јазик.

Македонското население во Пиринска Македонија, која е во составот на Бугарија, покрај службениот бугарски јазик го употребува и својот мајчин (роден) македонски дијалект. Во источните делови на Пиринска Македонија и во делови од Егејска Македонија до Солун јатовиот глас ѣ се изговара како во Источна Бугарија - дјадо (дядо), нјама (няма), млјако (мляко) наместо дедо, нема, млеко и т.н.

Север[уреди]

На север, македонската јазична граница се совпаѓа со државната граница меѓу Македонија и Србија.

Разлики во самогласките[уреди]

Централните западни дијалекти разликуваат пет самогласки, а, е, и, о, у (/i, ɛ, a, ɔ, u/). Речиси сите други дијалекти имаат темен вокал /ə/. Покрај ова, во разни дијалекти се јавува и фонемско /ɑ/, /æ/ и /y/ и вокално /l/ и /r/.

Највеќето дијалекти ја имаат самогласката /ɛ/ од првобитното ě (ѣ, јат), но во источните региони ě се развило во /a/ по /c/: источно цал, западно цел. Покрај ова, во најисточните делови на Егејска и Пиринска Македонија нагласеното е ě звучи како /a/ или /æ/. Кај егејските дијалекти пак, ова се јавува безусловно, додека пиринскиот неврокопски дијалект има /ja/ доколку во следниот слог има задна самогласка, и има /ɛ/ доколку има предна самогласка. На пример, зборовите „бела“ (ж) и „бел“ (м) во разните дијалекти се јавува на следниов начин: Сер-Драма: /bala/ - /bali/, Сухо и Висока: /bæla/ - /bæli/, Неврокоп[10]: /bjala/ - /bɛli/. Во Корча, акцентираното ě станува /iæ/.

Разлики во согласките[уреди]

Што се однесува до согласните карактеристики, западните дијалекти се разликуваат од источните по тоа што го губат гласот х (освен во Тетово, Гора и Корча) и гласот „в“ во меѓусамогласна позиција (освен во Мала Река и делови од Костур-Корча): „глава“ = гла, „глави“ = глај. Источните дијалекти го задржуваат гласот „х“ (освен Тиквешко-мариовскиот и кумановско-кривопаланечкиот) и меѓусогласното „в“. Источните дијалекти се карактеризираат и со епентетичко „в“ пред првичното „о“, каде западните дијалекти имаат епентетичко „ј“: источно „ваглен“, но западно „јаглен“. Двофонемските рефлекси се најкарактеристични за говорите во Егејска, Пиринска Македонија, Костур-Корча и Охрид-Преспа. Сер-Драма-Лагадин-Неврокопскиот дијалект се карактеризира со низа фонемско палатализирани согласки.

Разлики на акцентот и неговите ефекти врз самогласките[уреди]

Западните дијалекти имаат непроменлив акцент, третосложен во Република Македонија, и второсложен во Егејска Македонија и Албанија. Источните дијалекти пак, заедно со соседните бугарски дијалекти, имаат разни системи на променлив акцент. Во Долен Вардар и Сер-Неврокоп неакцентираните а, е, о (/a, ɛ, ɔ/) стануваат , и, у [ə, i, u].

Наводи[уреди]

  1. After Z. Topolińska and B. Vidoeski (1984), Polski-macedonski gramatyka konfrontatiwna, z.1, PAN.
  2. стр.68 Граматика на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, Култура- Скопје 1967
  3. Академик Божидар видоески, Кичевскиот говор. МЈ, 1957, VIII, 1, стр. 31-90.
  4. Belić 1935: A. Belić, Galički dijalekat, Srpski dija­lek­to­lo­ški zbor­nik, VII, Srpska kraljevska akademija, Beograd – Sr. Kar­lov­ci, 1-352+IV
  5. The Radožda-Vevčani Dialect of Macedonian: Structure, Texts, Lexicon by P. Hendriks. The Slavic and East European Journal, Vol. 22, No. 1 (Spring, 1978), pp. 111-112
  6. A comparative historical analysis of nominal accentuation in archaic (Maleševo) and transitional (Nivičino) Eastern Macedonian dialects," in Proceedings of the Third North American-Macedonian Conference on Macedonian Studies. Indiana Slavic Studies 10:135-151. 1999
  7. Македонските дијалекти во Егејска Македонија: (Обид за класификација). Македонските дијалекти во Егејска Македонија: научен собир, Скопје 23-24 декември 1991. Скопје: МАНУ, 1994, стр. 23-60.
  8. str. 249- 252 Makedonski jazik za srednoto obrazovanie- S.Bojkovska, D.Pandev, L.Minova-Ǵurkova, Ž.Cvetkovski- Prosvetno delo AD- Skopje 2001
  9. str. 249- 252 Makedonski jazik za srednoto obrazovanie- S.Bojkovska, D.Pandev, L.Minova-Ǵurkova, Ž.Cvetkovski- Prosvetno delo AD- Skopje 2001
  10. Стойков, Стойко. 2002 (1962) Българска диалектология. Стр. 143]

Извори[уреди]

Надворешни врски[уреди]