Гласовен систем на македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Гласовниот систем на македонскиот јазик, или фонетски систем на македонскиот јазик, е составен од сите гласови во стандардниот македонски јазик. Тој е предмет на проучување на фонетиката и фонологијата. Во македонскиот гласовен систем има 31 глас кои соодетствуваат на 31 буква од македонската азбука[1] и гласот што се слуша како затемнето а. Овој глас често се бележи со апостроф во некои сопствени именки (на пр. В’чков, К’чев, К’шање). Во стандардниот јазик тој глас се бележи со а, а во текстовите кои прикажуваат македонски дијалекти се појавува како знакот ă.[2]

Гласовите во македонскиот јазик се поделени на самогласки и согласки. Гласот означен со буквата р во одредени случаи претставува самогласка. Самогласките се делат на самогласки од преден (е, и) и заден ред (а, о, у) според придвижувањето на јазикот напред и назад; или на високи (и, у), средни (е, о) и ниски (а) самогласки според степенот на подигнување на јазикот. Согласките во македонскиот јазик се делат на звучни (б, д, г, ѕ, џ, ѓ, в, з, ж), безвучни (п, т, к, ц, ч, ќ, ф, с, ш, х) и сонатни (р, л, љ, м, н, њ, ј). Сонатните согласки, или уште познати како сонати, имаат поголема звучност од останатите согласки.[3]

Историски, македонскиот гласовен систем бил многу посложен од денешниот. Прасловенскиот јазик имал 11 самогласки. Во текот на 10-11 век, на македонската јазична територија се губат редуцираните самогласки на крајот на зборот (слаба позиција) или се заменуваат до други самогласки во средината на зборовите (силна позиција). Големиот ер (ъ) постанува о, а малиот ер (ь) се заменува со е. Во втората фаза од развојот, во текот на 12-13 век, од македонската варијанта на црковнословенскиот јазик се губи носниот изговор на самогласките и изговорно се спојуваат средното и и предното и. Конечно во третата фаза од развојот, македонскиот говорен јазик од 15-16 век го губи широкиот изговор на јатот. Во текот на развојот на македонскиот јазик, се изгубиле меките согласки кои постоеле во старословенскиот јазик.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Фонетика - наука за гласовите“. Македонски јазик и литература. 2010-03-11. Посетено на 2020-05-05.
  2. Цветковски, Живко (2017). Правопис на македонскиот јазик (второ издание) (PDF). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 3. ISBN 978-608-220-042-2.
  3. Продановска-Попоска, Весна (26–27 април 2018). „ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНСКИОТ И АНГЛИСКИОТ ГЛАСОВЕН СИСТЕМ: ВЛИЈАНИЕТО НА МАЈЧНИОТЈАЗИК ВО СОВЛАДУВАЊЕТО НА ПРАВИЛЕН ИЗГОВОР НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК“. Трета меѓународна научна конференција „ФИЛКО“: Зборник на трудови: 529–539.CS1-одржување: датумски формат (link)
  4. „Развојот на македонскиот гласовен систем“. Македонски јазик и литература. 2010-11-14. Посетено на 2020-05-05.