Акцентски целости во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Акцентски целости - кога два или повеќе збора се изговараат под заеднички акцент претставуваат акцентски целости. Пример:

  • Кисела Вода — се изговара: Кисела́вода
  • кисело млеко — се изговара: кисело́млеко
  • не дојде — се изговара: не́дојде
  • не му рече — се изговара: немýрече
  • Што го праша? — се изговара: Штого́праша

Правило е во акцентската целост еден збор да е носител на акцентот, а тој паѓа на третиот слог од крајот на зборот. Пример:

  • бел бибер — бе́л|би|бер
  • вујко ми — вýј|ко|ми
  • не му вели — не|мý|ве|ли

Видови акцентски целости и правила за нивно акцентирање[уреди | уреди извор]

Општото правило за акцентот во акцентските целости е определено на третиот слог од крајот на групата зборови кои ја сочинуваат акцентската целост. Но, во некои акцентски целости акцентирањето се врши на вториот слог од крајот на групата зборови.

Примери:

  1. Кога придавка и именка означуваат еден поим, акцентот паѓа на придавката:
    кисело́‿млеко, суво́‿грозје, цṕн‿пипер, втора́‿вечер, мое́‿дете, сувите́‿гранки...
  2. Кога акцентската целост е составена од број и именка, акцентот паѓа на бројот:
    пе́т‿дена, три́‿часа, сто́‿грама, ше́ст‿тона...
  3. Сложените бројни изрази се изговараат со акцент на сврзникот:
    дваесет‿и́‿три, шеесет‿и́‿девет, триесет‿и́‿осум...
  4. Прашални зборови и двосложни именки образуваат акцентски целости со акцент на третиот слог од крајот на групата зборови:
    Кои́‿луѓе ќе дојдат? Што́‿мајка беше? Колкý‿дена останаа?...
  5. Именки кои означуваат сродство и кратките заменски форми во акцентска целост се акцентираат според општото правило:
    вýјко‿ми, ба́ба‿ми, ма́јка‿му, та́тка‿си...
  6. Глаголски прилог со кратка заменска форма кога образуваат акцентска целост, акцентот паѓа на вториот слог од глаголскиот прилог:
    Чека́јки‿го, вика́јки‿го, зборува́јќи‿им‿ја (вистината)...