Западномакедонско наречје

Од Википедија — слободната енциклопедија

Западномакедонско наречје — едно од трите општи наречја на македонскиот јазик. Западното наречје е група на повеќе дијалекти со слични или приближно слични морфолошки, фонолошки и семантички одлики. Наречјете го опфаќа западниот и централниот дел на Македонија. Ова наречје се дели на две подгрупи: централна група и западна периферна група.

Територија и граници[уреди | уреди извор]

Во западното наречје влегуваат говорите на западното пограничје од Шар Планина и границата со српската јазична територија, па до јужниот брег на Преспанското Езеро. Источната негова граница од јужниот дел на Преспанското Езеро се движи кон североисток, поминува нешто малку посевеверно од градот Лерин и избива на завојот на Црна Река од Пелагонија во Мариовската (Скочивирска) Клисура. Оттука таа продолжува на север по планинскиот венес на Селечка и преку областа Клепа излегува на Вардар нешто малку позападно од утоката на Црна во Вардар. Го сече Вардар и источно од градот Велес сè по левата страна на Вардар продолжува на север, ја сече реката Пчиња кај Катланово, од каде што свртува во лак кон северозапад и излегува нешто малку посеверно од Скопје. Селата во подножјето на Скопска Црна Гора северно од линијата Арачиново - Радишани - Бардовци остануваат надвор од границите на западното наречје. Северната граница оди приближно по правецот Скопје - Тетово - Шар Планина, каде што се затвора граничниот круг. Најостра е границата меѓу западното и источното наречје на просторот меѓу вливот на Црна во Вардар, па сè до Скопска Црна Гора. На северна страна изразито остра граница има на скопскиот дел, додека во Полог таа нешто се ублажува.[1]

Во овој дел ги разбираме говорите во областите Пелагонија, Цапарско Поле, Железник (Демир Хисар), Кичевија, Копачка, Порече, Азот, Клепа, Гроот, Велешко Поле, Скопско Поле, Блатија, Каршијак, Торбешија, Дервент, Горни Полог, Дебарско Поле, Река, Голо Брдо, Дримкол, Малесија, Охридско-струшката Котлина, Преспа и Дебрца.

Фонетско-фонолошки одлики[уреди | уреди извор]

  • Главна разликувачка одлика на западното наречје во однос на источното наречје е местото на акцентот.
  • Кај повеќесложните зборови тој е фиксиран на третиот слог од крајот на зборот, преку збогатување на бројот на слогови со различни наставки и претставки, акцентот се поместува за да падне пак на третиот слог: ја́дица - јади́цата.
  • Втората одлика во врска со акцентот е образувањето на акцентските целости.
  • Првиот тип на акцентски целости е кога пред двосложен глагол ќе дојде негацијата, тогаш акцентот го напушта глаголот и се префрла врз негацијата: не́-сакам. Ако меѓу негацијата и глаголот се најде кратка заменска форма, важи истото правило, акцентот се префрла на кратката заменска форма: не-го́ сакам.
  • Втор модел на акцентски целости е во прашални реченици со двосложен глагол: Што́-сакаш?
  • Третиот модел е кога глаголот има форма на заповед и ако зад него доаѓа кратка заменска форма: зе́ми-го, земе́те го.
  • Четврт модел се акцентските целости од именка и атрибут, особено ако тие изразуваат еден единствен поим: црни́-сливи и др.
  • На планот на самогласките: развојот на старословенските групи свь, цвь, звь кои преминале во су- осуни, цу - цути и ѕу - ѕуни.
  • Во западното наречје се зачувале траги од мешање на носовките, носовката од преден ред  Ѧ во положба зад ј преминува во Ѭ во носовка од заден ред, Ѩзыкъ > Ѭзыкъ > јазик, таму каде што ѫ (он) дало а.
  • На допирот меѓу глагол што почнува со самогласка и клитички збор пред него, кај заменката ги, честичката ќе и др. доаѓа до испуштање на самогласката од клитичкото зборче: го испратив > г’ и́спатив, да одиме > д’о́диме, ќе одиме > ќ’о́диме.
  • Како протетички глас пред првичното Ѫ се јавува сонантот ј: јадица, јаже, јаток, а во источното наречје е в.
  • На апсолутниот почеток пред предната самогласка и како протетички се јавува в: вистина, визба.
  • Во секвенца од две самогласки од кои втората е и, се добива дифтонг во кој вториот елемент се скратува во ј: од глави по губење на меѓусамогласно в имаме глај, од стреи > стреј, од снаи > снај и сл.
  • На морфемска граница на пример меѓу претставка и глагол ваквата дифтонгизација не се врши: за + игра >  заигра.
  • Во западното наречје скоро комплетно отсуствува гласот х од фонолошкиот систем: прав, бев и др.
  • На асполутниот крај на зборот и пред согласка х е заменето со в или ф пред звучна согласка: бев, нивна и др.
  • Зад струјните согласки с, з, ш, ж пред африкатите ц и ч на крај на слог се јавува истиот резултат како оној што се јавува на местотo од х: месо – мевце, образ – обравче, исчисти – ивчисти. Резултатот е ист затоа што с, з, ш, ж во оваа положба прво се измениле во х, а потоа процесот одел по сличен пат.
  • Најважна фонетска карактерситика е испуштањето на меѓусамогласното в: човек – чоек – чојк, говедо – гоедо – гојдо, ковач – коач.
  • Во одредени самогласни групи се губи меѓусамогласното ј: таја – таа, стојат – стоат.

Морфолошки одлики[уреди | уреди извор]

  • Присуство на тројниот член: човекот, човеков, човекон.
  • Кај едносложните именки во множина регуларно се среќава наставката –ови/-еви која обично се  скратува во -ој/-еј: столови – столој.
  • Кај роднинските и сопствените именки од машки род што завршуваат на согласка, на о или на е се јавува одделна форма различна од номинативната која се јавува во функција на директен предмет во реченицата: Стојан – Стојана, татко – татка.
  • Именките од типот Петре, Митре, тате, чиче се јавуват со падежна наставка -ета: Петрета, Митрета, татета и сл.
  • Иако некомплетно сепак на голем дел од западното наречје кај личните и роднинските имиња од машки и женски род се употребува и синтетичката дативна форма: Му реков Стојану, може да се јави и наставката -ове: Му реков Маркове или кај роднинските имиња: Му реков тетину, вујкове и сл.
  • Во сите западни говори имаме систем од три демонстративни заменски форми: овој – оној – тој, ваков – онаков – таков, олкав – онолкав – толкав.
  • Освен на пограничјето на северните говори, во западното наречје се јавува формата тој – таа – тоа. На север во Скопско и во дел од Велешко паралелено со формите тој се употребува и заменката од источното наречје: он – она – оно.
  • Кратката заменска форма за директен предмет ги во западното наречје се јавува со формата и: и виде децата наместо ги виде децата. Формата ги може да се сретне на пограничето со источното и северното наречје.
  • Дативната форма за женски род е проширена со партикулите зе и зи: незје, нејзи.
  • Жива е дативната синтетичка форма кај заменките: мене ми рече, мене ми даде, тебе ти даде, нему му даде, нејзе је (ѝ), кому му рече, некому, секому, никому.
  • На поголем дел од западното наречје во трето лице еднина во сегашно време се чува наставката -т: викат, носит.
  • Трето лице множина од помошниот глагол сум редовно се јавува во формата се.
  • Од глаголот донесе глаголската л-форма гласи донел, донела, донело со проширена основа, додека во источните говори е донел, донела, донело.
  • Во западното наречје под влијание на балканските несловенски јазици се развила конјугацијата со помошниот глагол има / нема + глаголска придавка во среден род: има носено, имаше носено, имал носено, беше имал носено, ќе имал носено, ќе имаше носено, ќе беше имал носено.
  • Широка употреба на конструкции со помошниот глагол сум + глаголска придавка: сум дојден, беше дојден, беше бил дојден.
  • Употреба на одредени предлози: стариот предлог въ е карактеристичен за западното наречје во формите в/во.
  • Предлогот со не се јавува во редуплицирана форма: со ножот, а во источното наречје сос мене.
  • Предлогот кон со фонетска разновидност кун е карактеристичен за западното наречје: кон ридот, кун снежниот врв, а во источното наречје накај ридот.
  • Граматичка функција на предлогот од за искажување на посвојност што се развива во контакт со балканскиот несловенски елемент: куќата од Стојана, детето од Петре. Во источното наречје се употребува на.
  • Наставката -уле кој може да се јави и во комбинација со други деминутивни наставки: -енце + -уле > -енцуле, -иче + -уле > -ичуле, устичуле, детенцуле, детуле.
  • Кај именки од женски род за образување на деминутиви се употребува наставката -иче: брадиче, жениче и сл.

Синтаксички одлики[уреди | уреди извор]

  • Препозитивна употреба на клитичките форми: Го видов, Му рече. Во постпозитивна форма се среќаваат како и во литературниот јазик, со императив од глаголот или со глаголски прилог: земете го, шетајќи го.
  • Во формите на перфект во трето лице помошниот глагол редовно се испушта: тој дошол. Тие дошле.
  • Двојниот објект е општа одлика на македонскиот јазик, но во западното наречје оваа особеност е регуларна и задолжителна, во источното и северното наречје оваа употреба не е задолжителна.
  • Не се среќава презент од свршени глаголи независно од тоа дали глаголот има повторливо значење. Повторливоста се изразува со други средства, најчесто со конструкции од типот ќе + имперефект: ќе дојдев или ќе + перфект: ќе си дошол.

Дијалекти на западното наречје[уреди | уреди извор]

  Централни говори: Прилепско-битолски, Кичевско-поречки, Скопско-велешки

Периферни говори:
  Горнополошки дијалект
  Рекански дијалект
  Галички дијалект
  Дебарски дијалект
  Дримколско-голобрдски дијалект
  Вевчанско-радошки дијалект
  Струшки, Охридски и Горнопреспански дијалект
  Долнопреспански дијалект

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, Скопје, 1996, стр.21-22