Лексика според потеклото на зборовите во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Лексиката според потеклото на зборовите во македонскиот јазик ги класифицира зборовите во јазикот според нивното потекло. Оваа поделба ги опфаќа домашните и странски зборови, кои пак понатака се поделени во подкатегории според специфичното потекло.

Класифицикација[уреди | уреди извор]

Зборовниот фонд на македонскиот јазик, но и на сите останати јазици, е поделен на две големи групи кои понатака се поделени на подгрупи. Двете големи групи зборови во македонскиот јазик се[1]

  1. домашни или свои зборови
  2. странски или туѓи зборови

Домашна лексика[уреди | уреди извор]

Најголемиот слој од лексиката на македонскиот стандарден јазик го сочинува домашната лексика, односно зборови кои исконски постојат во македонскиот јазик, населедени од старословенскиот и црковнословенскиот јазик, кои пак понатака преку народниот јазик навлегле во стандардниот. Овој процес на создавање на домашна лексика е доста долг и сложен. Низ историскиот развој на јазикот самите зборовни форми претрпувале измени, но коренот на зборот останал ист[1].

Црковнословенизми[уреди | уреди извор]

Црковнословенизмите се посебен слој од словенската лексика во македонскиот јазик кои се навлезени во јазикот главно во почетокот на 19 век преку книжевното творештво на Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Партенија Зографски и останатите преродбеници. Типични пример за црковнословенизмите во македонскиот јазик се зборовите „возвиши“, „злодејание“, „чинодејствие“ или „упокоение“. Често, црковнословенизмите се среќаваат и во поетски и прозните дела на скоро сите македонски преродбенивци, од браќата Миладиновци па сè до Крсте Петков Мисирков. Црковнословенизмите се значаен извор за богатење на јазикот кај многу наши современи поети и писатели.[1] Истотака, евидентирано е присуството на зборови од Келтско потекло како на пример кров и крава.Воедно Македонците се единствените кои го користат зборот бран.

Туѓа лексика[уреди | уреди извор]

Туѓите зборови во македонскиот јазик можат да навлезат во активната и пасивната лексика преку сродни или блиски јазици како што се словенските јазици, или преку несродни јазици. Теоретски прифатени се два начина за зајмување туѓа лексика[1]:

  • со непосредно преземање како резултат на директните контакти меѓу народите и јазиците,
  • заемки со посредство на трет јазик

Како резултат на горенаведените техники на преземање зборови, во македонскиот јазик непосредно се навлезени зборови од српскиот, рускиот или пак бугарскиот јазик, додека пак индиректно во македонската лексика се забележуваат зборови со арапско или персиско потекло навлезени преку турскиот јазик.

Интернационализми[уреди | уреди извор]

Размената на лексиката помеѓу јазиците е како директен резултат на брзиот економски или технички напредок на општествата. Одреден број туѓи зборови кои се наоѓаат во повеќето јазици се најчесто од старогрчко или латинско потекло. Оваа лексика која е заедничка за скоро сите развиени стандардни јазици е опфатена со терминот интернационализми или меѓународни зборови. Такви интернационализми во македонскиот јазик се зборовите „опера“, „театар“, „декан“ или „филм“ кои можат да се најдат во голем број јазици, иако може да се со различна форма[1].

Дел од меѓународните зборови се доста приспособени во македонскиот јазик што на прв поглед делуваат како домашни зборови. Такви добро приспособени зборови се на пример „актуелен“, „функција“ или пак „сфера“. Употребата на интернационализмите треба да е во согласност со потребата од овој вид лексика, односно нивното прифаќање и употреба треба да се присутни само ако има потреба од истите[1].

Турцизми[уреди | уреди извор]

Општо прифатено е гледиштето дека во Македонскиот јазик многу зборови имаат потекло од јазикот на Турците,т.е. тие се во нашиот јазик останати како реликвија од Османлиското владеење на овие простори. Положбата на турцизмите во македонскиот јазик е различна и зависи од карактерот, значењето на самиот збор и неговата стабилна поставеност во стандардниот јазик. Во одреден број случаеви заменување на некои турцизми со македонски збор не е возможно, особено поими што означуваат предмети, поими или односи во секојдневниот живот. Тоа е така бидејќи таквите зборови станале неразделен дел од македонската лексика. Добар дел од турцизмите не се веќе во употреба во македонскиот јазик поради промената на општествениот поредок како на пример зборовите „ефендија“ или „кадија“. Сепак, дури и денес има турцизми кои активно се употребуваат во македонскиот јазик, одобено во разговорниот како на пример зборовите „мерак“ или „марифет“, но има и турцизми со неутрална положба како на пример „боза“ или „кадаиф“.

Варваризми[уреди | уреди извор]

Варваризмите се зборови или зборовни конструкции кои не се во согласност со нормите на македонскиот јазик. Варваризмите се сметаат како отстапување од усвоените современи граматички или стилистички правила како на пример зборовите „мистер“, „сењора“ или „тет-а-тет“. Варваризмите можат да се користат во уметничката литература за да се даде специфичен местен колорит. Исто така, варваризмите можат да се користат за иронизирање на настани, личности и слично.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 (на македонски) Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД. 2001. стр. 216 и 218. 

Поврзано[уреди | уреди извор]