Минато неопределено свршено време во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонски глаголски форми
Буква глагол на глаголица.
Општо


Прости глаголски форми
Сложени глаголски форми
Поврзано

Минатото неопределено свршено време (МНСВ) или перфект од свршени глаголи е сложена глаголска форма во македонскиот јазик со која се искажува прекажано дејство и дејство кое се кажува директно. Во лингвистиката ова време се нарекува перфект, поконкретно во македонистиката перфект од свршени глаголи. Минатото неопределено свршено време функционира слично како англискиот сегашен перфект т.е. present perfect simple. Карактеристично за ова време е образувањето со глаголска л-форма од глаголот кој се менува[1].

Карактеристично за македонскиот јазик е тоа што перфектот од свршени и несвршени глаголи развил две паралелни форми. Едната форма, која е застапена во сите македонски говори, се прави со помошниот глагол „сум“ и глаголската л-форма и често овој перфект се нарекува „сум-перфект“. Втората форма се образува со помошниот глагол „има“ и глаголска придавка, и овој перфект често се нарекува „има-перфект“. Има-перфектот е почесто застапен во западните македонски говори и двете форми имаат скоро иста функција во реченицата и времето.

Образување[уреди | уреди извор]

Минатото неопределени свршено време се образува со сегашното време на помошниот глагол сум и глаголската л-форма на менуваниот глагол. Глаголот кој се менува во ова време е секогаш од свршен вид, по кој е и добиено името перфект. Важно е да се напомене дека за трето лице еднина и множина нема форма на помошниот глагол сум. Помошниот глагол сум во ова време се користи поради тоа што глаголската л-форма е нелична т.е. нема лице. Како и кај останатите определени времиња, така и кај ова време несвршените л-форми од свршените глаголи немаат самостојна употреба, како на пример глаголите паднал, станал, туку тие се комбинираат со честичките ако, да, ќе и слично[2].

Деклинацијата на глаголите од трите основни раздели за сум-перфект изгледа вака:

а - раздел
прочита
и - раздел
износи
е - раздел
испее
Јас сум прочитал сум износил сум испеал
Ти си прочитал си износил си испеал
Тој
Таа
Тоа
прочитал
прочитала
прочитало
износил
износила
износило
испеал
испеала
испеало
Ние сме прочитале сме износиле сме испеале
Вие сте прочитале сте износиле сте испеале
Тие прочитале износиле испеале

Деклинацијата на глаголите од трите основни раздели за има-перфект изгледа вака:

а - раздел
прочита
и - раздел
износи
е - раздел
испее
Јас имам прочитано имам износено имам испеано
Ти имаш прочитано имаш износено имаш испеано
Тој
Таа
Тоа
има прочитано има износено има испеено
Ние имаме прочитано имаме износено имаме испеано
Вие имате прочитано имате износено имате испеано
Тие имаат прочитано имаат износено имаат испеано

Употреба[уреди | уреди извор]

Графички приказ на минатото неопределено свршено време, каде дејството е завршено, но не се знае кога.

Минатото неопределено свршено време се користи за изразување минато дејство без да се укаже или да се определи конкретниот момент на одвивање на дејството. Поради тоа времето се нарекува „неопределено“. Формите на ова време се употребуваат за прекажување или за директно кажување на дејството. Под директно кажување се мисли на наши мисли или искуства, додека под прекажување се мисли на прераскажување туѓи мисли или настани[3].

Примери за основното значење на времето се следните реченици:

Никогаш не сум бил во Лондон. - директно кажување
Тој ми рече дека никогаш не сте јаделе пица. - прераскажување

Покрај оваа основна употреба, времето се користи за искажување и на:

  • констатација - пр. Многу си пораснала.
  • заповед - пр. Немој да си излегол надвор ако не ја средиш собата!
  • идност - пр. Сакаш да се прошетаме додека не се расипало времето?
  • севременост - пр. Се стркалало поклопчето, си го нашло грнчето.
  • претпоставка - Сигурно веќе го испил млекото.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  1. ^ Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]