Радишани

Координати: 42°3′39″N 21°26′52″E / 42.06083° СГШ; 21.44778° ИГД / 42.06083; 21.44778
Од Википедија — слободната енциклопедија
Радишани

Поглед на дел од селото Радишани од запад

Радишани во рамките на Македонија
Радишани
Местоположба на Радишани во Македонија
Радишани на карта

Карта

Координати 42°3′39″N 21°26′52″E / 42.06083° СГШ; 21.44778° ИГД / 42.06083; 21.44778
Општина Бутел
Население 6.066 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25110
Надм. вис. 350-430 м
Радишани на општинската карта

Атарот на Радишани во рамките на општината
Радишани на Ризницата

Радишани — населба во Општина Бутел, во околината на градот Скопје. Има урбан и рурален дел.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на дел од Радишани

Радишани се наоѓа во северниот дел од Скопје (средиштен дел на Општина Бутел), на 8 километри оддалеченост од центарот на градот Скопје. Населбата е сместена во долината од двете страни на реката Серава (надморска височина од околу 430 метри), со што таа има ридско-долински карактер. Атарот на Радишани зафаќа простор од 6,1 км2, од кои 497 ха се обработливо земјиште, а пасиштата зафаќаат 38 ха[2]. Низ Радишани минува патот за повеќе села во подножјето на планината Скопска Црна Гора, конкретно селата Љубанци и Побожје, како и патот за помалите села Бел Камен и Кучевишка Бара кој се поврзува со локалниот пат кон Бањани. На атарот на населбата Радишани избива изворот Жегровец[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

Поглед на дел од селото Радишани
Цветна ливада во Радишани

Антика[уреди | уреди извор]

Познато е дека подрачјето околу населбата е населено уште од антиката, за што сведочат остатоците од римска населба пронајдени во руралниот дел[4], недалеку од десниот брег на Серава.

Постојат претпоставки дека населба на местото од Радишани постоела уште од времето на Крале Марко (XIV век). Наведување за оваа претпоставка е постоењето на црквите „Св. Никола“ и „Св. Ѓорѓија“ кои потекнуваат токму од овој период (XIII-XIV век). На просторот на Радишани од старини се пронајдени доцноантичка некропола во месноста Радишко, како и еден осамен римски наод на надгробна плоча со латински натпис од I век во месноста Голем Град (Река) на левиот брег на Серава[5].

Радишани спаѓа во старите села во Скопската Котлина. Првите пишани податоци за Радишани потекнуваат од втората половина на XV век, кога селото било завештано од Јахја-паша на неговата истоимена џамија во Скопје[3]. Ваквата положба која ја имале мал број на села (завештани на џамии во XV век биле и Драчево и Булачани) била доста поволна бидејќи селаните биле слободни и имале своја сопствена земја (не биле чифлици на бегови) и имале единствена обврска да дел од своите земјоделски производи ги даваат на џамијата. Првите податоци за население се наоѓаат во турските пописи од XV век каде што се попишани околу 20 христијански семејства со име на мажот на семејството и името на неговиот татко. Народното предание наведува дека Радишани било големо село со „триста куќи“[6]. За време на отоманското владеење, во периодот на Карпошовото востание и Австриско-турската војна во 1689, еден дел од населението настрадал, а друг дел се иселил, при што од тоа старо население останале само три македонски христијански родови: Ѓоклинци, Масинчеви и Трпановци[6]. На почетокот на XIX век, во Радишани биле основани неколку чифлици на кои земјата ја обработувале доселени Македонци, додека пак, останатите три старинечки родови имале своја сопствена земја[7]. До крајот на отоманското владеење во Радишани имало 5 чифлици. Населението на Радишани се ослободило од чифлигарството во периодот од 1912 до 1925 кога земјата преминала во сопственост на Македонците кои живееле во селото (дел со откупување, а дел преку аграрна реформа[6]).

Поземјотресна урбанизација[уреди | уреди извор]

По катастрофалниот Скопски земјотрес во 1963 г., донесена е одлука за планска урбана изградба на 11 приградски населби со монтажна градба на бараки, при што една од тие населби била изградена на ридот западно од селото Радишани. Радишани доживеало голем подем во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога биле изградени училиштето, градинката, трговскиот центар, зградитеи бројните бараки. Со тоа истото преминува во населба. Во тој период започнало да се доселува население од сите краишта на Македонија, како и од околните места, а овој процес трае сè до денес со доселување на бројни побогати македонски семејства од Скопје и од скопските населби Чаир, Бутел и Топанско Поле кои градат куќи во прекрасната природна околина на Радишани.

Од етнографски аспект, сè до крајот на Втората светска војна и педесеттите години на XX век, селото Радишани заедно со селото Раштак, според говорот, народната носија и народните обичаи, претставувале две крајни (последни) села на етно-географската област Блатија, односно биле сметани за „блатиски села“ кои лежеле на границата спрема селата од жупата во Скопска Црна Гора[3]. Со зголемениот развој по ослободувањето од отоманското владеење, воедно и по Втората светска војна, започнало да се доселува сѐ поголем број на население од селата на Скопска Црна Гора. Сѐ почесто започнале да се склопуваат и брачни врски со ова население при што етнографските одлики на Радишани доста се измешале[6].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поради поволната положба, Радишани има доста голема економска развиеност и активност на населението. Во населбата се застапени разни секундарни и терциерни стопански дејности. Радишани има многу поволна географска местоположба за земјоделство, односно одгледување на суви култури на долинските падини и влажни култури на долинското дно крај Серава[3]. Во минатото земјоделството било главна стопанска гранка. Најмногу се одгледувале жито, тутун, лубеници и винова лоза, а најголеми приходи населението остварувало од продажбата на тутунот и лубениците[8]. Еден помал дел од населението и денес се занимава со земјоделство, а најмногу се одгледуваат пченица и јачмен од житните култури, и домати, пиперки, краставица, млади кромитчиња, марула и зелка од градинарските култури кои се одгледуваат и под пластеници и на отворено. Во рамничарскиот предел на влезот (јужно) на Радишани од кај Расадник и кон Љуботенски Пат се одгледуваат и лубеници, дињи и тикви. На ридските предели се застапени и лозарството и овоштарството. Со земјоделство се занимава претежно населението што живее во делот на селото Радишани, односно куќите околу црквата „Св. Наум“, од десната страна на главната улица по течението на Серава. Денес земјоделството најмногу се одгледува за сопствени потреби, а еден дел се продава и на пазарите во Скопје и во населбата Радишани. Како голема градска населба и централна за повеќе околни места во Радишани работи трговски центар со голем број продавници, трговски дуќани, пекарници, ресторани, берберници и занаетчиски работилници. Во Радишани работат повеќе автомеханичарски и вулканизерски сервиси, две бензински пумпи и отпад за метални производи. Од индустријата застапени се производствени погони како што се: ливница за метали и метални конструкции, бетонска база и блокара за производство на градежни материјали, салони за изработка и продажба на мебел. Во населбата работат и големите ресторани и угостителски објекти за свадбени прослави „Олимпија“ и „Александар“, големи супермаркети и дисконти, приватни здравствени ординации, спортски обложувалници, пицерии, кафе-барови и друго. Голем дел од населението работи во фирми во центарот или во другите делови на Скопје.

Во Радишани работи и мултимедијалното претпријатие „Кругот“.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948188—    
1953299+59.0%
1961436+45.8%
1971765+75.5%
19811.956+155.7%
ГодинаНас.±%
19916.688+241.9%
19947.579+13.3%
20029.123+20.4%
20216.066−33.5%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 40 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 127 мажи христијани, со 4 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 262 жители.[9]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 228 жители.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[11]

На пописот од 2002 година, во Радишани има 9.123 жители, од кои 8.084 Македонци, 50 Албанци, 35 Турци, 160 Роми, 52 Власи, 363 Срби, 49 Бошњаци и 180 останати.[12]

Како привлечно место за живеење, Радишани бележи постојан пораст на бројот на своите жители. Во 1961 година живееле 436 жители, во 1994 година живееле 7579 жители[2], а денес бројот на население се движи помеѓу 11 и 12 илјади жители.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6.066 жители, од кои 4.904 Македонци, 216 Албанци, 27 Турци, 138 Роми, 12 Власи, 204 Срби, 103 Бошњаци, 72 останати и 390 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 190 120 188 299 436 765 1.956 6.688 7.579 9.123 6.066
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови[уреди | уреди извор]

Мнозинско и најдоминатно населени во Радишани отсекогаш, па сè до денес, се Македонците со православна христијанска вероисповед. Според староста на потеклото, македонските родови може да се поделат на старинечки, доселеници за време на отоманското владење, доселеници по отоманското владеење и најнови доселеници по Втората светска војна и изградбата на селото Радишани сè до денес. Старинечки родови во Радишани се: Ѓоклинци, Масинчеви и Трпановци[6]. Доселеници за време на отоманското владеење се: Латински (од с. Паливоденица во Качаничката Клисура), Тоневци и Ангелковци (двата рода од с. Волково поранешно Вучи Дол), Гинини (од с. Лисиче - Скопско). Доселеници по отоманското владеење се: Пискови (од с. Љубанци), Џајкови и Тенови (двата рода од с. Кучевиште), Стајкови, Зенговци, Ќоќоровци и Пешовски (сите од с. Побожје), Барџовци од (с. Бутел), Радичевци (од с. Радуша, преминале во Побожје, па во Радишани)[6]. За некои од овие родови доселени од селата на Скопска Црна Гора, како што се Ќоќоровци, постои предание дека тие потекнуваат од староседелското население на Радишани, кои веројатно за време на пустошот и несигурноста по Карпошовото востание се иселиле на Скопска Црна Гора каде било посигурно, за потоа повторно да се доселат во Радишани[18]. Со изградбата на селото се доселило население од сите краишта на Македонија (Кривопаланечко, Кумановско, Прилепско, Охридско, Кочанско, Битолско), а се доселило население со потекло од Косово и јужниот дел на Србија (околината на Босилеград). Воедно, забележани се турскиот род Јајовски и трите ромски родови: Амитови, Шабанови и Раифови[8].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Никола“ во Радишани

Во Радишани работи основното училиште „Ацо Шопов“, како и детска градинка. Од десната страна на главната улица се наоѓа црквата

„Св. Наум Охридски - Чудотворец“, каде што во 1996-та е погребан архиепископот г.г. Гаврил, а три години подоцна и

архиепископот на МПЦ - г.г. Михаил.

Црквата „Св. Наум Охридски“ во Радишани
Фреска на Богородица со Исус Христос од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Радишани
Цркви
Училишта и градинки

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Градоначалник на општината Бутел во чиј склоп е и населбата и селото Радишани е Велимир Смилевски. Радишани претставува месна заедница во рамките на Општина Бутел. Поголем број на советници во советот на Општината Бутел се од Радишани.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта

Околу Радишани има неколку археолошки наоѓалишта:[4]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Црковна слава во Радишани е Ѓурѓовден (6 мај), додека за празникот Св. Никола, жителите одржуваат собор во средновековната црква посветена на овој светец[3]. Кај големата црква посветена на св. Наум се одржуваат големи општонародни собири за три празници: на денот на Св. Наум, на Крстовден и една недела пред Ѓурѓовден[3]. Во поново време црквата Св. Наум е најпосетувана за Велигден.

Познати личности кои живеат или живееле во Радишани[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Спортот и културата се доста развиени во Радишани. Во Радишани постои новоизградена спротска сала „Иван Хаџи-Николов“ со капацитет за 500 гледачи, а има повеќе фудбалски и кошаркарски игралишта во училиштето „Ацо Шопов“ и низ населбата. На врвот на ридот над населбата отворена е приватно ергеле - мал хиподром за коњи.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во минатото не се забележани поголеми иселувања од Радишани. Иселеници во поново време се забележани во Скопје и во странство: САД, Канада, Австралија, Германија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 250
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 7
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 381. ISBN 9989-649-28-6.
  5. „King Marko Land - Археолошки наоѓалишта во околината на Скопје“. Архивирано од изворникот на 2016-03-09. Посетено на 2012-04-27.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 8
  7. Трифуноски, Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 8
  8. 8,0 8,1 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 9
  9. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  10. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. По кажување на Иван Ќоќоровски. Забележал Марио Шаревски

Надворешни врски[уреди | уреди извор]