Катланово

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Катланово
Katlanovo-od-Blace-MK.JPG

Поглед на Катланово од патот за Блаце

Катланово се наоѓа во Македонија
Катланово
Катланово (Македонија)
Координати 41°53′39″ СГШ 21°40′59″ ИГД / 
Регион Скопска Блатија
Општина Петровец
Население 769 жит.
Надм. височина 240 м
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“
Црквата „Св. Никола“ во Катланово
Савината чешма во Катланово, посветена на Св. Недела и Св. Сисоја

Катланово е село во Општина Петровец, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди]

Катланово се наоѓа во југоисточниот дел на Скопската котлина на десниот брег на реката Пчиња пред нејзиниот влез во Прнарската Клисура[1]. Селото Катланово е сместено во средишниот дел на Општина Петровец, низ него минува автопатот „Александар Македонски“ (Е-75), односно делницата Скопје - Велес и во неговата непосредна близина се наоѓаат термалните минерални извори на вода на кои е изградена познатата Катлановска Бања[2]. Катланово е рамничарско село, расположено на надморска височина од 240 метри и од градот Скопје е оддалечено 27 километри[3]. Куќите се распоредени од подножјето на ридот Падарница на северозапад во рамничарскиот предел крај десниот брег на реката Пчиња. Поради својата средишна местоположба во однос на повеќе други села во ридско-планинскиот предел во блиската околина селото Катланово е рурален центар во рамките на Општина Петровец за селата Летевци, Брезница, Градманци, Блаце, Бадар и Кожле[4]. Поради ваквата географска местоположба од селото Катланово водат и три локални патни правци: кон селата Блаце, Бадар и Кожле, кон селата Летевци и Брезница и кон селото Градманци кој како земјен пат продолжува кон селата Џидимирци и Крушје во Општина Велес. Атарот на Катланово зафаќа површина од 15,6 км², од кои 538 хектари се обработливо земјиште, пасиштата зафаќаат 621 хектар, а под шуми се 165 хектари[5].

Историja[уреди]

Во Катланово постои преданието дека на местото на денешното село во римско време постоело градче со име Катраново, кое во некои случување било сосема уништено[6]. Од ова некогашно населено место селаните често ископувале тули и стари пари. Подоцна на местото на уништеното градче Катраново се основало село Катланово, со многу куќи и населено само со Македонци - христијани, каде што секоја година стасувале по 40 девојки за мажење[7]. За време на отоманското ропство ова село повторно се запустело најповеќе заради чума, па голем дел од населението се иселило во Скопје и други места, а дел од населението изумрело[8]. По ова страдање селото Катланово започнало повторно да се обновува и зголемува благодарение на доселувања и делумно на размножување, па така до 1900 година селото имало околу 20 куќи: 10 куќи Македонци и 10 куќи „маџири“ (Турци и Цигани) бегалци од Србија и Бугарија кои се населиле во 1878 година[9]. Во XIX век Катланово било чифчиско село на кое имале чифлици повеќе муслимани од Скопје, кои во 1912 година земјата ја распродале на селаните Македонци од околните ридско-планински села[10].

За потеклото на името на селото, селаните сметаат дека потекнува од името на некогашното место Катраново, додека П. Скок претпоставува дека селото го добило името од зборот каплан, што на турски значи тигар, а кое веројатно било прекар на некој турчин кој во Каталново имал чифлик[11]. Имајќи предвид дека Катланово е важен сообраќаен центар, а поради бањските извори имало големо присуство на луѓе уште во римско време, како и непосредната близина на античките градови Тауресиум и Бадеријана, и остатоците од тврдина во месноста Кале или Пржал источно од селото, можно е во римско време името на ова место да било „кастела ново(а)“ (латински: castela novo/a), со значење на нова тврдина или ново место, па со текот на времето името да дошло во денешната форма Катланово.

Економија[уреди]

Селото Катланово има доста поволна економска положба. Главно занимање на населението е земјоделието со кое претежно се занимаваат Македонците. Од земјоделието најзастапено е полјоделството односно одгледувањето на жита, најмногу пченица, а исто и пченка (покрај Пчиња) и јачмен, зеленчук: домати, пиперки, краставици, марули, кромид и лук. Од сточарството најзастапени се одгледувањето на крави и кози поради поволното земјиште, ливади во рамничарскиот предел и грмушки во ридскиот. Муслиманското население, кое во најголема мера се Роми, кои се изјаснуваат како Албанци, живее во многу запуштени, нечисти и запоставени куќи и објекти. Дел од населението се занимава и со ископување песок, работа во Катлановската Бања, градежништво, превоз со камиони. Во селото има неколку продавници.

Демографија[уреди]

Според пописот од 2002 година, селото Катланово брои 769 жители од кои:

  • Македонци 418
  • Албанци 275
  • Роми 63
  • Срби 5
  • останати 8

Родови[уреди]

Најголемиот дел од населението на Катланово во минатото, па се до денес се Македонци од православна христијанска вероисповед. Македонски родови се: Ѓорѓиовци, Мочковци и Чочевци (сите старинци), Ѓорѓиевци, Дивљани и Ѓорѓиеви (трите рода од с. Дивље), Грковци, Мазнини, Велковци, Петревци, Грујовци, Антушевци и Блажеви (сите од с. Блаце), Велчевци (од с. Градманци), Димовски, Нацеви, Лазови, Брезничани (сите од с. Брезница), Јовчевци (од с. Бадар), Куртовци или Мариовци (од с. Летевци), Граовци и Пиперкови (двата рода од с. Кожле), Миновци (од с. Патишка Река), Ордевски (од с. Рудник - Велешко)[12]. Втора етничка група по бројност се Ромите, кои сè повеќе се изјаснуваат како Албанци и го прифаќаат албанскиот јазик и свест, меѓутоа сè уште ги задржуваат своите антрополошки и физички карактеристики на Роми, по што тие се познати под името Маљоци, нивни родови се: Арифи, Демири, Елмази, Салиу, Ќамили, Муареми, Бајрами, Рамадани, Изети, Аќифи, Алиу, Амети — сите доселени од Косово од Урошевац и околните села[13]. Ромски родови се: Далимовци (дојдени во 1878 година, како бегалци-мухаџири од Дупница во Бугарија), Исмаилови (од Куманово), Зекирови (од с. Бразда). Албански род е Рамадани (од с. Липково), а српски род се Јаневиќ од околината на Бујановац.[14].

Општествени институции[уреди]

Црквата „Св. Недела“ во Катланово

Цркви[уреди]

Администрација и политика[уреди]

Културни и природни знаменитости[уреди]

Редовни настани[уреди]

Личности[уреди]

Култура и спорт[уреди]

Во Катланово постои спортскиот рекреативен центар „Ејбиси“ со повеќе базени и спортски терени, како и фудбалско игралиште.

Иселеништво[уреди]

Во минатото од Катланово се иселиле околу 15 семејства во Скопје, потоа родот Михајловци се иселил во селото Сарајско Оризари, денес дел од градот Скопје (населба Дексион, Ѓорче Петров II), Матевци во с. Студена Бара - Кумановско и Имеровци привремено во с. Зелениково, а родот Цицеви целосно изумрел[15]. Во поново време се забележани иселувања во соседните поголеми села Петровец, Р’жаничино, градот Скопје, како и во странство во Германија и Италија.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.168
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.148
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.148
  4. Општина Петровец - Населени места
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.148
  6. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.168
  7. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.168
  8. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.168
  9. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.168-169
  10. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.169
  11. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.169
  12. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.170
  13. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 171
  14. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 171
  15. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.171

Надворешни врски[уреди]