Зелениково

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Зелениково
Зелениково.JPG

Поглед на Зелениково и мал дел од Станица Зелениково со црквата Св.Ѓорѓија

Зелениково is located in Македонија
Зелениково
Местоположба на Зелениково во Македонија
Координати 41°53′12″N 21°35′12″E / 41.88667° СГШ; 21.58667° ИГД / 41.88667; 21.58667Координати: 41°53′12″N 21°35′12″E / 41.88667° СГШ; 21.58667° ИГД / 41.88667; 21.58667
Општина Општина Зелениково
Население 1906 (771 без Ст.Зелениково) жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1053
Надм. вис. 245 м
Зелениково на општинската карта
Зелениково во Општина Зелениково.svg

Атарот на Зелениково во рамките на општината
Commons-logo.svg Зелениково на Ризницата
Поглед на дел од селото Зелениково до патот за манастирот Св. Архангел Гаврил

Зелениково е село во Општина Зелениково, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Зелениково, се наоѓа во крајниот југо-источен дел на Скопската котлина од десната страна на реката Вардар[1] непосредно пред почетокот на Таорската клисура и претставува седиште на истоимената општина. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 235 метри[2]. Атарот на селото е заеднички со железничката населба Станица Зелениково, која е дел од ова село, сместена кај железничката станица Зелениково, само 1 километар од селото Зелениково. Со градот Скопје е поврзано со локален патен правец, на оддалеченост од 25 километри. На југ и запад од селото се издига ридски предел, а кон исток рамничарска алувијална долина на брегот на реката Вардар.

Историja[уреди | уреди извор]

Селото Зелениково е доста стара населба и се претпоставува дека тука имало населби уште од периодот на антката со оглед на близината на археолошкиот локалите Таор и археолошките пронајдоци во околината. Во селото Зелениково постои познатиот стар манастир кој е повторно изграден во 19 век, а кој бил најпрвин изграден уште пред доаѓањето на Турците. Денешното село Зелениково настанало пред 260 години на синорот на раселеното село Џиглигово[3]. Веднаш по основањето Зелениково било почифличено и дадено како награда на некој турчин-муслиман од Скопје кој се истакнал во војната со некоја христијанска земја[4]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Зелениково запишал дека е село расположено до Вардар со една разрушена црква и древни знаменитости[5]. Можно е за овие овие древни знамиенитости Јордан Хаџи-Константинов - Џинот да ги сметал остатотицте од блискиот древен град Тауресиум. До пред крајот на отоманското владеење во Зелениково чифлици имале браќата Јакуп и Зеќир-бег и нивните роднини Џавид и Ќамил-бег, а помал чифлик успеал да направи и еден Македонец муслиман од селото Пагаруша по име Исен ефендија, сите овие чифлик-сајбии имале свои субаши кои ги застапувале во селото, а биле од околните планински села[6]. Една од беговските кули со препознатлив изглед постои и денес во селото Зелениково и е во крајно лоша и разрушена состојба. Од чифлигарството селаните Македонци успеале да се ослободат во периодот од 1912 до 1925, кога се стекнале со сопственост на земјата која ја обработувале преку откупување или аграрна реформа[7].

За настанокот и развитокот на населбата Станица Зелениково од најголемо значење биле сообраќајот и трговијата[8]. Железничката станица на пругата Скопје - Солун била изградена уште во 1873 година[9]. Во 1928 година куќа изградил Арсовски Диме, трговец од Велес, кој бил првиот доселеник кој се населил околу станицата за постојано, а по него започнало да се доселува и друго население, претежно трговци и занаетчии[10]. До крајот на Втората светска војна во Станица Зелениково имало 3 бакалници, 2 меани и по една фурнаџиска, месарска, кројачка, берберска и ковачка работилница, а преку оваа населба се вршела и трговијата и извозот на дрва и ќумур од планинските села од поречието на Кадина Река[11]. Поради својата централна положба за повеќе села од поречието на Кадина Река и Таорската Клисура во ова место и денес е седиштето на Општина Зелениково и централното основно училиште и сите административни и поголеми економско-стопански објекти. За време на Втората светска војна бил изграден регулационен план за населбата, а населението започнало со изградба на црква која сакале да ја посветат на Свети Наум[12]. По ослободувањето и големиот развој во шеесетите и седумдесетите години на ХХ век во Зелениково и Станица Зелениково започнува да се доселува огромен број на македонско население од блиските и соседни села Градовци, Ново Село, Пакошево, а се доселиле и Македонци од други поблиски и подалечни краишта како селото Карабуниште и други села во Велешко, па дури и од краишта во Западна Македонија како Охридско и Кичевско, претежно како работници на железничката пруга, но и како земјоделци. Населбата Станица Зелениково е основана на земјиште кое припаѓало на соседното село Страхојадица[13], поради тоа во шеесетите години на ХХ, муслиманите од тоа село кои се иселувале во Турција дел од своите имоти ги продале на Бошњаци од областа Санџак во Србија и Црна Гора кои исто така биле на пат за иселување во Турција, па така сосема на самиот крај на населбата после железничката станица и последната станица на автобусот 67 има помал број на куќи во кои живеат Бошњаци.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Селото Зелениково го добило своето име поради растението зеленика (лат. Buxus, позната и како шимшир), која е многу застапена на ридовите над Зелениково[14]. Од дрвото на ова растение се изработуваат дрвени порти, греди и музички инструменти како кавали по кои се познати свирачи кои и денес живеат во Зелениково. Дополнително објаснување е извонредно зелената околина на селото Зелениково во чиј атар нема карпести или голи места.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Железничка станица „Зелениково“

Главна стопанска гранка на населението е земјоделството, од што најзастапени се полјоделството и сточарството. Од полјоделските култури најзастапени се житото (најмногу пченица, а потоа и пченка и јачмен), доматот, пиперката (зелена и црвена), кромидот и лукот, краставицата (одгледувани под пластеници и на отворено), морков, магдонос, фуражните култури (детелина, луцерка) итн. Од сточарството во особен подем е козарството поради поволната местоположба на тревнати ридови со ниски грмушки од кои преку брстење се хранат козите, а во помала мерка и краварството. На ридскиот предел застапено е и одгледувањето на лозја и овошни насади. Во Зелениково работи млекарницата „Млекопроизвод“ која своите производи најчесто ги продава во маркетите и пазарите во Скопје и Велес, а исто така работи и земјоделските претпријатија - задруги „Слобода“ и „Агро-Вардар“. Во станица Зелениково работат и повеќе продавници, супермаркет, земјоделска аптека, ветеринарна станица, фризерница, кафе-бар, ресторан, книжарница, автомеханичарски сервис.

Население[уреди | уреди извор]

Заедно со Станица Зелениково, селото Зелениково според пописот од 2002 година го има следниот состав на население:

  • жители 1906
  • Македонци 1627 (85,36%)
  • Албанци 1
  • Роми 61
  • Срби 18
  • Власи 1
  • Бошњаци 190
  • останати 8

Статистички податоци се водат и одделно за селото Зелениково и Станица Зелениково според пописот од 2002 година, етничкиот состав е следен:

Националност Зелениково Станица Зелениково
Македонци 697 930
Албанци 0 1
Роми 61 0
Власи 1 0
Срби 8 10
Бошњаци 0 190
останати 4 4

Селото Зелениково бележи константен пораст на своето население, па така од 356 жители во 1961 година, бројот на населението нараснал на 709 жители во 1994[15], за денес да порасне на 771 жител, а тоа се должи и на високиот наталитет и на емиграцијата на население од околните ридско-планински села (како Градовци на пример).

Родови[уреди | уреди извор]

Во Зелениково живеат Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови кои живеат во селото се следниве: Кузмановци и Трпановци се старинци кои живеат од кога е основано селото (можно е да водат потекло од поранешното раселено село Џиглигово или околните села по сливот на Кадина Река), додека доселени се родовите Новевци и Докарановци (двата родови од с.Дејковец), Жужевци (од с.Огњанци), Грујовци, Грбевци, Трпчевци, Николовци и Димишковски (сите од с.Градовци), Арсовски и Васкови (двата родови од градот Велес), Лазови (од Тиквешко), Лефковски (од с.Карабуниште-Велешко), Стојанови (од с.Пакошево), Богдановски (од градот Скопје), Димитровски и др.[16].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Архангел Гаврил“ во Зелениково

Во Станица Зелениково работи осумгодишното основно училиште „Марко Цепенков“, кое е централно основно училиште за целата Општина Зелениково со истурени паралелки до 5 одделение и во другите околни села. Други општествени институции се поштата и здравствената амбуланта, а исто така работи и приватна здравствена амбуланта. Во селото Зелениково се наоѓа манастирот Свети Архангел Михаил, а во Станица Зелениково црквите Свети Ѓорѓија и Воскресение Христово.

Цркви и манастири[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во Зелениково, поточно во населбата Станица Зелениково се наоѓа седиштето и општинската зграда на Општина Зелениково во која се одржуваат седниците на советот на општината, а се наоѓаат и канцеларијата на градоначалникот и административната и матичната служба на општината. Во рамките на општинската зграда се наоѓаат и подрачни одделенија на неколку министерства и владини управни агенции од Скопје.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[17]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Зелениково се забележани иселеници во селата Таор и Петровец. Во поново време има иселеници и во Драчево, Скопје и во странство Австралија, Германија, Австрија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.130
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.130
  3. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.101
  4. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.101
  5. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.82
  6. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.101-102
  7. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.102
  8. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.99
  9. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.99
  10. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.99
  11. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.99-100
  12. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.99-100
  13. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.100
  14. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.102
  15. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.130
  16. Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 год. стр.100 и 102-103
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]