Блаце (Скопско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Блаце
S.Blace-MKD.JPG

Поглед на селото Блаце од спомен обележјето на паднатиот хеликоптер на АРМ

Блаце се наоѓа во Republic of Macedonia
Блаце
Местоположба на Блаце во Македонија
Координати 41°52′17″ СГШ 21°39′54″ ИГД / 
Општина Општина Петровец
Население 29 жители жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 400 м
Commons-logo.svg Блаце на Ризницата

Блаце е село во Општина Петровец, во областа Блатија, во околината на град Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Блаце се наоѓа во југоисточниот дел на Скопската котлина од десната страна на реката Пчиња, а неговиот атар лежи помеѓу теченијата на Вардар и Пчиња[1]. Блаце е сместено на само 3 километри оддалеченост од Катланово, односно 30 километри од главниот град Скопје. Селото е ридско и е расположено на надморска височина од 400 метри[2]. Атарот на село Блаце е мошне голем и зафаќа повшина од 27 км², од кои на шумите отпаѓаат 1843,4 ха, на обработливото земјиште 530,1 ха, а на пасиштата 281,4 ха[2]. Со вода селото се снабдува од чешмите Стара Чешма, Нова Чешма, Ветовица и Акиица кои се наоѓаат во селото како и две надвор од селото Ѓунѓевец и Тодина Дупка[3] (на патот за Катланово). Низ Блаце минува асфалтниот пат кој води од Катланово кон Кожле. Местоположбата на селото Блаце се наоѓа на доста значајно географско стратешко место, за што за ваквото стратешко значење на местоположбата на овој предел, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 запишал дека клисурите на Вардар и на Катланово (долината на Пчиња) лесно може даа се владеат од височината над Блатото кај селата Блаце и Таор, но влезот во полето откај Коњарската Клисура по кочанскиот пат е тежок за одбрана[4]

Историja[уреди | уреди извор]

Најстариот историски спомен за Блаце се среќава во средновековниот период, односно во повелбата од 1353 година кога царот Стефан Душан на серскиот митрополит Јаков му го подарува манастирот Св. Никола на Пчиња кај село Кожле заедно со селото Блаце[5]. По потпаѓањето на Македонија под османлиско ропство, средновековното село Блаце се раселило, и повторно било обновено кон крајот на XVIII век од страна на Македонците од некогашното село Румја Лака кое било сместено во рамничарското земјиште веднаш покрај Пчиња на 600 метри оддалеченост од денешното село Блаце[6]. Според народните кажувања, свињите кои ги чувале жителите на Румја Лака им правеле многу штети на муслиманите кои тогаш живееле во Бадар, при што овие ги истерале жителите на Румја Лака кои се преселиле на местото каде што имале бачила, 600 метри погоре во ридовите каде што е денешното Блаце[7]. Сепак, на ова зарамнето место на билото на ридскиот предел најверојатно имало населба уште во раниот среден век бидејќи во селската црква Свети Ѓорѓи е изградена во периодот на XVI и XVII век на темелите на некоја постара црква којашто повеќепати била споменувана во некои историски прикази засредновековните цркви и манастири[2]. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Блаце запишал дека е расположено над Бадер на тепето на таканаречената Блатечка Рупа којашто го исполнува пространството меѓу Блато и Пчиња, а неговите жители блачани се риболовци и рогозинари[4].

Блаце стана многу актуелно по 12 јануари, 2008 година, кога во негова близина се сруши хеликоптер од типот МИ-17 на Армијата на Република Македонија со 11 припадници на мисијата на АРМ во Босна и Херцеговина, кои после шестмесечната мисија се враќаа дома. Сите 11 припадници на АРМ трагично го загубија животот. Несреќата се случи при самото слетување на аеродромот Александар Велики на само 10 км оддалеченост од него.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Потеклото на името на селото потекнува од деминутивната форма од зборот блато што означува блатно, калливо, мочурливо земјиште, односно застоена вода и поголемо место со кал[8], каква што е впрочем непосредната околина на селото Блаце покрај реката Пчиња и некогашното Катлановско Блато. Од историските записи е познато дека селото некогаш било подолу блиску до Пчиња, во мало блато (бла(т)це) што настанувало од поплавите на реката[8].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот Блаце има мешовита земјоделска функција[2], но поради малиот број на жители стопанските дејности се многу мали. Малкуте постојани жители, како и некогашните жители кои се уште имаат имоти во селото, се занимаваат со земјоделство и сточарство. Теренот околу селото е одличен за козарство, па така најзастапени се одгледувањето на кози, а во многу мала мера и овци, кои претежно се во сопственост на претпријатија или лица од Скопје и околните села. Застапено е и живинарството, односно одгледувањето на кокошки и гуски. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на житни култури во рамничарскиот предел крај реката Пчиња како и на потегот веднаш западно до селото. Најмногу се одгледува пченица, а потоа пченка и јачмен. На ридскиот предел околу Блаце е застапено и лозарството и овоштарството (јаболка, круши, цреши, сливи). Во минатото населението на Блаце се занимавало и со риболов во вировите (денес езерца) на реката Пчиња, како и со сечење на трска од Катлановското Блато од која подоцна плетеле рогозини или ја искористувале за покривање на градби и огрев, а се правеле и „зембили“ и столчиња кои се продавале во Скопје[9]. За занимањата на жителите на Блаце на крајот на XIX век, Ѓорче Петров запишал дека блачани биле риболовци и рогозинари[4].

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Блаце живееле 315 жители, сите Македонци.[10]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Блаце имало 360 Македонци, егзархисти.[11]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 29 жители, сите Македонци.[12]

На табелата е прикажан бројот на население во сите пописни години:[13]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 315[10] 360[11] 369 400 282 150 60 41 31 29

Селото Блаце бележи голем пад на бројот на населението, па така во 1961 година броело 282 жители, а бо 1994 година броот се намалил дури на 31 жител, сите Македонци[2]. Во денешно време, повеќето куќи во селото се обновени викендички на некогашните жители и нивните потомци, кои доаѓаат во селото преку пролетта, летото и есента за викенд, одмор, а некои и ги обработуваат своите имоти претежно со овоштарници.

Родови[уреди | уреди извор]

Во антропогеографските испитувања на Јован Трифуноски вршени кон крајот на педесетите и почетокот на шеесетите години на ХХ век, за населението на Блаце се забележани повеќе македонски родови, меѓу кои и старинци од поранешното село Румја Лака кои кон крајот на XVIII век го основале денешното село Блаце. Старинечки родови, дојдени од Румја Лака се Богдановци, Грковци, Шулеви, Јовчевци и Мартиновци. Доселенички родови се: Китанови, Дојчиновци и Велковци од село Добрино (во сливот на Кадина Река), Цепеноглавци од село Никуштак (Кумановско), Спасевци, Матовци, Боцеви од соседното село Пакошево, Бошковци, Кожланци од соседното Кожле припадници на тамошниот старинечки род Шипковци[14]. Сите родови се православни Македонци.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[уреди | уреди извор]

  • Црква „Св. Георги Победоносец“ - Блаце, селска црква изградена во периодот на XVI и XVII век на темелите на некоја постара црква којашто повеќепати била споменувана во некои историски прикази засредновековните цркви и манастири[2].

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Празнување на Св. Атанас , Св. Илија и Ѓурѓовден.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Селото Блаце спаѓа во селата од Скопска Котлина кои имаат дадено најголем број на иселеници, од кои најголемиот дел се иселиле во Ново Село, Катланово, Инџиково, Р’жаничино, Петровец, Скопје и Америка[15].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.30
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја.. Патрија. стр. 30-31. 
  3. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.83
  4. 4,0 4,1 4,2 Петров, Гьорче (1896) (на бугарски). Материали по изучванието на Македония.. Печатница Вълковъ. стр. 488.  Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „gjorcepetrov“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „gjorcepetrov“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  5. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.84
  6. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.84
  7. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.84
  8. 8,0 8,1 Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р.Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 58. 
  9. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.85
  10. 10,0 10,1 Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.207
  11. 11,0 11,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  12. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  13. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  14. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.84-85
  15. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 год. стр.85